За глумењето „нормалност“ или Потоп од лаги во библиската земја

19.06.2013 14:13
За глумењето „нормалност“ или Потоп од лаги во библиската земја

Што и да ѝ се случи на Македонија – на политички, историски или астрофизички план (на пример, да биде окупирана и поробена, да пропадне во временска дупка или врз неа да падне астероид со големина на библиската планина Ар Македон) – верувам дека ни милиметар нема да ја наруши гранитната „нормалност“ на нашето секојдневие. Ништо не може да ја разбранува како огледало мазната површина на нашата рамнодушност кон сопствената судбина. Секој ужасен настан од процесот на пропаѓање на македонската демократија и култура – што се случува низ годиниве – наместо да ја „разбранува“ јавноста или да предизвика бура, станува проголтан од густата и леплива тиња на нашата „нормалност“. Клучните општествени трагедии на фактичката загуба на правата и слободите, кои ни се случија од 24 декември до денес, не успеаја да предизвикаат реакција поголема од мрзливо отворање на црната светкава површина и исчезнување на „веста“ во темните длабочини на заборавот, со придружниот звук - „блоп“.

По своевидното палење на македонскиот Рајхстаг и изгонот на опозицијата од парламентот, дојдоа најизмамничките избори во македонската историја - локалните избори 2013, веројатно најмирните избори во последните две децении; токму тој остар контраст помеѓу тоталната нерегуларност на изборите и ледената погребна тишина на изборниот обред е сосем јасна индикација дека лажирањето претставуваше не само симболично туку и техничко погребување на владеењето на правото во Македонија.

Деновиве, повторно во пригодна јавна тишина, почна и режимската блокада на работата на Советот на општина Центар, со организираните „спонтани“ одреди на граѓани – клеро-фашистичкиот башибозук на ДПМНЕ – кои под заштита на полицијата ги кршеа прозорците на општината. Овие лажни „граѓански“ протести против слободата, разумот и правото – во кои само имбецил нема да ја препознае башибозук верзијата на црните и кафените кошули на Мусолини и Хитлер - се продолжени погребни обреди на јавното зачукување клинци во ковчегот во кој почива македонското слободно општество.

И? Како реагираше библиската земја на ова јавно погребување на граѓанските права и слободи? Освен звукот „блоп“, кој можевме да го чуеме после секоја трагична фаза од нашето национално урушување, според реакцијата на македонската јавност не може да се забележи дека што било се случува во библиската земја. Наместо да се бори за својата слободарска суштина, Македонија го избриша од меморија 24 декември, ги заборави и локалните избори и деновиве сонливо ја врти главата за да не ги гледа скршените прозорци на општина Центар.

Иако мртва, библиската земја задоволно цацка со јазикот, замислувајќи дека ја дреме вообичаената попладневна дремка, и (да парафразирам еден духовит циник) на својата смртна постела раѓа здраво и весело мртвороденче - ненормално мртвото општество во кое се живее „нормално“.

Најважниот симптом за поставување на нашата општествено-политичка дијагноза веќе не е изгонот на опозицијата од парламентот или бруталната изборна измама (како симптоми на еден комплетно инсталиран тоталитарен режим), туку леснотијата со која земјава ги заборави вредностите на сопствената слобода и овие срамни и трагични факти на неслободата ги прифати како норма, како обична реалност на животот. Нацијата како да му даде предност на поданичкиот живот во имагинарната божем-демократска стварност, пред соочувањето со грдата реалност на одземените права и слободи.

„Утеха“ за националниот срам поради колективното бекство од слободата можеби може да се најде во науката за обрасците на човечкото однесување. Имено, веќе е познато дека оваа тапа „нормалност“ која ја глуми целото наше општество, е вид биолошки опортунизам на човечкиот вид, психо-социјална реакција која се појавува како еволуциска адаптација која треба во одредени тешки ситуации да му овозможи на човекот да ја преживее грдата стварност на сопствената немоќ, страв и кукавичлук. Оваа јавна претстава на народното самозалажување вообичаено се практикува во сите големи и јавни несреќи, окупации, тоталитарни и мафијашки режими и диктатури, кога на беспомоќниот разум и на уништеното достоинство на луѓето им прискокнува во помош нивната последна одбрана – самозалажувачката свест, која на најекономичен начин на човека му овозможува комфорно да го преживее денот како неслободен и обесправен поданик. Конечно, постои ли поекономично решение – кога трпиш понижувачко насилство – отколку да се правиш дека ништо не се случило? Испаѓа дека навидум ненормалната и перверзно одглумена „нормалност“ е всушност нормално однесување на хомо сапиенсот во ненормални и несреќни околности.

