20 годишнина од Падот на Берлинскиот Ѕид

09.11.2009 03:24
20g od pad na Berlinski dzid VBB.jpg

Почитувани читатели, ова е воведна статија на серијалот, кој специјално го подготвивме по повод 20 годишнината од Падот на Берлинскиот ѕид. Ве покануваме да ги проследите тематските текстови и фото изложби, кои се дел од него, со кликнување на линковите подолу. Ви препорачуваме користење на Firefox. Доколку имате проблем со вчитувањето на содржините, рефреширајте ги страниците во браусерот.

Заради подобро разбирање на темата, Ве покануваме да ја прочитате и воведната статија на овој серијал, која Ви ја објавуваме подолу.


На денешен ден, 9 ноември, се одбележуваат 20 години од Падот на Берлинскиот ѕид, еден од најзначајните настани во поновата светска историја, што воедно беше симбол на крахот на тоталитарните комунистички режими во Источна Европа и  крајот на идеолошката поделеност во светот, односно Студената војна.

Германија беше поделена од страна на Западните сојузници (САД, Британија, Франција) и Советскиот сојуз на два дела како последица на нејзиниот пораз во Втората светска војна, што подоцна резултираше и со формирање на две различни германски држави: Сојузна Република Германија (Западна) и Германската Демократска Република (Источна). Притоа, беше поделен и германскиот главен град, Берлин. Неговиот источен дел беше прогласен за главен град на ГДР, додека Западниот не се приклучи во СРГ, туку имаше специфичен статус под контрола на Западните сојузници.

За да ги држат своите сопствени граѓани под контрола и да ги спречуваат во нивните обиди за пребегнување на Запад, тоталитарните источно- германски власти започнуваат со подигање на Берлинскиот ѕид во 1961 година, во времето на владеењето на Валтер Улбрихт, а под супервизија на тогашниот секретар за безбедност, Ерих Хонекер, инаку иден лидер на ГДР. Овој монструозен споменик на човечкото лудило, во следните неколку децении ќе однесе и повеќе човечки жртви, кои ќе се обидат да го прескокнат во потрага по послободен живот на Запад, подалеку од теророт на озлогласената источногерманска тајна служба, Штази.

Берлин е еден од моите најомилени градови, а Берлинскиот ѕид и моја голема опсесија. Сум имал прилика и да го посетам, при што направив голема колекција на фотографии на повеќе негови зачувани делови (на еден од нив, го оставив и својот потпис). Истражував доста околу неговата историја и разговарав за таа тема со пријатели- Берлинчани, кои ја имале таа (не)среќа да го „фатат“ тој историски период. Иако бев детиште, основец, со голема возбуда ги следев настаните околу Источноевропските Револуции во доцните осумдесетти години на XX век, кои нам, како деца растени во нешто полибералниот самоуправен социјализам на неврзаната СФРЈ, ни беа особено интересни. Политиката на „Гласност“ и „Перестројка“ на советскиот лидер Михаил Горбачов доведе до извесна демократизација во СССР, а неговото напуштање на Брежњевата доктрина, ги окуражи опозициските сили во источноевропските земји, да излезат на улиците и да зададат final blow на тоталитарните режими, кои ги угнетуваа сопствените граѓани речиси половина век. Ветриштата на промените ги преминаа границите на Источна Европа, па свој оддек најдоа и во далечната НР Кина. Иако таа не беше во советската сфера на влијание, сепак, охрабрени од посетата на Горбачов, таму се одржаа брутално задушените студентски демонстрации на пекиншкиот плоштад Тјенанмен. Борбата за демократизација ги извојува и првите победи, прва не-комунистичка влада во Источна Европа беше формирана во Полска во август 1989, од страна на синдикатот Солидарност воден од Лех Валеса, за по два месеци, социјализмот да биде напуштен и во Унгарија. Според домино ефектот, беше само прашање на време кога, како гнили круши, ќе паднат и другите комунистички режими.

