Контејнери

01.08.2013 08:03
Контејнери

Минатонеделната вест дека скопската оштина Центар за околу четири месеци на 15 локации ќе постави подземни контејнери за ѓубре, а дека овој пример ќе го следат и општините Чаир и Кисела Вода, не само што никого не возбуди, туку и медиумите ја проследија некако незаинтересирано. Иако, онака на прв поглед, може да се каже дека станува збор за своевидна револуција во урбаното однесување.

Токму несензитивноста за овој тип урбани теми и непокренувањето дебати (ма колку тие некому и да му изгледаат маргинално) околу ползата или зијанот што би ги предизвикало едно вакво решение, сега нè оставаат прикратени за неколку важни информации за натамошното уредување на нашите животи. Имено, она што се знае е дека една од локациите ќе биде кај трговскиот центар „Мавровка“, дека на секоја локација ќе бидат сместени три до четири контејнери со зафатнина од по околу три кубика, дека еден од групата контејнери ќе биде наменет исклучиво за таканаречената PET амбалажа и дека ќе бидат кревани со помош на лифтови, кога, прилагодените за оваа намена, три камиони „ѓубретарки“ на ЈП „Комунална хигиена“ ќе ги празнат. Она што не се знае е каков ќе биде пристапот до нив, на кој начин ќе се одложува (фрла?) комуналниот смет во нив, каква ќе биде еколошката заштита на почвата и – на кој начин голем дел од овдешната популација (вклучувајќи ги тука и мачките и кучињата-скитачи) ќе може да ги обезбедува своите егзистенцијални и животни потреби. Останува, значи, само изјавата на директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Ракип Дочи, кој е убеден дека „уште веднаш, во првите денови по имплементацијата на проектот, ќе ги почувствуваме неговите полезности. Ќе ја нема грдата слика на расфрлано ѓубре околу контејнерите, нема да мириса, а ќе нема и можност за пребарување по ѓубрето. Колку за споредба, можам да го посочам Белград, па дури можам да кажам дека нашиот систем ќе биде уште подобар, бидејќи соседите имаат проблем со површинските води, што нема да биде случај кај нас.“

За волја на вистината, ние (потписникот на овие редови) не знаеме како овој проблем е решен во Белград, како што не сме слушнале за некое вакво решение по европските метрополи (што, јасно, не значи дека го нема), а естетската придобивка, онаа на која инсистира Дочи, се разбира, не е спорна. Сепак, не можеме да се оттргнеме од впечатокот дека целата работа наликува на добро познатата балканска метода на „чистење по дома“. Тоа што ѓубрето ќе го скриете под тепихот и нема да биде видливо, воопшто не значи дека го нема. Напротив.

Како и да е, кога говориме за револуционерниот пресврт што „подземните контејнери“ ќе го донесат во урбаното однесување, пред сè мислиме на претходната „ѓубретарска реформа“, онаа што се одвиваше (ако не нè лаже сеќавањето) пред околу четири децении, односно во почетокот на 70-тите години од минатиот век, кога контејнерите, онакви какви што ги познаваме денес, ги заменија класичните канти за ѓубре. За потсетување на оние што не помнат, металните канти за ѓубре беа сериозна замена за маалски кошеви во времето на Светското првенство во кошарка во Љубљана (1970), кога Југославија за првпат стана светски шампион, а богами, со нивната стабилност, извонредно ја играа и улогата на стативи во маалската фудбалска игра на мали голови. Дали поради нивната непрегледност или поради лебедовата песна на југословенскиот економски бум, важно околу нив немаше толку многу кучиња и луѓе. Мачки, секако, имаше. Во нив ѓубрето се фрлаше директно од домашните канти за ѓубре, а главен хит беа новоизградените згради, каде што низ еден отвор ѓубрето се фрлаше директно од станот, и без оглед на кој кат живеевте, тоа паѓаше во одвоен простор во подрумот или во сутеренот, наменет токму за кантите за ѓубре.

