Луѓето кои ја бранеа човечноста

23.07.2013 11:43
Луѓето кои ја бранеа човечноста

Пред точно 69 години голема група заговорници изведува неуспешен атентат врз Адолф Хитлер. Тој обид главно се врзува со Клаус фон Штауфенберг, но сега една книга ја расветлува приказната и некои непознати заговорници.

Процесот против атентаторите пред злогласниот Народен суд на национал-социјалистите бил фарса од прв ред. Претседателот на судот Роланд Фрајзлер имал директна наредба од Хитлер да им ги скине главите на заговорниците, но освен животот, да им го одземе и секое достоинство. Меѓу четворицата луѓе кои седнале на обвинителна клупа на 7 и 8 август 1944 се наоѓал и еден од најмладите заговорници против Хитлер - Фридрих Карл Клаузинг. Претседателот на судот Фрајзлер никако не можел да разбере дека Клаузинг токму поради достоинството и тргнал во опасниот заговор против Фирерот.

Судбината на десетте непознати

Клаузинг е еден од дури 2.000 луѓе кои на овој или на оној начин учествувале во побуната. Од нив, 200 веднаш ќе бидат погубени, меѓу кои голем број видни офицери и политичари. Во акциите кои следат, речиси 5.000 припадници на Движењето на отпорот ќе бидат ликвидирани. Меѓутоа, за Клаузинг и стотици други заговорници малку се знае. Јавноста денес често ја поврзува побуната само со полковникот Клаус фон Штауфенберг, кој го внесол експлозивот во Хитлеровото „Волчје дувло“, командното засолниште кај Растенбург во денешна Полска.

Фотографијата на досега малку познатиот Клаузинг сега се наоѓа на кориците на книгата „Сопатниците на Штауфенберг - судбината на непознатите заговорници“.

„Оваа фотографија ги илустрира напорите на заговорниците, но и нивната општествена осаменост. Тоа секако не е фотографија на херои“, вели коавторката Антје Фолмер. Оваа публицистка и теолог 11 години била потпретседател на Бундестагот пред Партијата на зелените. Заедно со новинарот Ларс-Бродер Кајл ја раскажала судбината на десет непознати заговорници, меѓу нив и на Фридрих Карл Клаузинг. „На Клаузинг му било посебно тешко, затоа што доаѓа од семејство на убедени национал-социјалисти и морал да се дистанцира од тоа“, вели Фолмер.

Можело да успее...

Кајл раскажува за неблагодарната положба на мрежата на заговорници: „Атентаторите почувствувале дека се малцинство, дека државниот удар ќе ги остави на бришан простор. Знаеле дека повеќето сонародници нема да го поздрават тој потег.“ И покрај тоа, неистомислениците на Хитлер низ целата земја разграниле мрежа составена од војници и цивили. Не станувало збор само за убиство на еден тиранин, туку за промена на целата парадигма. „Постоеле планови за цивилна преодна влада“, вели Кајл.

Потоа доаѓа 20 јули 1944. Тоа ни одблизу не бил пиратски, јуначки јуриш, туку добро осмислена акција. Авторите на новата книга по обемните истражувања тврдат - целиот план за промена на режимот можел да успее, но под услов Хитлер да бил убиен тој ден. Сепак, диктаторот е само благо повреден по детонацијата на експлозивот кој Штауфенберг го поставил под масата на која Хитлер и воениот врв го разгледувале текот на војната.

Денес атентатот се потценува

Последните децении сè почесто се слуша мислењето дека „јулските заговорници“ лошо го планирале и аматерски го извеле атентатот. „Тоа не е точно“, категорична е Антје Фолмер. „Важно е да се сфати дека во тој момент уште само околу 200 луѓе воопшто имале пристап до Хитлер. Диктаторот станал многу недоверлив.“ Авторката смета дека денес планот за уривање на нацистите се потценува, иако тоа била најсериозната акција со реални шанси земјата и светот да се ослободат од Хитлер и неговите соработници.

Книгата за малку познатите заговорници најпрво требало да се вика „Десет праведници“ - тој работен наслов потсетува на старозаветната приказна за Авраам, кој се обидел да ги спаси Содома и Гомора од уништување. Бог ветил дека нема да ги уништи градовите ако во нив најде барем десет праведници, но Авраам не можел да ги најде. „Работниот наслов требаше да илустрира дека заговорниците против Хитлер биле само капка во морето соработници и симпатизери на режимот“, објаснува Антје Фолмер.

Таа додава дека денешната генерација мора да ја препознае жртвата на тие луѓе кои ги прифатиле сите последици за себе и своите семејства за да ја урнат диктатурата. „Тоа биле луѓе кои ја бранеле човечноста, кои се кренале за своите убедувања, иако успехот бил неизвесен“, заклучува таа.

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото