Merci president Hollande

26.07.2013 08:01
Merci president Hollande

Враќањето на Франција во регионот е исклучително добра вест за сите земји од Балканот. Добро е затоа што една од двете водечки земји во ЕУ, една половина од франко-германската локомотива, се заложи малку да го повлече Балканот кон Европа.

Лошото е што појавувањето на Оланд во Словенија, и покрај неодамнешниот влез на Хрватска во ЕУ, говори дека според Европа, одредени земји сè уште не се способни самите да го истераат тој пат.

Изјавата на Оланд беше генерална, општа, но во неа сите прецизно искажани пораки важат и за посебниот и проблематичен случај - Македонија. Впрочем, ако внимателно ја прочитате неговата изјава, ќе видите дека покрај Босна и Херцеговина, токму и Македонија е во фокусот на пораката.

„Постои потреба да се исполнат одреден број услови кои се многу важни за секоја од земјите. Првенствено тука мислам на реформите – политички, економски, институционални, како и реформите кои се однесуваат на владеењето на правото. Постои уште еден услов кој се однесува на целиот регион, а тој е регионална соработка и помирување“.

Значи, да беше ситуацијата поразлична, или да беше како што тврди нашата влада дека сите реформи се исполнети, дека Македонија е правна држава и економски напредна, а само името е проблем за влез во ЕУ, Оланд немаше да се обрати вака директно и критички.

Францускиот претседател се осврна и на името, но внимавајте на формулацијата: „Имајќи ги предвид добрите односи кои ги има со Грција, Франција сака да помогне да се изнајде решение за проблемот меѓу Македонија и Грција“. Ова е суптилна дипломатска порака, слична на онаа не толку суптилна која ни ја испрати Пахор пред една недела дека всушност Македонија е на потег и до нејзе е да одлучи како ќе настапува понатаму во спорот за името. А, Франција? Франција е пред сè пријател на Грција и е блиска до нејзините позиции.

Но, моето благодарам кон Оланд оди и од една друга причина. Одамна не сме виделе некој истакнат европски државник да се плетка со Балканот, особено не со Македонија.

Во 2008 и во 2009 година Груевски и Македонија беа во центарот на вниманието на европските и светските престолнини. Но, Груевски сите важни средби не ги искористи, односно, средбите завршија како обични фото средби. Дури и кога беше во Вашингтон, даваше лажни и спротивни изјави за официјалните средби, само за пред домашната јавност да изглуми дека е во право или дека направил некаков успех.

Од тогаш па до денес, Груевски преку сила успева да добие средба или со африкански диктатори каков што е Мугабе, или со неговиот режимски близнак од Унгарија, Виктор Орбан.

Гледајќи ги изјавите на палјачото Иванов, нашите власти сè уште не ја прележале болеста на лажење и на глупирање. Но, времето за нас е веќе кратко, односно, ќе биде долг нашиот пат кон ЕУ, ако воопшто и понатаму постои.

Но, ме радува што конечно еднa голема фигура се позанимава со нас, по толку години на посети, пораки и средби со ситни и небитни бирократски фигури од ЕУ, кои нашиот режим или евтино ги купуваше или дрско ги лажеше.

Ме радува што Груевски за ЕУ е веќе прочитана приказна, па отсега натаму ниту пораките, ниту емисарите кои ги носат, нема да бидат толку лесни и пријатни како во минатото. Појавувањето на Оланд во Крањ е најдобра потврда за тоа.

Слика: Свирачиња