Моќта на оваа самозалажувачка свест и леснотијата со која мозокот ја поднесува лажната стварност и самогенерираните лаги за анестезирање на сопствената совест, изгледа како да се буквално неограничени. Минатата деценија француската и германската јавност беа шокирани и буквално згадени од две изложби на фотографии од времето на Втората светска војна, кои тематски го прикажуваа обичниот живот на луѓето за време на војната. Што беше неподносливо скандалозно во фотографиите? За Французите тоа беа животната радост, свежината и дури егзалтираноста која бликаше од лицата на нормалните граѓани кои за време на војната масовно уживаа во претставите, концертите, кафеаните, бистроите, излетничките места и тогаш многу популарните речни плажи... Денешните Французи ги запрепасти и засрами нехуманата и безмилосна радост на животот и „нормалноста“ на нивните најблиски предци, која се одвиваше истовремено (и едно до друго) со полнењето на возовите со француските Евреи и нивното испраќање во логорите на смртта. Германската изложба предизвика уште поголем ужас, зашто беше составена од семејни фотографии на германски офицери и службеници кои војната ја поминале на служба во логорите на смртта. На фотографиите се овековечени семејните прослави, роденденски торти и новогодишни елки, црковни слави и обреди, сцени од групни игри на здравите и сити офицерски деца, игранки со куп весели, еуфорични и полупијани лица..., сето тоа снимено во самите логори на смртта, во суперпонирани планови во кои на неописливо перверзен начин позадината на оваа животна радост на „нормалните“ луѓе се логорските бараки и оџаците од крематориумите, бодликавите жици и бескрајните колони луѓе, жени и деца, кои со вџашени погледи кротко го чекаат својот ред да бидат ѕверски убиени, фрлени во оган и претворени во црн чад и пепел.

Колку и да е неприфатливо за човечкото самочувство, очигледно е дека не постои толку ужасна стварност која може да ја попречи самозалажувачката свест на човекот и да не му креира лажна „нормална“ стварност која ќе го затскрие ужасот и ќе му обезбеди привид на „нормалност“ и мирна совест. Но, факт е дека оваа „нормалност“ на мнозинството и „мирната совест“ која произлегува од лажната перцепција на стварноста, се немо соучество во злосторот, дури conditio sine qua non на сите масовни трагедии и холокаусти во историјата.

Денес, кога повторно тонеме во окупација и самоубиствен цивилизациски регрес, самозалажувачката свест на „нормалноста“ повторно ни ги врти главите настрана од злосторот кој власта на ДПМНЕ ја врши над нашите државотворни, цивилизациски и културни тековини. Отсуството на сенародниот непокор или барем срам поради сквернавењето на жртвуваната крв на создавачите на македонската држава, како и леснотијата со која се откажавме од нивното дело – македонската (НАШАТА!) слобода и култура, е јасен знак дека самозалажувачката свест повторно „јава“ низ библиската земја. Во потопот од лаги во кој се дави Македонија под власта на ДПМНЕ, владее тоталитарниот принцип на наметнатата лага како „единствена вистина“, а глумењето „нормалност“ и граѓанската пристојност – манифестации на човечката капитулација пред поробувачката сила на злото – се нудат како единствен modus vivendi за локално преживување.

И, затоа, почитувани читатели, нашата борба против тоталитарниот режим на Груевски мора да се добие првин во нашите мозоци – тоа е борбата помеѓу здравиот разум и пропагандата, помеѓу рационалната мисла и самозалажувачката свест, помеѓу вистината и лагата. Оваа борба секој мора да ја избори со/во самиот себе, очи в очи со сопствениот конформизам, обата со крај од шамија во забите и нож во раката, до потполна победа на едниот. Но, тие чијшто разум и морална вертикала ќе ја победат самозалажувачката свест која им го нуди ропскиот комфор на глумената „нормалност“ мора да знаат дека ќе бидат осудени на неприлагоденост, „ненормалност“ и уништување во нашето тоталитарно општество. Ако издржат, нека не се грижат за крајниот исход: извесноста на конечната победа на слободата и правдината лежи во фактот што „ненормални“ и непокорени денес има многу повеќе од времето на бескрајната зима од 1941-1945, кога едвај неколку илјади вистински македонски светци им ја изборија слободата на сите други „нормални“.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото