Право на град

12.06.2013 12:01
Право на град

Таа незгодна 1968 година, свежо пристигнат од жешките улици на Париз, францускиот марксистички филозоф Анри Лефевр ја објавува студијата „Право на град“. Ова денес е слоган и идеја под која се бара тотална трансформација и обнова на урбаниот живот во корист на луѓето, а не на капиталот. Станува збор за критика на економската експлоатација на просторот и политиката на исклучување на граѓаните од одлуките за просторниот развој, односно за големата идеја според која луѓето се тие кои треба да го уредуваат својот урбан простор.

Значи, овде повеќе не станува збор за платите, за право на осумчасовно работно време и штрајк, ниту за правата на жените и хомосексуалците на брак. Станува збор за нешто поосновно и попредусловно, за нешто што воопшто ги допушта споменатите бунтови. Се работи за просторот, како општествена димензија на животот на секој од нас. За местата кои во градот, од античката агора па наваму, претставуваат точки за средби, размена, разонода, но и критика и побуна, кога ќе затреба. Зашто, прашањето за тоа каков ни е градот е неодделно од прашањето какви се нашите општествени односи, нашата политика и култура, нашиот однос кон природата, нашите естетски вредности и сè останато. Слободата да се обликува и преобликува сопствениот град е едно од најдрагоцените, но и најмногу занемарените човекови права.

А за таа слобода станува збор деновиве во Истанбул, односно по градските улици во Турција. Не е тоа никаква најнова „пролет“, туку единствено и исклучиво - право на град. Сè започна како побуна на неколку активисти со симпатии кон зелената боја кои протестираа против планот паркот Гези во Истанбул да се уништи и на негово место да се изгради шопинг мол. Станува збор за единствената зелена површина на монументално бетонскиот плоштад Таксим во европскиот дел на овој двоконтинентален град преполн со историја. Освен тоа, постои важечка судска одлука дека ниту едно дрво во паркот Гези не смее да биде допрено, но власта одлучи дека не ѝ е гајле за такви ситници. Првобитниот план (џамија) е заменет со план за изградба на трговски ценар, какви што на големо подигаат инвеститорите блиски до владејачката партија. Како што сведочат локалните познавачи на приликите, овие трговски центри обично се обидуваат да ја доловат отоманската архитектура, а за последица имаат само изградба на споменици на грдоста и кичот, вредни единствено за настраните социолози.

И сето тоа би се завршило на финансиско „вразумување“ на грст еколози и нивните домашни миленици, ако власта не одлучи да биде посебно силеџиска и арогантна, да ги изади на улица водените топови и солзавецот, а на медиумите да им заповеда да молчат, и да уапси околу илјада луѓе, а да повреди уште повеќе. Зашто дури тогаш стана гадно. Патем, плоштадот Таксим веќе има своја историја на побуни - 1969 година околу 150 левичари се повредени во судирите со десничарските екстремисти, а во масакрот од 1977 година 36 левичари го изгубија животот на првомајските демонстрации. Оваа година, сè им се удри од глава на оние кои сакаа лесно да удираат по главите, затоа што протестот околу зеленилото исправно и логично се претвори во протест во врска со правото на град. Исто така, ситуациите како оваа соголено покажаа дека просторот е создаден во демократија, но во капиталистички град, всушност надвор од индивидуалната или колективната контрола. И, спремни на куп, граѓаните се собраа со намера да ја вратат таа контрола и да си ја земат од арогантната власт.

