1004 hPa
81 %
7 °C
Скопје - Чет, 18.04.2024 00:59
„Ништо не е случајно!“ Тоа се зборовите на еден од полицајците кои вчера, сред бел ден, пред еден куп луѓе, го запреле и незаконски, до гаќи го претресле познатиот активист и претставник на невладината „Плоштад Слобода“, Никола Наумоски.
Настрана самиот чин, кој е крајно навредувачки и е понижувачки, настрана што самото незаконско претресување е испраќање порака, она што дополнително ме револтира е што полицајците во цивил сакале да остават и вербална порака до Никола. Демек, ова е лично, затоа и не е случајно!
И оваа порака не звучи како - ништо не е случајно господине, законот не спие, бла бла... Туку звучи баш како што е наменето – како директна закана.
Е, па драги луѓе, нема да правиме драма од настанот, забележувам дека ниту Никола не сака да глуми жртва и тоа е за поздравување. Но, бидете свесни дека кога во едно општество ќе проструи пораката - „Ништо не е случајно“, тоа не е порака единствено наменета за Никола, туку за секој од вас. Таа порака, колку што е лично заканувачка, толку е и заканувачка за сите останати граѓани.
Не беше потребен овој случај за да констатираме дека Македонија е полициска држава. Целиот репресивен апарат е во рацете на еден човек, кој никој не го контролира, кој ги држи тајните служби, полицијата, па дури има и мала приватна војска преку обезбедувањето.
Не заборавајте дека сме полициска држава и затоа што поради полициската бруталност, или поради бруталноста на оние полицајци кои се блиски до власта, беше убиено дете. И малкумината богати бизнисмени и многуте сиромашни граѓани секојдневно се соочуваат со самоволието на власта изразено преку полицијата. Се апсат бизнисмени и цели нивни семејства и се оставаат 100 години да скапуваат во затвор. Со местенки на полицијата се затвораат политичари или пак новинари. Кој друг, ако не одредени полициски службеници, насилно ги вадеа новинарите и пратениците од Собранието на „црниот понеделник“. И на тој ист ден, кој друг го тепаше сопствениот народ, кој удираше врз поранешен претседател и премиер, ако не полицијата потчинета на власта.
Ова што му се случило на Никола е само еволуција на еден процес кој трае 7 години. Главната порака од власта е дека игра пресинг, игра човек на човек, и секој денес или утре може да биде потенцијална мета. Власта сака да ни порача дека преку злоупотребата на полицијата, таа не само што е арбитрарна, не само што е насилна, туку е и хируршки прецизна. Никој не смее да се чувствува сигурен и никој нема да право да се опушта со фамилијата на власт.
Полицијата има многу чесни припадници, кои пожртвувано работат за сите граѓани. Но, за жал, исклучоците паѓаат во вода кога власта ќе изгради тоталитарен систем кој, меѓу другото, се базира пред сè на репресивниот апарат. И полицајците се првите жртви на еден режим каде најмалку од сè се почитува законот. Еден ден оние што се доблесни ќе мораат да се побунат, затоа што и од нив зависат промените, затоа што на некој начин тоа „Ништо не е случајно“ се однесува и на нив самите.
Слика: Банкси