Евакуација на неактивното население (2)

10.08.2013 10:27
Евакуација на неактивното население (2)

Пречекот на скопските деца во сите места на Југославија беше трогателен. На станиците децата ги чекаа претставници на Црвениот крст, на женските организации, ученици од сите училишта во градот со своите учители, како и маса граѓани. На една железничка станица целиот насобран свет се стрча кон излезите на вагоните од каде што слегуваа децата. Ги креваа на раце, им даваа подароци, ги прегрнуваа, ги бацуваа и плачеа како тој насобран народ да претставуваше една фамилија што се среќава по долго време, за да ја исплаче заедничката несреќа. Од станица децата ги водеа во нивните привремени куќи, прво на јадење, па на капење, потоа ги облекуваа во чиста, нова облека и ги ставаа да починат.

Децата и мајките со деца беа сместени во општествени објекти: интернати, училишта, летувалишта, хотели, разни детски установи и сл. Насекаде прифаќањето беше со раширени раце. Сојузниот секретаријат за здравство донесе решение сите евакуирани мајки со деца и деца да бидат подложени на задолжителен лекарски преглед. Во домовите децата имаа своја дневна програма. Стануваа во 7 часот. Секое дете имаше свој кревет, пижама, крпа за бришење, сапун, четка и паста за заби. Појадуваа во 8 часот. До 10 часот играа и се шетаа по околијата. Во 10 часот ужинаа и до 13 часот пак го минуваа времето во безгрижна игра или се капеа ако беа покрај морето. Во 13 часот ручаа, а потоа починуваа до 16 часот. Во 16 часот пак јадење. До вечерта пишуваа писма, играа шах, седеа во читалната или заеднички одеа на кино или некоја приредба.

По вечерата гледаа телевизиска програма. Само не ги гледаа оние емисии кои го прикажуваа разурнатото Скопје, зашто тогаш воспитувачите ги исклучувале телевизорите, за да не се потсетуваат децата на крв, смрт и ужас. Сè се чинеше децата да се повратат од првобитниот шок. Првите дни, децата молчеа. Co страв влегуваа во зградите, a имаше и такви кои плачеа и не сакаа да влезат. Првата ноќ одвај заспаа. Креветот може и случајно да се затресе и одеднаш — СКОК. Можеби се тресе земјата? Но, полека децата забораваа. Побргу забораваа машките, особено кога им се даваше топка да играат, додека девојчињата беа почувствителни и им требаше повеќе време за да се вклопат во детската игра. Граѓаните, или децата од односниот град, со своите родители или сами, речиси секој ден ги посетуваа скопските деца, им донесуваа подароци, облека, играчки, спортски реквизити, бисквити, бонбони, чоколади и др. Често доаѓаа граѓани за да ги земат скопските деца или мајките со деца во својот дом, на гости, за да ја почувствуваат топлината на домашното огниште. Многу жени, членки на женските организации, доаѓаа во домовите за да ги исперат, испеглаат и закрпат децата кои, иако тажни, беа сепак деца, понекогаш немирни, ги валкаа алиштата и ги кинеа... Од управите на интернатите децата добија хартија, марки и пликови за да им пишуваат на своите родители. Во своите писма децата ја изразуваа жалоста за својот разурнат град. Една ученичка пишува: „Ние стигнавме во Загреб. Hè сместија во интернатот. Ни дадоа пижами, четки за заби, крпи за бришење, по две рала алишта и кондури. По патот добро минавме. Во Земун ни дадоа вечера". Или: „Драги чичко Баки. My пишав на тато да ми прати панталони, но сега не ми требаат, бидејќи ми дадоа алишта, чевли и пари со кои си купив пликови и марки за да ти иишам". Едно скопско дете од Словенија пишува: „Тате, ако од урнатините успееш да го извадиш кафезот, канаринката пушти ја..." Од Сплит еден ученик пишува: „Драга мамо. По патот убаво поминавме. Во Белград ни дадоа чај и мекици, а во другите станици храна и по шише лимунада. Тројцата сме заедно. Ацета не го тепаме, туку го вардиме други деца да не го тепаат..." Или: „Тато, овде сè ни дават, па дури и играчки. Ако имаш телевизор, гледај секогаш, овде ме снимија..."

Една ученичка, сместена во интернатот „Махмуд Бушатлија" во Сараево и’ пишува на својата другарка-скопјанка што е сместена во Словенија: „Драга Драгице... Ако водиш дневник и ако за твојата улица во него си запишала „Улица на болот", избриши го тоа и напиши: „Авенија на братството". И така Драгице — еден ден ти во твојот дневник ќе запишеш: „Се вратив во мојот нов град..." Навистина, во твојата улица ќе го нема старото чевларско дуќанче, ниту рунтавиот Џими врзан за дуњата. Но затоа ќе имаш ново училиште и нова библиотека и сè ново, дури и ти ќе се почувствуваш некако нова..." Ученикот К. од Црна Гора пишува на своите родители дека ги примиле одлично и дека се чувствуваат како дома, „но не урната дома". Во писмото тој се интересира како поминаа животните во зоолошката градина, а посебно како е мајмунот Мики. Родителите му одговориле: „Мораме да те разжалостиме, но мајмунот Мики настрада. За време на земјотресот преградниот ѕид се урнал и мајмунот се нашол во шепите на пумата која го изела... Чуварите ни раскажуваа како многу животни околу полноќ на 26 јули почнале да реват и тоа необично силно. Можеби нивниот инстинкт ја почувствувал катастрофата. Први почнале да завиваат динго и кучето бернардинец. Потоа им се придружиле и другите животни. Нилскиот коњ последен се јавил ..."

