Какви прекрасни поданици! (1)

17.06.2013 09:47
Какви прекрасни поданици!

1.

Во светлината на актуелниве случувања во Скопје, меѓу другото и со организираното спротивставување на уништувањето на уште еден објект од времето на скопската модерна, текстот на Искра Гешовска („Арена на отпорот“) – којшто за жал го читам со мало закаснение – како да погаѓа во самото средиште на проблемот. Поточно, го лоцира таму каде што му е местото – кај уметникот и неговото (општествено) однесување, денес и овде. Односно, за да не генерализираме – кај македонскиот уметник, кој денес и овде се покажува во вистинската светлина! Со чест на исклучоците!

Искра вели: „ Творечкиот ангажман на уметникот и на културниот работник, доколку сакаме да пулсираме со динамиката на современите културни практики, но и доколку ја погледнеме историјата на уметничкото и културното творештво, нужно мора да биде двигателната навртка преку која ќе се воспоставува дијалог, разговор, критика со и на општествената стварност“. И понатаму: „ Сето ова го покренува прашањето за одговорноста на уметникот. Колку уметникот има капацитет да ја понесе врз кревките плеќи својата творечка, политичка, општествена одговорност како некој кој создава не само дела туку со своите дела креира ставовови, политички релевантни позиции и се нурнува длабоко во рингот на јавната сфера. Уметникот станува централна фигура околу која се гради идентитетот на едно време, на еден државен апаратус“.

И сега, ако кон ова го придодадете фактот дека на протестите (со чесни исклучоци) не видовме ниту еден од нашите гооолеми ликовни уметници, не видовме (пак со чесни исклучоци) ниту еден од нашите етаблирани архитекти – професори на Архитектонскиот факултет, не видовме ниту еден од еднакво големите професори на Факултетот за ликовни уметности… тогаш, каков заклучок следи? Ако кон тоа ја додадете и информацијата дека ФЛУ и ДЛУМ биле дури и прашани дали ќе земат учество, но не го удостоиле весникот ниту со одговор, тогаш кои се и какви се нашиве гооолеми уметници, архитекти, писатели? (Театарската фела веќе ја видовме, тие се – со чесни исклучоци – декларирани контрапротестанти, срам за себеси и својата професија!).

Па нели само пред некој ден оној Веле Смилевски плачеше дека недоволно се слуша гласот на писателите? Па што не дојде/дојдоа пред ГТЦ да кажат некоја од нивните мноооогу умни думи?

2.

Колку ли само труд и средства се потрошија да се промовираат неколку (на времето) млади генерации македонски ликовни уметници како сериозни современи творци! Колку ли време се потроши во нивниот пласман дома и во странство, на биеналиња и изложби низ светот, со цел да покажеме дека и кај нас се создава современа уметност во духот на светските ликовни процеси!

А за кого? За шупелки кои со години се кријат дома и уста не отвораат? За калкуланти, превртливци, упикувачи, сеирџии, квазитворци, „барокни“ шутраци… кои немаат свое Јас? И од нив ние чека(в)ме некакво одговорно однесување, некакви современи уметнички практики, некакви ставови и релевантни позиции по суштински прашања од јавната сфера?

Онаа Хаџи Василева се дом’кна дури од Лондон да лови глувци, а појма нема што ѝ се случува во државата! Имаме уште еден таков (прилепски) „лондончанец“ кој исто така не умее уста да отвори во одбрана на некакви творечки позиции дома. Онаа „славна“ македонска авангарда од деведесетите се напикала во шише и барокно „медитира“! Оној двоецон со кормилар Хаџи Пуља – Бакалчев од Венеција направија свое буниште, ама никако таму да го изложат македонскиот „барок“! Па нели е наша гордост? Оној Сарајлија булазни за некакви подвоени личности, а не се гледа себеси и пајташите му!

3.

Едно време, во далечните деведесетти, пишував за модернистичкиот мит за уметникот како бунтовник и херој. И имав на ум неколку македонски уметници. Но модерната беше одамна завршена тема и мислевме дека тие митови се мртви, зашто постмодернизмот (наводно) нудеше други наративи, поинакви вредности, нови мали и големи приказни. Но тоа, за земји како нашата, е чиста измислица. Шпанско село! Модернизмот и неговите идеи никогаш не се мртви, а посмодерната и сите други изми ќе заживеат тогаш кога општеството ќе биде спремно да ги прифати.

Овие наши лажни модернисти и посмодернисти се всушност само успешни ситни блефери и преваранти, кои успеале во едно време да нè излажат. И толку! Зарем некој сè уште им верува? Освен, се разбира, оние неколкумина „куратори“ кои не знаат подалеку од носот.

Каква свест за времето, условите, за нивното место и улога имаа еден Мартиноски и Личеноски, еден Мазев и Хаџи Бошков, еден Чемерски и Перчинков? Тоа беа уметници кои умееја да ја понесат одговорноста во даден миг, кои не се стеснуваа ниту пак калкулираа кога требаше со дела да се креираат и бранат ставови, без оглед колку тие беа pro или contra системот! Сетете се каква улога имаше тогашното Друштво на ликовни уметници на Македонија во одбраната на уметничките слободи!

А видете ги сега прдљовците од истиот тој ДЛУМ, од ФЛУ, од Архитектонскиот факултет, оние умисленине од АИКА и сите други (наводно) релевантни општествени субјекти? Абе уста да не отворат! Сè по ред мутаво и неписмено, залегнато во рововите на комодитетот и лукративноста, за евро или две! Вакви поданици немало ни во пусто турско.

Каква бре брате уметност или критика, општество или јавна сфера, став или (не дај боже) контрастав. Секој ден, во секој поглед, сè повеќе напредуваме!

И кон ова, а зашто веќе спомнав некакви Турци, еве ви ги нашиве македонски Турци. Додека цел свет, па и младите Македонци се солидаризираат со демнстрантите на Таксим, овие нашиве му даваат поддршка – на Ердоган. Машала!

Извор: teodosievski.blog.mk
Слики: Pixel Chimp

ОкоБоли главаВицФото