Затворениот остров

18.06.2013 12:42
Затворениот остров

Вака беседи еден болничар во романот „Затворениот остров“ на Денис Лихејн: „Знаете, имам работено на неколку гадни места. Во затвори, вклучувајќи ги и оние со максимално обезбедување... Едно од местата беше и болницата за умно пореметени криминалци... Како и да е. Сешто гадно сум работел. Но местово! Овие овде самите си го напишале сценариото.“

Баш така: овие овде, на затворениов остров, во нашата Вила Шашка, самите си го пишуваат сценариото. Мува не ги лази. Мунгоси, ебиветри, лиглиња, трчкала, телетабиси, фуфкачи, друмски разбојници, измамници на ситно и крупно, шапшали, ајвани, акмаци, токмаци, курајбери, шалабајзери, гилиптери, општествениот талог, сето најлошо и најгнасно исползело од дупката и се разбашкарило како господар. Кон дупките, пак, како последно засолниште пред сосема поматената општествена свест, се згнале последните остатоци од разумот, пристојноста, убавината...

На друго место во романот (според кој Скорсезе 2010 направи интересен нео-ноар филм, Shutter Island, со Леонардо Ди Каприо) ликовите си прават муабет за хидрогенската бомба, која настанува во истото време кога се случуваат романот и филмот, во педесеттите години на 20-иот век: „Кога ќе испуштиш бомба, дури и атомска, таа експлодира. Но, хидрогенската бомба имплодира. Се урушува самата во себе, т.е. минува низ цела низа внатрешни колапси. Не престанува да се руши. А целото тоа рушење предизвикува маса и густина. Се раѓа, значи, едно сосема ново чудовиште. Колку е поголем крахот, толку е поголемо саморазурнувањето. Во своето исчезнување, чудовиштето се шири. Од својата имплозија тоа создава експлозија која е стотина пати, илјадници пати посилна од која било бомба во историјата.“

Зборот ми е: за македонското општество груевизмот е хидрогенска бомба. Општеството имплодира, се руши самото во себе, минува низ цела низа внатрешни колапси и не престанува да се руши. Колку е поголем крахот, толку е поголемо саморазурнувањето.

Ни се случи, значи, една банда, т.е. Фамилија (а всушност лешперана), да ни ги одредува не само највисоките политички и културни стратегии, туку и секојдневната реалност. Ни се случи не само киднапирање на градот и државата од страна на лешпери, туку ни се случи киднапирање на целата култура и на сликата на реалноста. Допуштивме ајвани, акмаци и токмаци, со цел да си се бендисаат, националната култура да ја претворат во разубавувачки-изобличувачки огледала, како во луна парк. (А заправо, со сите свои постапки груевистите како само да ја потврдуваат приказната која на Македонците цел век им ја повторуваат сите соседни негатори: Македонија нема културен супстрат; Македонија е вештачки политички проект. Кардинален доказ за тоа токму е сегашната лунапарковска шапшалана на тронот.)

Затоа велам: борбата против груевизмот е борба за. Позитивна борба. Борба за вредности и за принципи. За слобода, демократија и мир. Борбата е против, нагласено против, зашто груевизмот е радикално негативен; ги загрозува токму слободата, демократијата и мирот. Ги загрозува крадејќи, лажејќи, манипулирајќи, рушејќи. Ги загрозува со злоупотреба на политиката, културата, историјата. (Бутаат историја во себе ко бебе што сласно бута расипана кашичка.) Со своето сутеренско ниво на промислување груевизмот, значи, ги загрозува слободата, мирот и демократијата експлицитно (со судски пресуди за слободно изречен збор, со ширење говор на омраза, со постојани заплашувања на оние што мислат поинаку од пропишаното); но ги загрозува темелните општествени вредности и имплицитно, зашто целиот систем тивко се урушува, се претвора во партиски, олигархиски, фамилијарен.

Интересно е што тие груевистички уснопомрднувачки култур-полутани борбата за слобода, демократија и мир ја прогласуваат за субверзивна, за „рушење на легитимно избраната власт“ (според формулацијата на еден фуфкач, инаку високо позициониран член на фамилијата, со функција кум). Заклучокот е дека клептокамарилата забегала толку многу што оние кои останале нормални, застапувајќи некои цивилизациски вредности, сега стануваат екстремни и неприфатливи за власта. Ако некаква нова будала утре пак дојде на власт, следејќи ги од груевизмот воспоставените матрици, дали тоа значи дека одново секој граѓанин ќе треба да го прифаќа новиот будалест светоглед?!

Нејсе. Има такви времиња, понекогаш можеби баш така треба, можеби има некоја подлабока смисла кога светот ќе се преврти, како денес, кај нас: бубашвабите на светло, а цветовите превртени надолу, како ноеви.

Ама, најпосле, не се жалам. Деновиве во секоја прилика го цитирам славниот партизански генерал Коча Поповиќ: „Таму кај што сум јас - таму е слободната територија“.

Фотографиите се од филмот Shutter Island (2010)

ОкоБоли главаВицФото