За изложбата David Bowie is...

11.07.2013 08:41
За изложбата David Bowie is...

Victoria&Albert, London
David Bowie is

Прва ретроспективна изложба посветена на богатата кариера на Дејвид Боуви 23.03-11.08.2013

 

Во музејот Викторија и Алберт во Лондон од март до август се одржува прва ретроспективна изложба посветена на Дејвид Боуви. Освен богатата кариера на Боуви која е цврста основа за реализација, важна улога имаат и организаторите Gucci, 59 Production и Real Studios, кои заедно ги споија своите можности и искуства да допринесат што е можно покреативно мултимедијално претставување на кариерата на Боуви.

Искрено не очекував толку голем интерес за изложбата на Боуви организирана во Англија, каде што и претходно се случувале редици изложби поврзани со значајни музички личности и периоди од областа на британската поп музика, но не биле посетувани со толку голем интерес. Сите достапни онлајн влезници за изложбата за Боуви беа продадени најбрзо во целокупната историја на работењето на музејот Викторија и Алберт. Тоа придонесе да се зголеми интересот па и еуфоријата на фановите, но и на останатите не толку посветени слушатели на музиката на Боуви.

Секојдневно пред отворањето на музејот во 10 часот колона од околу стотина посетители трпеливо чекаат да се отворат вратите. После час и половина чекање, пред да дојдеме на ред да купиме влезници, имавме среќа да добиеме два ваучери од човек кој нè одбра или случајно или заради маицата што ја носев со слика од омотот на последниот албум на Боуви. Затоа, расположението веднаш ни се поправи, заборавивме на претходната непроспиена ноќ и побрзавме да влеземе во светот на Боуви.

На изложбата во повеќе простории се приложени над 300 предмети: рачно напшани текстови на песни, сет листи и делови од дневникот на Боуви, понатаму, оригинални костими, фотографии, уметнички слики на Боуви, филмови, видеа, омоти, инструменти, книги и др. Иако нема прецизен хронолошки преглед, сепак изложбата во генерални рамки почнува од детството на Боуви, а завршува со резиме со приказ на Боуви како влијателна личност не само во музиката туку и во модата, уметноста, видео игрите.


На почеток е прикажано детството на Боуви, неговите први музички лекции, први музички соработки, концерти и влијанија, активностите на неговиот ран бенд Конрадс. Преку разните еклектични влијанија, Боуви сепак имаше способност и интуиција истите да ги преработи на нов начин со нов интензитет. Тука се германските експресионисти, битниците, јапонскиот кабуки театар, кабарето, пантомимата и др.

Како втор дел на изложбата следи хронологија на приказ на кариерата на Боуви од креирањето на Space Oddity, Ziggy Stardust, Ashes to Ashes, па сè до последниот албум. Тоа е реализирано со приказ на неговите најпознати костими од разните периоди, омоти, текстови, нотни примери, а кулминира со големата сала каде што на неколку видео бимови се вртат настапи на Боуви, а на расположените посетители може само да им биде поубаво ако го слушаат на концерт во живо. Од периодот на 70-те години впечаток оставаат автопортретот на Боуви од периодот на Heroes, клучевите од станот на Боуви во Берлин, малиот синтисајзер на кој се создавала познатата трилогија, катап техниката за креирање на текстовите за Heroes. Несекојдневно е да се видат и анализираат рачно напишаните текстови и креативни инспиративни моменти на Боуви за Rebel Rebel, Starman, Five Years…Меѓу изложените костими не може да се одреди кој е повпечатлив, тука се костимите од турнеите и промоциите на Aladdin Sane, Ziggy Stardust, палтото дизајнирано од Alexander McQueen за омотот на Earthling, костимот Pierrot, дизајн на Natasha Korniloff, кој се користи за спотот на Ashes to Ashes, огромното одело искористено за настапот на Saturday Night Live заедно со Klaus Nomi или пак златестото палто кое го носеше на Glastonbury во 2000.

Низ целата темна основа на просторот надграден со изложените предмети, светлосни, звучни и видео ефекти, важни се и кратките различни пароли кои се надевам дека повеќето посетители ги тераат да добијат нови идеи, заклучоци или коментари. На пример, David Bowie is moving from time to time; David Bowie is plagiarism or revolution; David Bowie is forgetting himself. Истите се искомбинирани и со изјави на Боуви од интервјуа. На излезот, текстот на ѕидот во втората половина е пречкртан - David Bowie is------ оставајќи им на посетителите сами да си креираат свој коментар.

Изложбата се завршува со посета на продавницата на музејот каде што има безброј сувенири по достапни цени за добар спомен и збогатување на дневниот простор. И покрај за/против анализите за присуството на творештвото на Боуви во Викторија и Алберт, претпоставувам дека целокупната изложба (со уште неколку други изложби/перформанси од последниве две-три години, пр. M.Абрамовиќ) ќе биде запаметена и ќе биде анализирана како обид за поместување на границите на актуелните музејски организаторски делувања.

ОкоБоли главаВицФото