Скопје на 26 јули во 5.17

24.07.2013 13:43
Скопје на 26 јули во 5.17

Скопјаните ќе го запаметат 26 јули 1963 година како најтрагичен ден во новата историја на градот. Беше петок, сончев ден, без ниедно облаче на небото. Граѓаните кои беа станати пред 5 часот се приготвуваа да одат на работа, или на пазар, како и секој обичен ден. Но, одненадеж од земјината утроба се чу морничав татнеж кој траеше десетина секунди и кој беше катастрофален за градот. Огромните новоградби и масивните повеќекатници како кули од картон се распаѓаа, затрупувајќи илјадници деца, жени и трудбеници кои се затекнаа во постела во утринскиот сон. Наеднаш потоа втор, па трет удар. Градот беше обвиен во густа магла, од правта на урнатините. Неколку минути подоцна, кога правта се слегна, се виде вистинската катастрофа. Настана ужас. Од сите страни се слушаа викотници, писоци на затрупаните и лелеци за своите блиски. Од силниот подземен татнеж и од тресењето и кршењето на зградите граѓаните рипнаа од своите постели и во долна облека бегаа надвор од зградите барајќи спас по паркови, широки улици, крстопати и сл. Бидејќи беше топло време, многу граѓани спиеја голи или многу слабо облечени, тие така и истрчаа надвор. Немаа време ништо да земат за да се облечат или покријат. Многу родители само ги грабнаа своите деца и така необлечени избегаа надвор. Имаше случаи, нo мошне ретко, родители да си ги заборават своите деца, па потоа пак се враќаа во зградата по нив. Семејствата од подолните катови зачас се најдоа на улица. Меѓутоа, на оние кои живееја во повисоките катови им требаше повеќе време, а тие мошне го чувствуваа нишањето на зградите. Многу семејства не можеа да излезат од своите домови, било затоа што вратите не им се отвораа, или затоа што скалите им беа урнати, или излезот им беше затрупан. Некои од нив рипнаа од прозорите, а имаше и такви кои рипнаа од толку голема височина што си ги кршеа нозете од паѓање. Поради тресењето на зградите се искривија рамките на вратите и прозорците, така што отворените врати и прозорци не можеа да се затворат, а затворените да се отворат. Затворените врати, паднатите скали и затрупаните излези како да се зарекоа да им го спречат излезот на семејствата.

Според сеизмолошките станици на Скопје, Белград, Титоград, Сараево и Љубљана, земјотресот започнал во 5 часот, 17 минути и 15 секунди и со извесни прекини траел до 5 часот, 57 минути и 56 секунди. Поради тоа што скопскиот сеизмограф се најде во епицентрално подрачје и поради силното тресење, стрелката на сеизмографот се измести и не регистрираше 40 минути, сè додека не ја оспособија. Според податоците, хипоцентарот на земјотресот се наоѓал под самиот град на длабочина од 3 километри. Целото подрачје, каде што има урнатини, зафаќа простор од околу 16 квадратни километри. Според микро-сеизмичките податоци, најсилниот земјотрес имал 9 степени, по меѓународната скала на Меркали-Зиберг. Епицентралната линија се протега од Техничкото училиште до плоштадот „Слобода". Изосеизмичките линии со степен 10 го зафатија подрачјето околу епицентралната линија, а поширокото градско подрачје има изосеизма од 9 степени. Урнувањето зависи не само од јачината на земјотресот, туку и од геолошкиот и геомеханичкиот состав на земјиштето; имено, од таа причина едни згради се наполно урнати, а други се речиси неоштетени, иако се една до друга, или половина зграда се урнала, а другата половина останала цела. Пустошењата се пострашни во песоклив или растресит терен, додека на цврст терен тие се помали. Треба да се знае дека во потресената област постојат места каде што потресите толку не се чувствуваат („трусни мостови" или „трусни острови"). Според тоа, има основа и мислењето дека делот на градот кој се наоѓа преку железничката линија, е поштеден благодарение на тоа што Водно има специфичен геолошки и геомеханички состав, додека самиот град стои на тераси изградени од реката Вардар и тоа од чакал и песок.

Земјотресот се почувствува и нанесе штети и во околните села во пречник од околу 40 километри. Така во Ѓорче Петров нема ниедна станбена зграда во сосема исправна состојба. Во оваа општина околу 600 згради се толку оштетени, што во нив не е можно да се живее. Оштетени се речиси сите училишта во Ѓорче Петров и во селата Бардовци, Вучидол и Крушопек. Во општината на село Петровец се урнати 269 станбени згради, a 874 се оштетени. Онеспособени се 5 училишта. Многу се оштетени селата Белимбегово, Мларино и Кадино. Во нивите околу селото Јурумлери на неколку места изби подземна вода а бунарите до горе се наполнија со тиња.

На патот кон Титов Велес има на неколку места пукнатини од околу десетина метри во должина. На стариот пат кон Ѓорче Петров, а особено на делот кај градската плажа се јавија повеќе пукнатини од околу 200 метри, а ширина од 1—10 сантиметри. Во вториот дел на градскиот парк исто така се појавија повеќе пукнатини.

Се знае дека по главниот удар што може да се развлече во 2, 3 и повеќе удирања, но секојпат во краток временски период од само неколку минути, настанува подолга серија на нови земјотреси чиј интензитет е во опаѓање. Оваа серија на удари ја уситнуваат енергијата во повеќе полесни потреси што главно не предизвикуваат штети, туку ја средуваат растроената утроба на земјата и пак се постига рамнотежа. Процесот на смирување може да трае и неколку години. И по скопскиот земјотрес настана серија на многубројни поситни удари кои ги вознемируваа граѓаните и ги потсетуваа на минатиот ужас. По главниот земјотрес немаше ден а да не се почувствуваат повеќе земјотреси. (...) За еден месец се случија 322 земјотреса.

По земјотресот, во градот, а особено во околните села, почнаа да се шират разни суеверни и религиозни толкувања на природните појави. Меѓу постарите генерации, а особено меѓу жените, се пренесе вест како божем 26 јули бил ден на летен Св. Архангел - душевадец. Се појавија и луѓе кои тврдеа дека божем однапред знаеле кога ќе стане земјотресот. Меѓу нив имаше дури и професори кои „научно" пресметале дека во јули 1963 год. ќе стане голема катастрофа. Поради тоа на Пленумот на ЦК на Сојузот на комунистите на Македонија кој се одржа на 10. VIII. во Титов Велес, во својот реферат другарот Крсте Црвенковски укажа на извесни погрешни толкувања на природните појави и на поединечни шовинистички застранувања и рече дека раководствата на општествено-политагчките организации недоволно будно ги следеле и ги сузбивале овие појави.

Меѓутоа, покрај овие суеверни гласови, низ градот почнаа да кружат прикажувања како луѓето за момент се спасиле или како за момент влегле во несреќа. Се прикажуваа подвизите на војниците, на милиционерите, на пожарникарите, на рударите и другите лица од спасувачките екипи кои често по цена на својот живот ги спасуваа затрупаните. Се прикажуваше за човекот-комунист на кого целото семејство му загинало, а тој бил во таа улица најприсебен и најпожртвуван во спасувањето на другите. Се прикажуваше дека таванот од трпезаријата во касарната се урнал токму во моментот кога од неа излегле 500 војници, а построени чекале други 500 да влезат; за управникот на скопскиот затвор кој во тој момент ги истерал затворениците во двор на стрижење; за експресниот воз кој задоцнил и стасал во скопската железничка станица по катастрофата; за таткото кој умирајќи под урнатините ги учел своите три деца како да викаат и да удираат цигла оц цигла за да ги чујат спасителите; за човекот кој под урнатините ги нашол мртви своите четири деца и жената, а го откопале само кученцето живо, па го гушнал затоа што тоа било единственото нешто штo му останало од неговиот дом; за скопските крадци кои не сакале да крадат од отворени дуќани и сл.

По земјотресот некои лица си направија аквариум, бидејќи чуле дека во Јапонија се чуваат во аквариуми рипчиња кои го претчувствуваат земјотресот.

(продолжува)

Извор: Александар Матковски, Хроника на земјотресот во Скопје, 1964)

ОкоБоли главаВицФото