Кој ја испратил првата вест за земјотресот и нејзиниот одѕив во светот

25.07.2013 13:29
Кој ја испратил првата вест за земјотресот и нејзиниот одѕив во светот

За тоа кој ја испратил првата вест за земјотресот во Скопје има повеќе претпоставки. Поради тоа што уредите за врска беа значително оштетени во градот, светот прилично доцна се информира за скопската трагедија. По сè изгледа дека првата вест ја испратиле луѓе од Армијата. Во 6 часот и 40 минути на 26 јули капетанот од I класа Петар Јовиќ, благодарејќи на искуството на минатогодишната поплава, кога исто така прв го известил Белград за неа, тој уште возбуден од земјотресот, необлечен, се стрчал во својата команда и преку радио-врска го известил дежурниот во воената команда во Приштина. Тој ја испратил следнава телеграма: „Кај нас е катастрофален земјотрес. Итно испратете санитетски екипи". Радио-Приштина прва ја емитуваше веста за земјотресот во Скопје околу 7 часот, што значи близу два часа по настанот. Исто така и мајорот Миодраг Станкиќ претендира дека прв ја испратил веста за земјотресот. Штом станал земјотресот, тој се стрчал во својата единица. По патот се обидел преку поштата да ја објави веста, но уредите биле неисправни. На првиот телефонски столб се приклучил на меѓународната линија и воспоставил врска со Приштина. Веднаш потоа мајорот Валентин Перишиќ и поручникот Владо Николиќ воспоставиле радио врска, а капетанот од I класа Доминик Велиниќ и Трпко Трпковски — телефонска врска со Државниот секретаријат за народна одбрана.

Исто така и луѓето од ПТТ претпријатие сметаат дека околу 6,30 први воспоставиле телефонска врска со Приштина, иако зградата на поштата и уредите биле многу разурнати. Веќе во 7,30 часот тие воспоставиле врска и со Белград, но преку Приштина. Околу 9 часот истиот ден од електричниот столб пред гимназијата „Јосип Броз Тито“ поштарите воспоставија и директна врска со Белград. Само половина час потоа Републичкиот штаб за одбрана од елементарни непогоди го предаде својот прв извештај по телефон, надвор од Скопје.


И скопскиот аеродром презеде мерки што побргу да се извести Белград. Бидејќи уредите на аеродромот беа онеспособени, беше замолен пилотот на еден холандски авион кој тој ден во 4,50 часот пристигна со товар еднодневни пилиња за „Стокооп“ да го извиди градот и веднаш да ги извести сите контроли во воздухот и радиостаниците за земјотресот. Оваа вест беше примена не само од Белград, туку и од Атина, Виена, Загреб и Будимпешта.


По сè изгледа дека Армијата, поштата и аеродромот истовремено барале начин да го известат Белград и светот за скопската катастрофа. Во 5,17 престана гласот на Радио-Скопје. Многу лица од провинција, кои го почувствувале земјотресот, кога виделе дека се прекина емисијата на Радио-Скопје, се посомневале дека земјотресот го зафатил Скопје. Четири часа по катастрофалниот земјотрес, во 9,30 часот Радио-станицата Скопје ја продолжи својата програма. Бидејќи не се располагаше со најосновни средства, првите вести мораа претходно да бидат снимени на магнетофон, па потоа да се емитуваат. Потоа, програмата се одвиваше со помош на подвижна кола на Радио-телевизија Белград.


Први фотографски и телевизиски снимки направил американскиот фото-репортер Сам Ноцела. Тој спиел во хотелот „Турист". Разбуден од земјотресот, имал време само да ја грабне камерата и да избега надвор. Веќе во 5,20 ги снимил првите потресни фотографии кои потоа ги објави во француското списание „Пари-Мач“ и на француската телевизија. Службениците на Радио-телевизија Скопје Драги Новаковиќ и Перо Стојановски низ скршениот прозорец на зградата извлекле две камери и почнале да снимаат низ градот. Напладне, на 26 јули, во Белград беше испратена првата пратка снимени материјали, кои уште истата вечер беа емитувани преку југословенската телевизија, а беа позајмени и на други телевизиски студија во светот.


Уште првите денови во Скопје допатуваа околу 100 домашни и 30 странски новинари. Први дојдоа дописниците што имаат седиште во Белград, а потоа и други специјални известувачи и фоторепортери. Италијанската радио-телзвизија РАИ испрати екипа од пет лица. Дојдоа и дописници оц најголемите светски агенции, АП, АФП, од американскиге радио мрежи Ејбиси, Енбиси, Сибиес; известувачи на БИ-БИ-СИ; на „Минхенер Меркур“, „Дагенс нихетер“ и ,.Шгокхолмс тидинген“ од Стокхолм, „Билдцајтунг“ од Минхен, ,.Унита“ од Милано; „Млада фронта“ од Прага и др. Домашните и странските новинари ги распнаа своите шатори во малиот парк пред болницата.


Уште истиот ден во 8 часот париските весници ја донесоа веста за скопската катастрофа. „Пари-прес“ ја донесе веста на првата страница под наслов: „Еден исто толку јак потрес како оној од Агадир го разурна југословенскиот град Скопје со 270.000 жители. Земјотресот однесе околу 2.000 жртви. Хотелот „Македонија“ кој беше полн со туристи - е наполно разурнат“. Весникот „Франс-соар“ на првата страница објави фотографија на центарот на Скопје со наслов „Овој град веќе не постои“. Над фотографијата со крупни букви стои: „Триста француски туристи се сохранети под урнатините на еден хотел“. Весникот „Трибун д' Лoзан“ од 27 јули соопшти дека Скопје е 80% разурнато и дека има 10.000 мртви и 100.000 без покрив". Објави напоредно и две фотографии, на старо и ново Скопје, проследени со коментар: „По војната Скопје беше речиси одново изградено“. Парискиот „Франс опсервер“ на уводната страница пишуваше: „Скопје беше град во кој од година на година можеше подобро од кој било крај на Југославија да се следи сестраниот напредок на социјалистичка Југославија“. Целиот западноевропски и американски печат им даде предно место на вестите од Скопје.

Печатот на социјалистичките земји јавуваше за Титовата посета, за акцијата за расчистување и спасување на преживеаните, за евакуацијата и др.

Печатот на азиските и африканските земји исто така со крупни наслови ја пренесе веста за Скопје. Во целиот светски печат се изразуваше сочувство и се нудеше помош. Неколку дена низ етерот се разнесуваа вестите за положбата во Скопје.

(продолжува)

Кон првиот дел

Извор: Александар Матковски, Хроника на земјотресот во Скопје, 1964)

ОкоБоли главаВицФото