Но, сите овие промени воопшто не ги тангираа властите на Германската „Демократска“ Република, државата која тврдеше дека доследно ги следи идеите на германскиот теоретичар на комунизмот, Карл Маркс, со чие име, патем, беше преименуван и еден нејзин град, Кемниц. Дали тие нејзини тврдења беа веродостојни, не знам, но еве како неа ја опишува актуелниот руски премиер, Владимир Путин, кој во осумдесеттите таму служеше како разузнавач на КГБ: „Тоа беше строго тоталитарна држава според наш образец и пример, но со 30-годишна застареност. Трагедијата беше во тоа што многумина искрено веруваа во сите тие комунистички идеали. Тогаш, си мислев: ако почнат кај нас некакви промени, како ќе се одрази тоа врз судбината на овие луѓе?“. Во 1989 година, Перестројката во СССР беше во полн замав, но источногерманскиот лидер, 77-годишниот Ерих Хонекер, потполно отсечен од реалноста, тврдоглаво се спротивставуваше на било какви реформи и сеуште тврдеше дека „Ѕидот ќе опстои уште 100 години“! Кога есента истата година, во земјата избија масовни демонстрации, се чини стана предосаден дури и за своите сопартијци, па решија да го шутнат. На 18 октомври тој дава оставка, наводно по слободна воља, од здравствени причини, иако се тврди дека чинот бил изнуден под нивен силен притисок. За негов наследник беше избран помладиот, но не и премногу полибералниот Егон Кренц, кој вети некакви реформи, како последен очајнички обид комунистите да се задржат на власт. Масовните, инаку мирни протести, под мотото "Wir Sind Die Volk!" („Ние сме народот!), во кој учествуваа опозициски сили од сите политички „бои“, и либерал- демократски и демохристијански и не-комунистички левичарски, воедно и масовниот егзодус на Источните Германци на Запад, ги натераа властите на извесни отстапки, макар во делот на слободата на патувањето во странство, која тогаш беше особено жешка тема. Имено, тогаш тазе демократизираната Унгарија ги отвори своите граници спрема Австрија. Со оглед дека беше земја на Источниот блок, во која источногерманските граѓани слободно можеа да патуваат, тоа им овозможи, преку нејзините граници непречено да пребегнуваат на Запад. Во таа смисла, источногерманските власти решаваат да воведат привремени, порелаксирани правила за патување, наивно верувајќи дека така ќе си го поправат нарушениот рејтинг, како пред граѓаните, така и пред меѓународната јавност.

Попладнето, на историскиот 9 ноември 1989 година, во Источен Берлин, во крајно напната атмосфера, се одржува прес конференција, на која, портпаролот на владеачката партија, Гинтер Шабовски, го обелоденува новиот либерализиран граничен режим. Се наведува дека патувања во странство за физички лица отсега ќе бидат одобрувани на сите граѓани, кои тоа ќе го побараат. По заморното бирократско излагање, во 18 часот и 53 минути започнува неочекувана канонада од прашања на странски новинари, италијанскиот Рикардо Ерман, западногерманскиот Петер Бринкман, потоа Кшиштоф Јановски, азилант од Полска, вработен во „Гласот на Америка“ и други, кои бараат подетални појаснувања. Тие прашања, по игра на судбината, ќе станат историски. Шабовски е недоволно подготвен, под притисок е на актуелната политичка ситуација, башка и изиритиран од слободоумноста на западниве ’чкрабала’, па збркано буричка низ листовите хартија барајќи информации и мумла недоквакани одговори. „Ќе треба ли пасош или не треба?“- се слуша од еден крај на салата, „Дали ова важи и за Западен Берлин?“- се слуша од друга страна, па ако веќе би важело и за Западен Берлин, логично се надоврзува и прашањето „А што ќе биде тогаш со Берлинскиот ѕид?!“. Постои спор околу тоа, од кого од горенаведените новинари било поставено секое одделно прашање, но несомнено, едно од нив е круцијално: „Кога овие нови мерки ќе стапат на сила?“. Шабовски повторно шушка со хартиите за да одговори со историското: „Според моите информации, веднаш“. Се тврди дека одговорот бил недоволно јасно формулиран. Но кому му е веќе гајле, „веднаш“ е ВЕДНАШ. Ерман брза да се јави во Agenzia Nazionale Stampa Associata, при што пророчки им диктира „БЕРЛИНСКИОТ ЅИД ПАДНА!“. Од другата страна на телефонската жица, мислеле дека е луд. Почнува лавина.

