Коренот на стеблото ја надминува мерата на нивните разуми (6)

24.07.2013 10:03
Коренот на стеблото ја надминува мерата на нивните разуми (6)

Стихови

 

***
Удри Ѓупче тапани
рие еден крт
збира трупја скапани
султанката смрт.

(Световрашка, Евангелие по Итар Пејо)

***
На јазиков гасеница ми лази. Ќе ја плукнам ли
пред да стане пеперутка на пакост?
(Под точка разно, Евангелие по Итар Пејо)

***
Осамен призрак сум. Коски голи.
Нигде пандур ни советник бански.
Срце немам и празнина боли
што сум за градов еден снег лански.
А народов - глупав. Извишил згради.
Се качува. Ѝ ги цица на луната боските.
Ако и ако. Ќе му ги изгори веќе
предвоеното сонце и жилите и коските.
(Глуво доба, Евангелие по Итар Пејо)

***
Астропеус е вселенски викач
со свој закон Нудам мртва слика
на продажба
. Гроб во гроб се спикал.
(Мртва слика, Астропеус)

***
Оваа проклето портокалова есен
без капка сонце ќе умре на моето мртво чело.
А кога тоа ќе се случи
во моите песни ќе се разбудат
жените војниците арамиите
сеачите грабачите проклетниците
калуѓерите и хулиганите
и ќе се наведнат сонливи
без молитва дури и без воздишка
и пред да ја заземат крчмата на крстопат
бројгеловски призрачни и потсмешливи
ќе речат - така му требаше.
(Синаја 5, Каинавелија)

***
Сепак жив сум. Апат. Дали апам?
Цвет ми ’рти в уста. Нема запир
за животот. Сонот појде на пат
и в гроб стапи.
(Петте чакали на Астропеусовата треска, Астропеус)

***
Посеал. Пожнеал.
Овесот на небратим му го подарил
од трњето облека исткаал.
Време му било да ѝ се врати
на колепката во Космосот
од чанак спомените да си ги исрка.
А тие - коска в грло!
Ене го,
како смеа се провлекува
од чамов ковчег,
како чад низ шуплив кокал.
(Поетско простување, Астропеус)

***
Коските по коски се гладни.
На коските под земја не им е сеедно
што ќе стане со коските што жнеат над нив.
(Коски, Каинавелија)

***
Итар Пејо сум опашан со мамби на магли.
Разграшти ми ги очиве лисечки да мерам сиво
зашто времето-стапица ме чека на сите агли.
(Под точка разно, Евангелие по Итар Пејо)

***
ЛАВ в смолести магли покрај мене мине.
Грива му кубам.
Лав в смолести магли глава ми кине.
(Самоизгнаник во кругот на Зодијак, Евангелие по Итар Пејо)

***
Богочетци скрбете по сотоната
космат и копитест. Игемон нека е ваш.
Земјо ништа со преимничко име
наздравје
земјо трновиден бокор
наздравје
сета си ископано око
во кое крвав дожд паѓа.
Глаголи ми дали иногда и днес
во оваа Маќедонија
потомок слеп на слепецот се раѓа.
(Слепци, Евангелие по Итар Пејо)

***
Ги подучувам: светот е бездна во бездната зинала дупка во дупката јама во јамата шилец на кама. Што ќе му нему длабочина? Свиња е. Топло му е и во кална кочина. Го подучувам да биде зрно маково. И покорен може да ја гровта лагата игралито срце јунаково.
(Теофилакт Всемоги Архиепископ Охридски се моли за македонските Словени, Евангелие по Итар Пејо)

***
Еднаш ги најде темно настрвен метал
мртов дел да се негде или злоглужда гламна
на некаков лажен барок мундирска еполета
и само сенка срамна.
(Од Астропеусовото евангелие, Астропеус)

***
Блазе си им на младоженците.
Ќе легнат на гранитна постела
и ќе котат сомневања:
костурчиња разумокркачи
костурчиња утроболокачи
костурчиња цицалчиња.
(Сомневања, Астропеус)

***
Некои ги цеделе пајажините
некои ги молзеле биволиците
некои од магла сокови собирале.
(Произведувачи на зборот, Астропеус)

***
Затоа ноќе в соништа врели
бескрајно ковам со света лика
од суви коски копја и стрели
олтарот од нив да биде спасен.
И сепак в брада носов го пикам
саноќ ме јава саноќ ме јава
врколак гнасен.
(Теофилакт Всемоги Архиепископ Охридски се моли за македонските Словени, Евангелие по Итар Пејо)

***
Деспот си ја прегрнал сенката.
Танцува по беспатици.
(Деспотовото будење, Измислена тврдина)

***
Градот на патерици
си ги пребројува куќите.
Една по една
куќите му се отуѓуваат.
Новодојденци со лица од камен
ни ги бришат имињата
од портите и ѕидовите.
Што се случува тоа со нас?
(Бессоници 11, Измислена тврдина)

***
Чудовиште.
А очи сафирни.
Ту е над тебе
ту во тебе.
Не му бегаш.
Му се отвораш.
Со полен очи му миеш.
Од дланка го поиш,
рака од рамо ти корне.
Со песна го успиваш,
јазик ти прегризува.
(Препородување на чудовиштето, Измислена тврдина)

***

Чекај.

Почекај си.
Утре ни на гробот гроб не ќе му ископаш.
Утре и сенките ќе бидат без сенки.
Утре твојата ситост слатко ќе те излапа.
Утре.
Денес си сон во кожурец на сонот.
А јас кога ќе се разбудам
ќе ја истресам земјата од глобовиве
и ќе се прашам што се случило.
И ќе се видам во скришна осојница
сенка распната.
Каине македонски
ќе се насмеам
за умрените и сонцето е умрено.
Авеле
ќе затрепериш на пајажина
чудесата се викале самоуништување.

А обајцата ќе сме без кожи
и не ќе можеме со нокти да се дереме.
На голите прсти
место нокти суши ќе се собираат.
Чудно е, Каинавелијо, чудно е
како денес Каина и Авела ни ги ничкосува
утрешното ѕвоно на нивното умирање.
(Песна за иселеникот каинавелиски, Каинавелија)

***
Не сум жив.
Сепак не убивај ме.
Отвори ја дланката
од неа ќе ти прочитам
кога и ти ќе си сениште.
Гледаш ли блед насилнику
линијата на твојот живот
во лак се спушта
кон дното на една крв песја,
песоглав ако си веќе
таква крв и ти прилега.
Закопот ти го читам од дланка.
(Читач на дланка, Астропеус)

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел
Кон петтиот дел

Слики: Christopher Davison