Кино „Култура“

12.08.2013 10:01
Кино „Култура“

Во суштина има некаква космичка правда, некаква симболика на времето што го преживуваме, во состојбата во која денес се наоѓа некогаш елитното скопско кино „Култура“. Некогаш една од најубавите предвоени скопски згради сега делува целосно запуштено. Влезните врати и излозите, каде што порано беа закачени плакати за филмовите што се даваат, се извалкани и поткршени. Дури и спроти киното го нема повеќе паркчето, каде што знаевме да седнеме кога ќе завршеше филмот. Сега се тука закачени тараби што го оградуваат оној бетонски монструм, наречен црква „Свети Константин и Елена“, што значи дека и преминот од улица „Македонија“ кон зградата на Собранието е драстично стеснет.

Не е, значи, само евтина метафора кога се тврди дека со пропаста на киното „Култура“ започна и пропаѓањето на македонската култура. Зашто, ако за нешто може да се каже дека со право го носи своето име, тоа беше токму киното „Култура“, своевиден универзитет за филмот, а преку него и за животот воопшто.
Тука не е место да се повторуваат оние анегдоти со „тапкарошите“, со довикувањата од публиката („уа, шнајдери“), со чичкото што ти прегледува во уста дали имаш мастика или не, иако тој дел од скопската кино-култура не е за занемарување. Едноставно, во киното „Култура“ овие анегдоти беа – најретки. А причината беше сосема едноставна: за разлика од соседните кина „Вардар I“ и „Вардар II“ каде што се прикажуваа главно комерцијални американски и југословенски хитови или од киното „Бамби“ кое беше специјализирано за детска филмска програма, во кино „Култура“ се прикажуваа најчесто европски, односно нешто пософистицирани, понекомерцијални или, како што тогаш ги нарекувавме, „уметнички“ филмови. Ако сакавте да видите што се случува со францускиот филм, тогаш одевте во „Култура“ (од тоа време постои онаа симпатична кованица: „Филмот ‘Авантурата е авантура’ со Лино Вентура во кино ‘Култура’). Тука можевте да ги видите во тоа време новите италијански филмови или новите остварувања на „Бергман“. Во „Култура“ се даваа и „бункерираните“ филмови од источноевропските кинематографии, пред сè од руската и унгарската („Сведок“ на Петер Бачо од 1969 година, прикажан кон средината на 80-тите).

Се разбира дека не беше случајно биран репертоарот за ова кино. Тоа изгледаше и беше господско кино. Со два балкона, од кои оној вториот (ако не се лажам) имаше маси и фотелји место седишта, каде што, според постарите скопјани, некогаш се служеле кафе и сок, киното делуваше драстично погламурозно од другите кино-сали, наменети за „евтина“ забава. Значи, се одело од претпоставката дека онаа рудиментирана граѓанска класа повеќе ќе сака да гледа филм од Франческо Рози, на пример, отколку некој вестерн со Џон Вејн.

Тоа е, веројатно, причината што киното „Култура“ беше резервирано и за премиерите на македонските филмови. Авторот на овие редови, од некои свои лични причини, се сеќава дека токму во кино „Култура“ за првпат ги гледаше, на пример, „Жед“ на Димитрие Османли (1971), „Црно семе“ на Кирил Ценевски (1971) и „Татко (проколнати сме Ирина)“ (1973). Се разбира, традицијата на премиерно прикажување на македонските филмови во „Култура“ е постара, односно е стара колку што е стара и современата македонска кинематографија. Тука, имено, на 28 јуни 1952 година е одржана премиерата на првиот македонски игран филм „Фросина“ на Воислав Нановиќ. Кога сме веќе кај овој тип референци, културниот споменик, киното „Култура“ е навистина важно за македонската култура и поради тоа што, во суштина, тука е изиграна првата претстава на македонски јазик во Скопје. На 20 декември 1944 во киното „Уранија“ (подоцна преименувано во „Култура“) група актери ја изведуваат едночинката „Еден е патот“ на словенечкиот писател Матјаж Клопчич, во режија на Димитар Ќостаров. Македонскиот народен театар официјално ќе се формира на 31 јануари 1945 година, а првата официјална премиера, „Платон Кречет“, на советскиот автор Александар Корнејчук, во превод на Блаже Конески и режија повторно на Димитар Ќостаров, ќе биде изведена на 3 април таа година.