Вечерта, илјадници и илјадници граѓани од Источен Берлин, кои ја следеле прес конференцијата на телевизијата и радиото, почнуваат масовен марш кон граничните премини на Берлинскиот ѕид, кои водат до капиталистичкиот Западен Берлин. Граничните служби се најдени во небрано кога кон нив навалува огромна маса народ во еуфорија! Што да се стори, зарем да се отвори оган?! Зар тукутака да се пропуштат луѓето?! Да се бараат или да не се бараат документи?! Какви?! Настанува општа збрка, имено, граничните служби не биле благовремено известени што да прават, а ниту во лудило не би очекувале да се случи вакво нешто! Следуваат очајнички телефонски повици до претпоставените, но ни тие немаат добиено инструкции што да прават, а никој од нив нема храброст да преземе одговорност за евентуално крвопролевање! Народот им скандира на очајните граничари „Отворете ја портата!“. Тензијата е огромна. На крај, победува разумот! Некогаш крајно ригидните источногермански граничари, ја преземаат историската одговорност во свои раце и самоиницијативно решаваат да ги кренат рампите! По речиси полувековна поделба, илјадници Источни Берлинчани слободно зачекоруваат во Западен Берлин, каде со радост се пречекани од своите западни сограѓани во празнична атмосфера. Со капитулацијата на источногерманските власти пред сопствениот народ и со отворањето на границите, Берлинскиот ѕид, кој требаше тие исти граѓани да ги држи подалеку од „пороците“ на „трулиот капитализам“, веќе ја изгуби смислата за своето постоење. Армија млади луѓе вооружени со чекани и длета прејдоа кон негово уништување, но сепак, негови делови се зачувани како сведоштво за една мрачна ера.

На новинарско прашање, „Ви беше ли жал кога се урна Берлинскиот ѕид?“, Путин одговара: „Всушност, знаев дека тоа е неизбежно. Искрено да ви кажам, жалев само за загубените позиции на Советскиот сојуз во Европа, иако сфаќав дека позицијата заснована врз ѕидови, не може да постои вечно“.

Во март 1990, во ГДР се одржаа првите слободни избори, единствените во историјата на оваа бизарна држава, за на 3 Октомври истата година, да дојде и до нејзино укинување со чинот на Обединувањето на двете Германии.

Како наследство од некогашниот живот on the East Side на Берлинскиот ѕид, кај еден дел од некогашните Источните Германци, односно Источни Берлинчани, се јави феноменот на т.н. „Осталгија“ (Ostalgie, од германското "Ost" кое значи „Исток“). Носталгијата се должи на некои аспекти од поранешниот живот во Источна Германија, кои се оценуваат како позитивни, воедно се должи и на разочарувањето на еден дел од некогашните Источни Германци по спласувањето на празничната еуфорија, кога се соочија со фактот дека во капитализмот, пари не растат на дрво, дека не возат сите мерцедеси. Крахот на вредностите некогаш промовирани во ГДР, допринесе и за непречено ширење на радикален неонацизам кај еден дел од тамошната младината. Застапниците на „Осталгијата“ особено го нагласуваат постоењето на каква- таква социјална сигурност, поголемата безбедност и ниската стапка на криминал во времињата на ГДР. Потоа, постои носталгија по тогашната музика, филм, спортските успеси итн.

Феноменот во некоја рака може да се спореди со Југоносталгијата, но сепак, авторот на овие редови смета дека такви паралели би биле донекаде неумесни. Југословенскиот неврзан социјалистички систем, кој одамна го оставивме во историјата, каде му е и местото, секако треба да биде подложен на критика заради неправдите сторени во негови рамки, но сепак, да бидеме искрени, ние немавме Ѕид насред Скопје. Всушност, има(в)ме Градски ѕид, но тоа е веќе друг муабет.

Конечно! Се урна препреката,

Конечно! Се урна препреката, конечно слобода, падна комунизмот, се обедини Германија, Европа... светот, Југославија и нејзиниот систем во минатото, конечно светот е слободен и слободно не затвори нас слободните Македонци и овозможи слободно да патуваме само до Гевгелија . А црвениот пасош си го ставивме каде му е местото - во историјата.

зашто мешаш

зашто мешаш работи,југославија нема никаква врска со приказната. југославија беше неврзана земја и за источниот блок беше америка.темата е берлинскиот ѕид а југославија е спомната попатно колку за споредба затоашто била нешто послободна комунистичка земја.не била совршена затоа што совршена не е ни америка на крајот на краиштата.во секој случај се е тоа историја.твојот црвен пасош и зашто веќе го нема не е во никаква врска со берлинскиот ѕид

 Коментарот е иронија на сите

 Коментарот е иронија на сите изјави што ги слушнав денес во медиумите по повод "подот на комунизмот". Апсолутно се согласувам дека Југославија беше слободна земја и немаше врска со ѕидот. Твојот одговор е тумачење на суштината која разумот ја прифаќа а малограѓанството не. Живели!