Во евакуација не отидоа само децата меѓу 7—15 години, туку и мајките што имаа деца до 7 години, како и старците и болните. Сите болни од скопските болници беа евакуирани во блиските градови. Така Општата околиска болница беше преселена во Врање и Врањска Бања, Инфективната клиника во Катлановска Бања, Хируршката во Титов Велес, Куманово, Прилеп и Тетово, Детската во Тетово, Очната во Битола, Интерната во Приштина и Штип, Ортопедската во Битола, Стсматолошката во Битола, Оториноларингологијата во Ниш, Институтот за ТБЦ во Јасеново, Нервната клиника во Ниш, Венерологијата во Ниш и Гинекологијата во Ниш. Во кругот на клиничкиот двор се наоѓаа само импровизирани клиники кои ги примаа случаите и ги транспортираа во соодветните здравни установи во Македонија, односно Србија. Во овие клиники се наоѓаа околу 2.200 болни лица.

По еден месец некои од евакуираните почнаа да се враќаат, иако во Скопје за нив уште немаше услови за живот. Причините за враќање беа алармните гласови дека божем ќе се делеле станови пред сè на оние семејства што се наоѓаат во Скопје, а евакуираните ќе чекаат да добијат стан подоцна. Некои родители самоиницијативно ги вратија децата и ги сместија во шаторските населби, бидејќи веруваа дека тоа ќе им биде јак аргумент што побргу да им се додели стан во монтажните населби кои веќе почнаа да се градат. И некои стопански организации донесоа одлуки мајките со деца да се јават на работа зашто во противен случај ќе им биде раскинат работниот однос, иако Градското собрание на сите работни организации им препорачуваше да не ги повикуваат мајките со деца. За враќањето на децата придонесоа и алармните гласови дека божем секој родител ќе плател по 20.000 динари месечно издршка за секое евакуирано дете. Поради сето ова, еден месец по катастрофата во Скопје имаше околу 15.000 деца и околу 75% мајки со деца, а постепено и другите се враќаа.

Организираната евакуација започна на 26 јули, a заврши на 9 август, и регистрира вкупно околу 105.000 евакуирани граѓани, од кои 63.200 се евакуираа во СРМ и 41.743 во другите републики. Меѓутоа, самоиницијативно уште десетици илјади граѓани го напуштија градот. Нивниот точен број не е познат. Од 41.743 евакуирани граѓани, во Србија отидоа 33.970, во Хрватска 3.877, во Словенија 2.725, во Босна и Херцеговина и во Црна Гора 1.171. Од овие 105.000 евакуирани скопјани во јавни згради беа сместени 27.000 лица, од кои повеќето беа деца, а во приватни куќи околу 78.000 лица, главно семејства. Се смета дека самоиницијативно, кај свои роднини и пријатели се евакуирале уште околу 45.000 лица, или вкупно 150.000 лица. Се знае дека пред земјотресот во градот имаше околу 220.000 граѓани, а непосредно по земјотресот во него останаа околу 70.000, но со враќањето на евакуираните оваа цифра од ден на ден рапидно растеше.

Евакуацијата тешко се одрази и на малите гратчиња во внатрешноста на Македонија, пред сè поради скудниот станбен фонд, а и поради снабдувањето, макар што за таа цел се вршеше дотур на прехранбени производи и во овие градови.

Луѓето од нашата република како и од другите братски републики покажаа благородна солидарност и хуманизам. Овде-онде се појавија луѓе кои не сакаа да примат евакуирани лица во својот стан. Такви појави имаше само во оние градови на Македонија каде што се евакуираа голем број скопјани. Поради големиот број на евакуираните, органите на власта во овие градови мораа да ги сместуваат скопјаните и во оние семејства каде што сопствениците не беа јавени доброволно да примат евакуирани лица. Така, во Битола, органите на власта на една скопјанка и’ дале адреса и ја упатиле таму да се смести. Иако било ноќ, станарите не и’ отвориле. Жената со малолетно дете преспала цела ноќ на тротоарот, и дури утредента ја сместиле во друго поблагородно семејство. Кога една жена со две деца дошла на означената адреса во Прилеп, сопственикот на станот ја однел во визба и грубо и’ рекол: „Ако не сакаш, оди кај што знаеш". Слично нешто имало и во Куманово. Поради недобро згрижување, во Штип неколку стотини жени со деца, по дожд тргнале на железничката станица да се вратат во Скопје. Некои се вратиле, а на некои, одговорните органи им ги зеле билетите кои бесправно им ги издало некое неовластено техничко лице. Ги вратиле и ги сместиле во интернати. Вакви и слични случаи не се регистрирани во другите републики. Таму беа евакуирани мал број граѓани и тие беа сместувани во јавни згради. Исклучок прави Србија, каде што приличен број евакуирани скопјани (организирано евакуирани во Србија беа 33.970 души, а околу 10.000 отишле самоиницијативно. Вкупно околу 44.000 лица), беа сместени и по приватни куќи, но само во оние каде што сопствениците доброволно се јавуваа да приберат евакуирани лица. И во Македонија, вакви немили случаи беа голема реткост. Таквите нехумани лица беа осудувани од своите сограѓани, кои и последниот слободен простор несебично го ставаа на располагање. И во поглед на привремената евакуација дојде до израз хуманизмот и братската солидарност меѓу југословенските народи.

Кон првиот дел

ОкоБоли главаВицФото