Киното „Култура“ не е најстарото кино во Скопје. Пред него во разни периоди постоеле и „Вардар“, „Балкан“, „Зрински“, „Аполо“, па „Корзо“, „Граѓанска касина“, „Капитол“, „Авала“... Киното „Уранија“ (нели, првото име на „Култура“), според податоците со кои располагаме, е изградено во 1938 година од страна на Никифор Костиќ и Дича Филота. Набавена е најсовремена кино-операторска техника (германскиот кино-апарат „Ерменанд 2) за која, наводно, платиле 80 златни наполеони. Техниката ја инсталирале двајца стручњаци од Австрија. Како и да е, и покрај конкуренцијата, киното поради својата современост веднаш станало атракција, а пред секоја претстава, пред влезот во салата свирел блех-оркестар, а гледачите стоеле под „луксовите“ (газиените ламби) и слушале конференсие што ја читал содржината на филмот. Филмовите биле лиценцирани и набавувани од „Метро Голдвин Маер“, „Уфа“, „Парамонт“ и „20 сенчери фокс“.

Киното ја преживува Втората светска војна и ја зазема својата улога во повоениот развој на урбаната култура. Го преживува и земјотресот, а на неговото реноме не влијае ниту отворањето на, во тоа време, модерното кино „Центар“ (денешен „Милениум“) во тогаш супер-модерниот Градски трговски центар. Во најубавите времиња за скопската кино-култура, во 70-тите и почетокот на 80-тите години на минатиот век, во Скопје има околу 20 кино-сали, но кино „Култура“ успева да го задржи својот идентитет. Она што киното не може да го преживее е, всушност, македонската тешка и нелогична транзиција. Иако умирањето на кината се должи на новите технологии (видеа, DVD-а), главната причина за пропаѓањето на киното „Култура“ всушност е денационализацијата и неподготвеноста на наследниците да продолжат да се занимаваат со истиот бизнис. Секако, и неспособноста на државата да идентификува вистински (активен) споменик на културата и на, и онака кревката, урбана традиција во градот. Секоја чест (иако не мислиме така) на изградбата на „постаро и поубаво Скопје“, но, сепак, навистина е жално кога ќе се помине крај овој урбан монумент, или поточно фундамент, во распаѓање, а од спротива ќе го здогледате она грандиозно здание од црква или, нешто подолу, она чудовиште од Спомен-куќата на Мајка Тереза со некаква лажна миниамфитеатрална летна сцена. Едноставно, дури постои, киното „Култура“ ќе нè потсеќа на едно идиотско време, кога се откажавме од сопствениот урбан идентитет, од живата култура, градејќи мртви споменици и создавајќи лажни вредности.

На крајот, би било фер да споменам барем две посвети на оваа значајна институција. Првата е фотографијата на Кире Галевски, портрет на филмскиот вљубеник Стефан Сидовски, објавена во тогашниот „Глобус“ во фамозната фото-рубрика „Лајфстајл“. За таа прилика, Галевски го фотографираше професорот Сидовски на покривот на киното „Култура“. Втората е еден од соло-албумите на Влатко Стефановски, кој се вика токму така „Кино Култура“ и претставува компилација од неговата филмска музика. Дури и придружните музичари што го снимаа албумот и учествуваа на промотивните концертни турнеи, се нарекуваа себеси оркестар „Кино Култура“. Ете, барем по нешто да го запомниме овој важен топоним на скопското урбано живеење.

Слични содржини

Општество / Став
Општество / Став
Општество / Квир / Став
Општество / Став
Став
Став

ОкоБоли главаВицФото