Цитирам: „крахот на

Цитирам:
„крахот на тоталитарните комунистички режими во Источна Европа“
„нешто полибералниот самоуправен социјализам на неврзаната СФРЈ“
„не-комунистичка влада во Источна Европа“
„социјализмот да биде напуштен и во Унгарија“
„ќе паднат и другите комунистички режими“
„Трагедијата беше во тоа што многумина искрено веруваа во сите тие комунистички идеали“
„не-комунистички левичарски“
„Југословенскиот неврзан социјалистички систем“
„Комунистите“ не го уважуваа ставот на Маркс и Енгелс дека во социјализмот не се произведуваат стоки и не постои пазар и каде се денес тие со нивниот „самоуправен социјализам“ (СФРЈ) или „трета фаза на комунизам“ (СССР)?! Ги нема никаде. Зошто? Затоа што не го почитуваа Марксовото „Кој со категориите на политичката економија ја гради зградата на некој идеолошки систем, тој ги разединува членовите на општествениот систем. Тој тогаш секој член на општеството го преобразува во одвоено општество, а потоа овие одвоени општества истапуваат едно по друго“. Ете, тоа се случи со „социјализмот“ на Ленин, односно со ленинизмот. Но, кој да ги чита Маркс и Енгелс кога се „може“ и без нив. Потребна е само поддршка од мнозинството. И ги поддржуваше цел народ и цел свет: Ленин, Сталин, Тито, Мао... И не знам кој уште не. И не остана ништо од тој „социјализам“ базиран на категориите на политичката економија. И некој има образ да каже дека Маркс и Енгелс не се во право!
Вангел Башевски, прво ќе треба да докажете дека Ленин, Мао, Хо Ши Мин, Кастро и останата багра воспоставиле комунизам во своите земји, односно ги поопштествиле средствата за производство. Инаку, тврдењето дека тие жртви припаѓаат на комунизмот би било чиста злонамерна импутација и доказ за малограѓанштина. А јас, во овој случај, ќе ви докажам дека нивниот „социјализам“ во својата суштина не бил социјализам! Докази за тоа има безброј. Во што „социјалистичкото“ стоковно производство – кое го фалеше и Киро Глигоров – се разликуваше од капиталистичкото, па да има поинакви последици по општеството? Во ништо. Маркс докажува дека „производот кој во промет влегува како стока, во какви било услови да е произведен, тоа не менува ништо на неговата суштина“. Од тоа секој може да заклучи дека нема разлика меѓу „социјалистичката“ и капиталистичката стока. А Киро Глигоров тврдеше дека има! И тоа јавно низ цела СФРЈ. И Енгелс во написот „Правнички социјализам“ децидно тврди дека во социјализмот не се произведуваат стоки , што е сосема јасно и разбирливо кога се зема во вид дека средствата за производство се во општествена сопственост и во тој случај нема потреба од размена по пат на пазар каде што разменуваат само приватни сопственици. И сега кој е во право?! Само Маркс и Енгелс, бидејќи само врз основа на нивните анализи може да се даде точен одговор на сè она што се случуваше во 20 век и се нарекуваше „социјализам“, а немаше врска со социјализмот.
П.С. Квиз-прашање: Дали, според Вас, во Венецуела има социјализам или пак тој постои таму како општествено-економски систем само затоа што Чавез се декларира себеси како „демократски социјалист“ или во краен случај тоа не е важно според вас, само важен е „фактот“ што Чавез е „демократски социјалист“ а неговиот „демократски социјализам“ едноставно е уште една тоталитаристичка метастаза?!

Berlinski sid

Debatata na MTV bese po povod padot na Berlinskiot sid i negovoto znacenje za cela svetska istorija,a ne konkretno za Makedonia ili Jugoslavija.Dali Vie voopsto znaete kakvo znacenje ima padot na toj zid?Dali znaete kako se prestruktuiraa golemite sili i kako izgledase svetskiot poredok vo toj period,a osobeno sega posle celi 20 god?Nemojte da gi omalovazuvate studentite i nivnite porofesori.Ako ima podobri togas tie neka bidat na nivnite mesta,a ne da zboruvaat od strana.
Pozz

Коментирате на погрешно

Коментирате на погрешно место. За таа тема се говореше во сосема друга статија на овој сајт.

nema vrska,bitno e toa sto

nema vrska,bitno e toa sto porakate e prenesena.
pozz

ОкоБоли главаВицФото