За менливоста и минливоста на историјата

02.08.2013 14:04
За менливоста и минливоста на историјата

Историски да се артикулира минатото не значи да се осознае „какво тоа, всушност, било“. Тоа значи да се овладее со сеќавањето онака како што тоа ќе блесне во моментот на опасност.

Валтер Бенјамин, Историско-филозофски тези

 

Ќе обрнам внимание на некои аспекти на Илинденското востание, важни за нашата современост, а кои не беа доволно истакнати во многубројните текстови по повод големиот јубилеј.

Најпрвин, за историјата како учителка. Често се вели дека историјата ја пишуваат победниците. Но, исто така може да се каже и дека историјата ја занемаруваат победниците. Тие себеси можат да си дозволат и да заборават, додека губитниците никако не можат да го прифатат она што се случило, и осудени се да размислуваат за тоа, одново да го промислуваат и да се прашуваат како сето тоа можело и поинаку да се одигра.

На пример, познато е дека со воспоставувањето на национални држави кон крајот на 19 век револуционерното начело на националноста триумфирало над империјалното. Но, токму гледајќи низ призмата на македонскиот илинденски пораз, ние денес сфаќаме дека начелото на националноста беше (и сè уште е) затруено со сфаќањето според кое постојаниот развој на нацијата е условен со поседување одредени територии. Тоа бил белег што нациите со настанување го добија од своите некогашни империјални освојувачи. Тој империјален порив за територијални проширувања на малите нации, на некој начин ја сотре Македонија во периодот на преминот меѓу вековите, кога и се случи Илинден; за жал, дури и денес, цел век подоцна, не е згаснат поривот по териториите на малите нации.

Втората работа што сакам да ја истакнам е еден можен одговор на прашањето зошто треба да бидеме горди на Илинден и зошто тоа востание во некои свои аспекти (републиканството, а не нацијата како клучен интегративен фактор) далеку го надминува тогашниот стеснет националистички светоглед. Иако национализмот сè уште е моќен фактор во креирањето на државните политики, особено на Балканот, во зората на новиот милениум се чини дека неговата сила е ослабена, дури и на глобално ниво.

Значи, денес, 100 години подоцна, горд сум на Илинден затоа што имам впечаток дека неговата суштина е во бунтот на малиот човек, на македонскиот селанец сосема измалтретиран, во прв ред од немаштијата во која живеел, а во втор ред и од бескрајните ровења и присвојувања на сите можни пропаганди, верски, национални, државни, племенски... Илинден, и покрај тоа што е загубена битка, претставува едно громогласно "Доста е!", кога станува збор за посредништвото на сите мали и големи империи што ги гледале интересите на оваа почва. Во таа смисла, Илинден е своевидно освестување и достоинство, но не само во национална смисла.

Како што вели англискиот проследувач на тогашните македонски состојби, Брејлсфорд, во заднината на Илинденското востание, "во коренот на целата таа бркотија од расни судири, шовинизми на балканските народи и калкулациите на големите сили, стои реалноста на запоставениот македонски селанец - пљачкосан, експлоатиран, поробен, незаинтересиран за националните програми - кој единствено сака да го дочека денот кога ќе може да се нагрне со топол јагнешки елек, да ја омажи ќерката без срам и во мир да го изеде своето парче леб заработено со неуморна работа".

Еве што вели во своите спомени Михаил Герџиков, еден од востаниците во Одринско:

"Им зборував да се свестат за својата мизерна економска положба: им велев, таа положба е условена, главно, од лошиот турски политички режим, дека ние не би имале ништо против да бидеме во Турција, но да ни се гарантира поднослив живот... Ми остави впечаток дека селаните се повеќе очајни поради својата економска положба од чорбаџиите (Бугари и Грци, заб. прев.) одошто од Турците, а ние им докажувавме дека турскиот режим, сепак, е главната причина за немаштијата. Се агитираше во тој дух. Им се објаснуваше како се подготвува борбата во Македонија, и со тоа им се даваше надеж, дека во борбата Македонците ќе бидат поддржани, дека тоа ќе биде заедничка борба. За Бугарија не се зборуваше, ниту им се влеваа надежи дека Бугарија ќе ја поддржи борбата".

Во сличен тон, во друг дел од Македонија, говори и Ангел Андреев, еден од востаниците во Преспанско:

"Во затворот дојдоа и новинари. Се чудеа како под диктат на Бугарите од Бугарија сме се нафатиле да правиме востание. Ние одговоривме дека не работиме ниту за Грција, ниту за Бугарија, ниту за Србија, туку само за Македонија. Не само едно лето, туку 10 години се подготвувавме и налет нивната ученост штом поверувале дека за едно лето може да се подготви едно такво дело - револуција, која ги обедини и гркоманите и Власите и Бугарите против заедничкиот непријател. Се гледа колку се интересирале Грците за Македонија кога слушнале за востанието... Одвај сега кога пукнала пушката. Нè прашаа кого сакаме за кнез во Македонија; ние сме биле историски поврзани со Грција и требало да сакаме грчки кнез. Ние одговоривме дека сега не мислиме на тоа - нека ни помогнат Грците да се ослободиме, па потоа лесно за тоа..."

Чествувањето на Илинден ме потсетува на случката кога Александар Пушкин, славниот поет кој се занимавал и со историја, му рекол на царот дека сака да пишува за Пугачов, водачот на селаните од 18 век. Царот одговорил сурово едноставно: "Таквиот човек нема историја".

Е па, нашиот Илинден на некој начин е доказ дека "таквиот човек", оној македонски човек кој, главно, служел како монета за поткусурување - сепак постои, и тоа на моменти прилично громогласно, како што покажаа илинденците. Го спомнувам одговорот на рускиот цар затоа што Македонците - што веќе станува гротескно, отаде трагикомичното - и ден-денес, од ваму и таму, се соочуваат со одговорот: "Вашата нација нема историја". Илинден е само еден од нашите одговори, но со сиот респект кон минатото, сепак, сегашноста и иднината треба да сведочат за нашите дела и за она што ќе им го оставиме на наследниците. Доста ни е од докажувањата и од замајувањето со туѓите фрустрации. Премногу енергија ни отиде за да го обелоденуваме очигледното, премногу светлина потрошивме денски.

Но, токму дистанцата од Илинден, целиот век помеѓу и нашиот сегашен сосема поинаков контекст, треба да нè поттикнат скапоценото наследство да го читаме и во други, нови и различни кодови, кои решавачки ќе помогнат она назад сè уште да свети и пред нас.

Слики: Thomas Allen
„Утрински весник“, 11.08.2003.

ОкоБоли главаВицФото