Земјата на слепите

20.08.2013 12:52
Земјата на слепите

Груевизмот наликува на кошмар. Страшно е, ама уште пострашно е, во сонот - будењето. Очите треба да бидат цврсто затворени, за да се преживеат грдите и опасни слики. Како некаква посекотина која одбива да се претвори во лузна и од која постојано капе крв - тоа е груевизмот.

Два примери деновиве, од летната лектира, ми ги подотворија очите (а можеби и ми ги подзатворија, за да продолжи сонот на спротиставувањето?!) кога станува збор за кошмарот што го чувствувам околу себе. Првиот пример е од книгата „Музикофилија“ на славниот невролог Оливер Сакс. Вториот пример е романот на Х. Џ. Велс од 1904 година, „Земјата на слепите“. Таму планинарот Нуњез, главниот лик во романот, ја кажува познатата реченица: „Во земјата на слепите и едноокиот човек би бил крал.“

Оливер Сакс зборува за еден негов пациент по име Вирџил. Вирџил целиот живот бил практично слеп. Во педесеттата година успеал да го поврати видот, по операција на окото. Но, неговиот нов вид бил мошне ограничен и кршлив и Вирџил тешко се навикнувал на практично новото сетило. Сакс тоа го објаснува на следниот начин: мозокот на Вирџил никогаш не развил јаки визуелни когнитивни системи бидејќи од рани години бил мошне ограничен во гледањето. Затоа, по операцијата, гледањето станало тешкотија. Кога Вирџил со новостекнатиот вид почнал да се бричи, на пример, во почетокот не можел ни да го види ни да го препознае своето лице во огледалото, а по неколку минути морал да се бори за да го задржи препознавањето на целиот визуелен свет. На крајот Вирџил се откажувал од „визуелното бричење“ и си се враќал кон бричењето на допир, бидејќи неговата визуелна слика се распаѓала во непрепознатливи фрагменти.

„Земјата на слепите“ е изолирана заедница од луѓе коишто се раѓаат и умираат слепи. Целата нивна култура, логично, е прилагодена на нивните сетила: убавината е чувство што го препознаваат со сетилото на допир; нивните куќи немаат прозорци; работат ноќе, кога е посвежо, а спијат дење, кога физичката активност е потешка.

Нуњез е „нормален“, т.е. го има и сетилото за вид. Случајно затекнат во заедницата на слепите, тој на почетокот се чувствува супериорно. Набрзо, меѓутоа, се соочува со неочекувани проблеми: не може да се снајде во неосветлена куќа без прозорци; ги губи битките против локалните воини кои имаат изострени сетила за слух и допир.

Нуњез не може да разбере дека жителите на „Земјата на слепите“ живеат без каква било идеја дека постои сетилото за вид. Тие не разбираат зошто би постоело такво сетило и за што би служело. Затоа заклучуваат дека Нуњез е болен. Крунскиот доказ за „ненормалноста“ на Нуњез е изборот на жените што му се допаѓаат; заедницата смета дека тие мазни женски лица се сосема непривлечни. Та така, откако ќе разберат какви жени го привлекуваат Нуњез, домородците се уште поубедени дека Нуњез не е нормален.

Откако ќе ја изгуби борбата за владеење над заедницата, Нуњез се откажува од сопствениот светоглед: „Не, тоа беше глупост. Зборот не значи ништо.“ Жителите на Земјата на слепите сепак решаваат да го изолираат, како опасен елемент, сè додека не го излечат - со вадење на очите.

Што е поентата на текстов? Нема поента, внатре сме во кошмарот. Нема да дојде неонскиот кловн, духот од машината, разрешувачот кој ќе падне од никаде и ќе заигра пред нас со фосфоресцентниот знак врз себе на којшто би пишувало РЕШЕНИЕ. А и да падне, пред нас, неонскиот кловн, прашање е - а тоа го поучуваат и приказните - дали има кој да го види.

Слики: The Royal Art Lodge

ОкоБоли главаВицФото