Како што аналитичарите на БиБиСи веќе забележаа, и секој студент по урбана историја пред глетката на градската средна класа која со прстите вади калдрма и ја трупа за да направи барикади ќе види само една слика - Париската комуна. Која, иронично, успешно е скршена токму заради новото урбано лице на Париз кое го наметнале Луј Наполеон и неговиот градски планер и шпекулант Жорж-Ежен Осман. Имено, широките, преубави и фантастични булевари по кои денес го препознаваме Париз не се изградени за масите туристи да уживаат во прошетката и на Инстаграм да ставаат фотографии направени со мобилните телефони. Тие се изградени така за полициските баталјони лесно да можат да ги разбијат барикадите, ако и кога некому ќе му паднат барикади на памет. Но, нехигиенските сломови и грдите улици не исчезнале под ударите на урбаната обнова на Осман - само од центарот се поместени на периферијата, денес населена со малцинства. Прашање е само колку успешно светлоста на велеградот го заслепува нашиот поглед.

Зашто, не се само државата и политичарите, службите за PR и за човечки ресурси, семејството и градинките, како и рекламите за кредит механизми за обнова на капитализмот. Тоа е и просторот, кој може да биде средство за контрола, доминација и моќ, но и простор за промена и слобода. Секое општество создава свои простори, но и слободните поединци создаваат свои џебови на отпор во просторот. Географијата е сериозна работа, но тоа во училиштата се изгуби во простото меморирање на некакви главни градови и алувијални рамници. И социологот и географ Дејвид Харви пишуваше за владејачката класа која ја маскира сиромаштијата зад сјајните фасади на урбаниот развој. Контролата на градската територија е економска работа и градовите се израз на капиталот: концентрирани точки на производните вишоци. Над Оксфорд се надвиснуваат црковни кули, затоа што Оксфорд е изграден кога црквата имала најголема моќ, како што над Менхетен денес се надвива зградата на Крајслер. А над Цветниот плоштад и Варшавска во Загреб, односно над паркот Гези во Истанбул, се надвиснува(ше) црната сенка на шопинг-моловите, во најновата инкарнација на капитализмот.

Меѓутоа, градовите се подеднакво и точки на бунт и простори чијшто дух ослободува. Градот е најуспешниот обид на човекот по сопствена желба да го преобликува светот во кој живее. И затоа идејата дека на градот право имаат луѓето е револуционерна. А во Турција слоганот „долу влада“ преку ноќ и омасовено го замени слоганот „не ги даваме дрвјата“ затоа што правото на град е важно. И храбрите и бистрите граѓани на Турција многу добро го сфатија ова, додека секоја вечер ја мијат својата маска против солзавец и излегуваат на улиците. Односно, додека бараат вистинска демократија и додека ги обвинуваат дека се дивјаци кои се противат на целокупниот напредок. При што се заборава дека и дотичниот парк беше израз на модернистичкиот прогрес и урбанистички план. Само што тој план во својата калкулација ги вбројуваше и луѓето, а не капиталот. Има различни прогреси, но не се сите во интерес на сите.

Конечно, правото на град го опеа, кој ако не Брус Спрингстин, во албумски епонимичната „Топка за рушење“ („Wreckling Ball“). Само привидно ова е локална песна, во која нараторот е - еден стадион. И тоа стадионот на (американско) фудбалската екипа Њујорк Џајантс во Њу Џерси („Роден сум од челикот овде во мочуриштето Џерси и преку калта и пивото, и крвта и навивањето, гледав како шампионите доаѓаат и си заминуваат“). Но, нејзината суштина е во универзално протестната песна, во сите „наши мали победи и слави кои се претворени во паркиралишта“, додека зборува за секој мал човек во секој агол на светот. Зашто, „работниците немаат татковина“ како што вреска Маркс, додека вториот стадион на Газдата грми: „Ако имаш муда, господине, излези на линија и понеси ја својата топка за рушење“. И затоа, вели Спрингстин, „грижливо да го чуваме својот бес, да не запаѓаме во страв“. Солидарноста со Турците се подразбира, со рефлексивното прашање - а чиј е нашиот град? И само затоа, наместо за турските серии, би требало да се заинтересираме и за турската приказна за правото на градот. Бидејќи, солзавецот ја замени сапуницата.

Извор: Danas
Слики: Ване Костуранов

Слични содржини

Општество / Јавни простори
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото