Коренот на стеблото ја надминува мерата на нивните разуми (4)

20.07.2013 10:57
Коренот на стеблото ја надминува мерата на нивните разуми (4)

Од век до век од пладне до полноќ

Еден е часот (IX век)

Кон конечна точка Скорпион ме брка
од колепка отров без прекин сум сркал.

Два е (X)

За отсутност - Кантар. На тас сум се јазел
соголен до коски, жолт костур и празен.

Три е (XI)

На боска ме стиска Девственица гола.
Со секира тешка син нероден колам.

Четири е (XII)

Рев на лав. И ништо. И нокти в месо.
Испокинат лежам, ме покрива песок.

Пет е (XIII)

Мраз в напнати жили. Јас - стебло на глечер.
Кон неспокој в неврат Рак-гигант ме влече.

Шест е (XIV)

Под Близнаци сложни, на крвав мој самар
од скок паѓам до дно на огнена јама.

Седум е (XV)

Под копито темно на Бик сум. И гнијам.
И жеден и скршен од жиливе пијам.

Осум е (XVI)

Соѕвездија пасе Овен стар и дрчен.
Со напукнат ’рбет на рог сум му згрчен.

Девет е (XVII)

Сточелустна Мрена од вселенска вода
до жили ме смука, до ковче ме глода.

Десет е (XVIII)

Водолеец-грозник, и лигав и врескав,
до шутово теме ме нурнува в треска.

Единаесет е (XIX)

Со муцка на светец див Јарец ме брсти.
Испасена брада, соголени прсти.

Дванаесет е (XX)

Од глуво во слепо. И цел сум на Стрелец.
Стар сум, стар сум, стар сум и сè уште зелен.
И Пејо сум еден...
Ме носи ли в пена понорница река
до петици жеден,
и што сè ме чека, и што сè ме чека?


Паметник на победникот

Од рамово мое црн мршојад трупја брои.
Со смрзнато срце јас заден сум маж и воин.

Ни лева ни десна. Ни раце за замав.
А сонував крилја.
Веселничка игра ми забуца кама
под тилов мој лилав.

И врие до усвит под челнава коска жолта
неразумот улав. И севезден песок голтам.

ни лева ни десна. На опаш се влечам
и безгласно пиштам.
Сум победник заден. Немо јами ечат.
Во очиве ништо.

И што ми е. Ништо. И да ми е ништо ми е.
А зад мене негде в зоб главата моја спие.


Ивец

Не спие во срцето на погачата
како тогаш и тогаш
белиот здив на црцорците.

Во нозете шантави некој ми ги испокла
играорците.

Не расне во виното зајдисончево
како тогаш и тогаш
есента истината.

Од очиве шашливи некој ми ја ископа
виделината.

Не танцувам на штит јас стробјак
како тогаш и тогаш
струплив и крвав здробеник.

Од кобни јуди подземници
ротите ми се заробени.

Коњи црцорците ги испасоа
мртви виното го излокаа
копја стробјакот го искитија.

Не сум веќе Ивец. Ни здравец. Ни живец.
Ни војвода на гладни.
Господи прости му на светов здивен
и дај му нога в задник.


Тројца на бесилка

1.
Ме обесија. Без клун бев гракав.
Од бајат залак повеќе сакав.

2.
Ме обесија. Без трошка мака.
Од капка вода повеќе сакав.

3.
Ме обесија. Требаше така.
Од голтка воздух повеќе сакав.

*

Песната им е дупка во ветер.
Ветрот ја чува и ќе ја каже
на ветренца внуци. В пресрет му лета
подземно ехо

На секое грешно и алчно маже -
слушате ли Мијаци
слушате ли Брсјаци -
државската каса му купува јаже.


Оковано јаболко

На каменен диск
помеѓу отуѓено море и жеги
лежи во кора од загатки.

Векови се дробеле на него
дојди војна - поглодај го
дојди друга - крвца локни му
дојди трета - во челуст стисни го,
сите заедно
и уште некои
алка по алка - оковај го.

Животец. Убавина на болот.

Го оковувале
со коски и огнови
на три резени до срце
тоа јаболко разделено,
во семката негова сепак
родилките обврски да сочуваат.

Така е, раѓај и реви, судбино.

Од утробата
огнораѓачи му извираат
куп врз куп
полека
душеболно полека
од оковите многустолетни
споменик да му исковаат.

Во железото црвот
без иднина да е.

Многу крв човечка и густа
и тешка и корална
сок му е во резените.

Сура и сурова приказна
под одрани окерни неба.

Под нив прска јаболкница,
чадот го разбркува.

Од збирките: Евангелие по Итар Пејо, 1966 (Ивец, Тројца на бесилка), Каинавелија, 1967 (Од век до век од пладне до полноќ, Паметник на победникот), Оковано јаболко, 1979 (Оковано јаболко)

Слики: Christopher Davison

Кон првиот дел

Кон вториот дел

Кон третиот дел