Преживеаните и очевидците раскажуваат (1)

03.08.2013 12:00
Преживеаните и очевидците раскажуваат (1)

Низ градот кружат фантастични приказни за оние среќни луѓе, кои „за влакно“ ја избегнале смртта. Јасно, постојат приказни и за оние несреќни луѓе, кои, исто така „за влакно“ влегле во смртта. Првите денови тие што останаа живи не говореа многу за тоа како го доживеале земјотресот. Подоцна секој можеше да раскаже по една необична приказна за своето спасување. Некои, ако истрчале брзо од зградите ќе биле поклопени од покривните конструкции и ќерамидите кои паѓаа. Другите истрчале навреме, пред да се урне делот на зградата во кој пред малку спиеле. Третите по земјотресот се симнувале одозгора со помош на јажиња, или исповрзани чаршави. Заради илустрација ќе наведеме повеќе раскажувања на преживеаните и очевидците.

*

Ноќта меѓу 25 и 26 јули. Еден човек со своите пријатели до 3 часот играл карти. Откако ги испратил гостите, мртов уморен легнал да спие и заспал како заклан. Се пробудил во 10 часот. Ги отвора очите и го гледа ѕидот распукан, а таванот извиткан и слегнат надолу. Си помислил дека сонува. Се растресува и свестен е дека е буден. Ја подига ролетната и го отвора прозорецот. Отспротива гледа паднати куќи. По улиците трчаат луѓе, камиони, дигалки... Онака сонлив го прашал првиот минувач: „Што е тоа? Што станало?“

*

Во една касарна првата смена го завршувала појадокот, а втората во кругот чекала да влезе во трпезаријата. Околу 200 други војници кои штотуку биле дојдени од ноќна вежба спиеле. Дежурниот по телефон го предавал утринскиот рапорт. На првиот потрес ја фрлил слушалката, излегол во кругот, им викнал на војниците да избегаат од зградите, а на трубачот му наредил да свири за тревога. Сонливи, војниците истрчаа надвор, а оние што биле надвор се стрчале во зградата по оружје. Дежурниот ги спречил и пред влезот на зградата поставил стража. Прозивка. Сите се на број. Од куќите во непосредна близина на касарната се слушаат гласови за помош. Дежурниот упатува 2—3 десетини во помош. Другите чекаат во готовност. Од градот стигнуваат старешините. Единиците се готови да тргнат во помош.

*

Тоа утро во една зграда сите спиеле. Само еден прозорец бил осветлен. Еден инженер работел. Кога куќата почнала да се урива, инженерот ја ставил ќерката на душек и заедно со постелата ја фрлил од прозорец. Од четврти кат. Девојчето паднало на еден полковник, кој не можел да ја задржи и таа се лизнала на асфалтот. Падот бил ублажен. Девојчето беше повредено, но живо. Инженерот, неговата жена и неговиот син загинале.

*

Дошол некој од провинција и отишол во хотел „Скопје“. Пополнил формулар, ја оставил личната карта и излегол да се прошета. Но, овде-онде, човекот добро се напил и она што му останало во сеќавањего било тоа дека неговиот хотел е прв ако се доаѓа од железничката станица. Така и било. Човекот, враќајќи се ноќта во пијана состојба, прв хотел на кој наишол од станицата бил „Бристол“. Влегол во него и си го нашол бројот на собата (на онаа од „Скопје“). Влегол внатре и заспал. Во хотелот „Скопје“ беше најдена неговата легитимација и по весниците и радиото беше огласен дека е мртов. Мораше човекот да предаде телеграма дома дека е жив. Сè поради алкохолот...

*

За паркетарот од хотелот „Македонија“ појавата на глувци околу 4,30 часот била само разбудување од сон. Но, цела сурија глувци во паничен бег ја напуштале зградата. Паркетарот не бил ни суеверен, ни набожен, но излегол надвор од „с'клет“. Потоа бил сведок на катастрофата.

*

...Легнал човекот, но со мисла да не се успие. И заспал. Кога се разбудил, часовникот покажувал 6 часот. Рипнал од кревет и отрчал на работа. Всушност, неговиот часовник отишол напред за еден час.
Малку потоа зградата се урнала до темел...

*

Тринаесетгодишната ученичка J.H. потресот ја тргнал од сон. Скокнала да види што станува. Но прозорецот бил затрупан, горните катови веќе биле урнати. Уплашена побегнала во аголот и легнала на подот, меѓу шифоњерот и каучот, кои потоа го задржале таванот. Се нашла во тесен простор, таванот бил само 20 сантиметри над неа. Почнала да вика, но урнатините го заробиле нејзиниот глас. Поминувале часови. Некое време била будна, потоа заспала. Кога се разбудила сетила дека е жедна. Грлото ѝ горело, јазикот ѝ бил сув, а устата полна со прав. Поминал петокот, саботата, неделата и дури во понеделникот чула дека се копа над неа. Бетонската плоча почнала да се спушта, ја опфатило страв и почнала да вика. Спасителите ја чуле и потоа направиле отвор од каде што ѝ дале вода. Кога ја извлекле, ја прашале дали знае колку време била затрупана. Одговорила: „Мислам, неколку часа“. Меѓутоа, под урнатините била 77 часа.

