Стара железничка станица

22.07.2013 12:33
Стара железничка станица

Ако железницата е симбол на напредокот, сообраќајот, брзото премостување на големи оддалечености, со еден збор – на новото време, тогаш железничките станици се нивните круцијални точки. Тие се местата на слободата, местата каде што луѓето купуваат билет за својата иднина, каде што се чека возот што ќе ве однесе во подобрата иднина, каде што се чувствува размената на енергии и мешањеto меѓу разни карактери, нации, вери... Во таа смисла и Старата железничка станица во Скопје (сегашен Музеј на градот Скопје) не е, поточно не била никаков исклучок. Освен што е и симбол, поточно беше, на страдањето на еден град, симбол на најголемата катаклизма во поновата историја на македонскиот главен град, земјотресот од 1963 година, чија 50-годишнина токму деновиве ја одбележуваме. Од друга страна, таа беше и симбол на новото раѓање на градот, токму потсетување на неговата отвореност, на реобновата, на светската солидарност, центар на изградба на новото, урбано Скопје. Денес, ете, не е ништо од сето тоа.

За волја на вистината, ако се суди според железничките станици, Скопје своевремено бил на вистинскиот пат да стане вистински урбан центар. Уште првата железничка станица, според податоците отворена во 1873 година, не само што била меѓу подобрите на овие простори, туку дефинитивно била меѓу првите. На крајот на краиштата, му служела на градот во повој повеќе од шест децении. Сегашната Стара железничка станица, инаку дело на српскиот архитект Велимир Гавриловиќ, е започната да се гради во 1937/38 година, а е пуштена во употреба 1940 година. И во тоа време важела не само за најубава на Балканот, туку и за една од поубавите железнички станици во Европа. Дури и капацитетот од 24 воза дневно плус 14 локални (Скопје – Ханриево, инаку денешен Ѓорче Петров, а тогашна населба Генерал Харнис, според извесен француски генерал, кој војувал на овие простори во Првата светска војна) или, како што се наведува во изворите, нешто повеќе од илјада патници дневно, на град со нешто помалку од 70.000 жители делува мошне импресивно. Секако, тука е и актуелната железничка станица, дело на јапонскиот архитект Кензо Танге, која, исто така, реферира на Скопје како кон еден од главните балкански сообраќајни јазли.

Малку е познато дека Старата железничка станица е бомбардирана за време на Втората светска војна, а погоден е токму нејзиниот десен дел, оној што подоцна настрада во земјотресот. Имено, по војната овој дел е поправен и реновиран, ама очигледно не доволно цврсто како основната градба, па токму затоа остатокот од Железничката станица останува речиси неначнат, а десниот дел сосема се урива. Освен непроценливата штета, изразена во човечки жртви и материјални штети, туку треба да се спомене и целосното уништување на ремек-делото на Борко Лазески, муралот „Фреска од НОБ“, за многумина негово животно дело и своевидна „македонска Герника“, кое било сместено токму во десното крило на Станицата.

Непосредно по земјотресот, решено е урнатиот дел од Станицата, заедно со сочуваните перони, како и со неколкуте вагони, нормално и со часовникот над главниот влез на Станицата, застанат во 5.17 часот, во времето на случувањето на катастрофата, да останат како споменик на трагичниот момент на скопската историја. Вистинската обнова на Старата железничка станица, според идејното решение и проектот на архитект Светислав Петровиќ од тогашниот Републички завод за урбанизам и станбено-комунална техника (изведба на „Пелагонија“), се случува во 1968 и трае до 1970 година. Освен што е конзервирана урнатината, тогаш, меѓу другото, е ставена и армирана бетонска конструкција која може да издржи и појак земјотрес од тогашниот. Во 1975 година на ѕидот до урнатина е ставена славната изјава на Тито, дадена токму на ова место, при неговата посета (заедно со советскиот лидер Хрушчов) ден по земјотресот: „Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме. Тоа ќе стане гордост и симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност.“


Но, она што не можеше да го урне земјотресот, можат да го урнат луѓето. Имено, земјотресот, а особено Старата железничка станица, како негов најмаркантен симбол, не значеше само девастирање на градот, туку и она што се чита од изјавата на Тито – симбол на раѓањето на урбаната метропола. Денес, се разбира, сме сведоци на политичка, културолошка, социјална, урбанистичка, па и општествена провинцијализација на урбаната компонента на градот, па во таа смисла очигледно е политички опортуно да се заборави дека некогаш Скопје, Македонија, тогашна Југославија, а особено светот, успеаја од Скопје да создадат урбан центар со сите градски атрибути. За почеток беше тргната изјавата на Тито (уште во времето на првата влада на ВМРО-ДПМНЕ, онаа на Љупчо Георгиевски), а за време на премиерувањето на Никола Груевски беше направено сето друго: премачкан е ѕидот на кој беше поставена пораката на Тито, за да нема ни трага од неа; урнатините се тргнати; урнати се пероните; уништени се преостанатите вагони (еден од нив беше од славниот „Ориент експрес“, што самото по себе говори за значењето што овој град некогаш го имал); отстранет е споменикот „Скопје ‘63“ на Томе Серафимовски... Од ваква перспектива гледано, и онаа ставка од предизборната програма од претходните локални избори на актуелниот градоначалник Коце Трајановски дека ќе го поправи и часовникот на Старата железничка станица сега не делува воопшто толку блесаво како што тогаш се чинеше. Едноставно, на обновата на Скопје не смееме да се сеќаваме. И сите траги од неа ќе бидат систематски отстранувани и уништувани (од промената на имињата на улиците што имаа некаква врска со обновата, па сè до „барокизацијата“ на Градскиот трговски центар и сегашната зграда на Владата на Република Македонија).

Денес, значи, Старата железничка станица има изгубено голем дел од својот идентитет, пред сè како урбан топоним, влезен во животите на многу скопјани. Нејзината околина е комплетно оградена со тараби, зеленилото е речиси целосно уништено, хотелот „Бристол“ отспротива затворен... Едноставно, маргинализирана е, пред сè, како едно од позначајните жаришта на овој град. Околу неа, претпоставувам, ќе никнат разно-разни катни гаражи со чудни фасади, шопинг-молови со почудни намени и никогаш достаточни административни згради. Со еден збор, сето она што е неопходно за да може градското централно подрачје да се претвори во предградие. Веќе денес речиси немате никаква потреба да поминете крај Старата железничка станица. На оската север-југ патот е блокиран, а исток-запад е маргинализиран.

А своевремено, од тука не поминуваше само султанот Мехмед V Решад, туку и лично Дедо Мраз од Железничката станица со пајтон доаѓаше на плоштадот. 

ОкоБоли главаВицФото