Појавата на контејнерите го означи новото време. За почеток беше наложено ѓубрето од домашните канти да се пакува во црни пластични вреќи и така да се фрла во контејнерите. И тогаш, како и сега, беа предвидени високи казни за оние што нема да го почитуваат ова правило. Сепак, дали поради нивниот габарит, или затоа што мошне непрактично се врзуваа, или затоа што лесно се кинеа, или поради нешто четврто, црните вреќи никогаш не заживеаја како амбалажа за ѓубре. За волја на вистината, тие и денес се продаваат по овдешните самопослуги, ама најчесто служат како амбалажа за, на пример, одложената сезонска гардероба или за нешто друго. Наводно, црната кеса не ја пропушта природната светлина и како таква е солидна заштита од молци.

Во секој случај, контејнерите беа многу потранспарентни од кантите за ѓубре. Некако делуваа како своевидна ѓубретарска самопослуга. Релативно јасно можеше да се види структурата на ѓубрето и што може да се искористи од тука. Заедно со падот на социјалистичкиот економски експеримент, со почетокот на вечните програми за стабилизација и првото распаѓање на стандардот на новото време, појавата на контејнерите го означи и почетокот на таканаречените „хигиеничари-аматери“, луѓето што ги „чистеа“ контејнерите. Во таа смисла, контејнерите имаа една сериозна хуманитарна мисија. Не се работи тука само за егзистенцијалните проблеми (вклучувајќи ја и гладта) на одредена група наши сограѓани, туку и за многу сериозен белег на солидарното општество. Имено, склон сум да поверувам дека власта никогаш не се дрзнала да казнува за неупотребата на црните кеси токму поради „контејнерската транспарентност“, односно за овозможување на минималната социјална сатисфакција на оние на кои таа им требаше. Од друга страна, не смее да се заборави дека, без оглед на растуреното ѓубре, новоформираните хигиеничари-аматери вршеа и сериозна еколошка функција. Првенствено ги ослободуваа контејнерите од хартија, потоа од кабасти метални предмети и на крајот од органските материи, кои најчесто ги привлекуваат штетниците и пренесувачите на заразни болести (муви, стаорци, најразлични и чудни бубачки, бактерии...). На овој еколошки асортиман денес се додаваат и пластичните шишиња и останатата амбалажа направена од таканаречениот неразградлив материјал. Во рамките на односот на солидарното општество и контејнерите мора да се спомене еден неспорен факт: во контејнерот луѓето и кучињата секогаш биле рамноправни партнери. Никогаш, имено, не се случило куче да нападне човек поради некаков „контејнерски“ плен. И обратно. Всушност, од почетокот на „контејнерската“ ера важи правилото дека сè додека луѓето и кучињата се заедно во контејнерите – за ова општество има шанси.

Се разбира дека, како и сè во градот, и контејнерот има своја социолошка функција. По структурата на содржината на контејнерот можете лесно да сфатите во какво опкружување се наоѓате. Не говориме тука за хигиена, зашто доволно е да се појави еден „распавтан“ корисник, кој кесата со ѓубре ќе ја фрли кај што не треба и вие да заклучите дека цело соседство е невоспитано. Или доволно е „ѓубретарката“ да не се појави еден ден и околу контејнерот да настане цел хаос. Тука зборуваме за структурата на ѓубрето. Значи, кои шишиња од кои пијалаци се фрлени, која и каква амбалажа за храна, во какви кеси е фрлено ѓубрето, кои и колку расипани апарати за домаќинството се одложени крај контејнерите... Конечно, структурата на нечие ѓубре е важна истражна метода за откривање на сторителот на некое криминално дело, а уште поважна за одредување на неговата личност.

Во таа смисла ќе се навратиме на директорот на ЈП „Комунална хигиена“, кој смета дека основната придобивка на криењето на контејнерите е токму во тоа што – сето ова ќе го снема! Не сме далеку од помислата дека и целата работа се прави токму за да се сокрие сегашната општествена стратификација. Нечии валкани алишта да се сокријат под тепих. Не сме убедени во тоа. Зашто, како што своевремено, неочекувано и непредвидено, се појавија „контејнерски луѓе“, не гледам причина сега да не се појават „подземни“ луѓе. Луѓе од под тепихот. На крајот на краиштата, секогаш се наоѓа некој што некому ќе каже дека има козји уши!

Извор: Граѓански
Слики: Грегори Дејвис

ОкоБоли главаВицФото