*

Во редакцијата „Нова Македонија“ А. А., телеграфист во ЖТП, испратил писмо во кое ги опишува своите 45 минути поминати под урнатините на железничката станица. „Спроти земјотресот вечерта го примив дежурството, околу 5,10 часот примив две телеграми за диспечерите. Штотуку излегов од вратата на диспечерот, Дирекцијата почна да се тресе. Го чув гласот на диспечерот: „Бегајте, земјотрес“. Вратата за која се држев се откачи и јас од вториот кат почнав да паѓам. Колку што можев, почнав да викам за помош. Гласот мој, како што ми рече подоцна диспечерот, се слушал само неколку секунди и се изгубил во длабочините. Бев затрупан и целиот воден. Претпоставував дека е тоа пот, но подоцна забележав дека сум целиот крвав. Од една страна, видов, дека допира светлина. Почнав со рацете да расчистувам. Кога веќе помислив да се откажам од натамошно копање, нешто падна врз мене и светлината ми го заслепи видот. Се наоѓав на првиот железнички перон. Станав. Крвта течеше од секаде... Благодарение на еден непознат шофер, стигнав дома. Жената и децата вчудоневидени ме гледаа. Откако прозборив, почнаа да пискаат. Дури тогаш ме познале.

*

Од урнатините на една зграда во улица „Иван Милутиновиќ“ извлекоа 17 настрадани, 17 луѓе што го завршија заедничкиот живот, како што заеднички живееја. Под ист покрив, со еднакви радости и грижи. Под урнатините лежи уште една старица... Три долги дни и две уште подолги ноќи се наоѓа под урнатините. Без вода и леб. Co толку воздух колку да го одржи голиот живот. Урнатините ги расчистуваат припадници на ЈНА, рудари од Костолац, од Титов Велес... Покрај урнатините стои П. Т. Чека рударите да ја извадат мајка му. Лицето му е брадосано. Во рацете држи рассечени лимони и шишиња пиво... „Земете, другари, освежите се“ — им вели на рударите и војниците. Од под урнатините излегува еден рудар и му вели: „Разговарав со мајка ти. Здрава е. Вели дека овие дни јадела домати што попаѓале во близината“. Дури во понеделникот во 21 часот старицата е извлечена. На воздух. На живот...

*

„...На кревет бевме јас, мојот маж и мојата едногодишна ќерка. Зградата се урна и врз нас падна таванот. Така останавме. Подоцна со булдожер отворија простор и почнаа да нè откопуваат. Мажот ми го извлекоа и како потешко повреден беше префрлен во болница. Јас имам само гребеници. Меѓутоа, детето не издржа. Се задуши. Ми умре во прегратка. Чувствував како се ладеше...

*

Пет деца сами спиеле во станот. Родителите им биле во Крива Паланка. Децата се најдоа затрупани. Најстарата сестра што не била повредена почнала да ги вади своите браќа и сестри. Две деца биле живи, а другите две ги извадила мртви.

*

„Во моментот на несреќата се наоѓавме в кревет. Одеднаш креветот се затресе, а бетонската плоча ни дојде само неколку сантиметри над нашите тела. Обидите на другар ми да се пробива беа залудни. Не ни остануваше ништо друго освен да чекаме. Живеевме во новоградба за која сметавме дека е солидно градена. Си мислевме, штом нашата зграда паднала, тогаш во градот нема останато здрава куќа. По 33 часа бевме извадени без никакви повреди“.


*
„...По првиот потрес се најдов надвор од куќата. Но, во паниката се сетив дека тригодишното дете од ќерка ми се наоѓа внатре. Без размислување влегов во собата. Земјата наново се затресе и за миг се најдов затрупана над детето кое беше покриено од паднатиот малтер. Започнав да го откопувам и видов дека е живо. Утредента нè откопаа...

*

Десетгодишниот ученик Г. А. од потресот скокнал од креветот и се скрил под масата и таа му го спасила животот. Масата ги издржала бетонските урнатини. Гладен и жеден, од никаде светлина. Почнал да плаче, но набргу видел дека плачењето ништо не користи. Сам во темнината како во кафез. Потоа заспал. Се пробудил од удари. Штом ги чул, пак почнал да плаче, од радост. По 11 часа го извадиле.

*

Во куќата бев сама, мајка ми штотуку излезе. Силниот потрес ме кутна од кревет, а тешката бетонска плоча се задржа на една масивна фотелја и неколку столови. Во густата прашина и тоталната темница почнав да лазам за да испитам дали има можност да се извлечам од урнатините. Co шипката на некогашниот лустер почнав да проверувам каде има излез. Наидов на место од каде што допираше малку светлина, а чув и гласови. Долго викав но никој не ми се јавуваше. Потоа, низ отворот ја протнав шипката. Војниците го виделе како мрда крајот од шипката и ме спасиле“.

Фотографии: Франс Велтерс

ОкоБоли главаВицФото