Валентина Стефановска почесен граѓанин на Фиренца

21.08.2013 11:06
Валентина Стефановска почесен граѓанин на Фиренца

Фиренца/Скопје, 21 август 2013

Најуспешната македонска скулпторка на сите времиња, Валентина Стефановска, е прогласена за почесен граѓанин на Фиренца, поради ревносното промовирање на градот. Исто така, таа доби понуда да работи како туристички водич во италијанскиот град.

Во соопштението на градските власти на Фиренца до медиумите стои дека Стефановска е еден од најголемите промотори во историјата на градот, а нејзината љубов кон италијанскиот бисер ја покажала и со своите безбројни патувања.

„Не можеме да ги избориме сите патувања во Фиренца на прекрасната Валентина при кои таа сакаше што подобро да го запознае градот. Но, таа не доаѓаше сама, туку со себе донесе и педесетина други туристи, презентирајќи им ги убавините на нашиот град-бисер“, вели градоначалникот Микеланџело Бронзини.

Тој додава дека е трогнат од љубовта на Стефановска кон Фиренца и вели дека понудата таа да биде туристички водич во градот е сосема логична, бидејќи Валентина е еден од најдобрите познавачи на овој град, благодарение на (без)бројните патувања.

„Кога станува збор за љубовта кон Фиренца, не жалам туѓи пари. Би потрошила и милијарда евра народни пари, за уште поубаво да го запознаам овој прекрасен град. Сакам со мене да понесам уште стотина роднини, пријатели, колеги и познаници, па здравје, еден ден Скопје и Фиренца да станат збратимени градови“, изјави Стефановска за Пара вести.

Таа вели дека за сега нема да ја прифати понудата за туристички водич во италијанскиот град, бидејќи не се знае до кога ќе трае нејзиниот ангажман во проектот Скопје 2014.

„Би прифатила да им ги покажувам убавините на Фиренца на туристите од светот , но потребна сум му и на моето Скопје. Кога ќе ги излеам сите грандиозни фигури во бронза и кога ќе заврши - ако заврши - проектот Скопје 2014, веднаш ќе го фатам најскапиот лет за Фиренца. “, вели Стефановска.

Шетањето на Валентина Стефановска може да се смета за еден од најзначајните потфати за отворање на земјава кон Европа, по идеите на Коце Трајановски добиени од Париз.