Монументални шутраци (1)

28.08.2013 10:59
Монументални шутраци

1.

Значи, имав право кога реков дека сега, по објавувањето на првичниот Извештај за хохштаплерското трошење пари во Општина „Центар“, оние неколкумина шутраци – барокољупци под итно се состануваат под некој камен за да смислат одговор. Како да се оправдаат сите наводи во Извештајот, како да се спасува „грандиозниот“ СК 2014 од грандиозните малверзации? И кој ли маж или жена ќе наместат да се истрча?

И еве го, „стручњак“ par excellence, за сè во државава, особено, изгледа, за прашања од областа на уметноста. Просто човек да ужива како мали Ѓокица гледа на нештата, како „толкува“, а утре ќе ти бил и амбасадор, велат. Машала. Ќе им објасни сè на тие, каде што оди!

2.

Значи овој „стручњак“ кој се потпишува како аналитичар, пред некој ден во Нова Македонија, ги смири возбудените духови околу Скопје 2014 „укажувајќи“ дека, правно, таму сè е чисто (види богати?!), дека тие можеле да прават што сакаат со спомениците, дека таму можеле да даваат пари сите „правни и физички лица“ а со тоа и Владата… И сè некако клекнато, онака на коленици, поданички… за да се релативизира сè, па дури и поимите коишто му се јасни на секој полуинтелигентен човек. Ама кај нас, нели, сè е некако нејасно, не може баш така цврсто да се објасни, уште помалку да се тврди… И сето тоа го среќаваме токму кај една групација клекнати луѓе, кои имаат една и само една работа во животот – да правдаат туѓи будалаштини. Или, барем оние кои, мислат тие, се доволно закукулени и замумулени, па за нив може да се трабуња до сто и едно, и назад.

3.

Е, овој клекнатиов, кому му паднала секирата во мед дента да биде на листата за оправдување, се фатил за поимот монументално и констатира: „А што е монументално, а што не, е многу субјективно прашање“. Види мајката!

Впрочем, за „стручњаците“ од овој тип, токму од групацијата на клекнатите, сè е релативно и субјективно. И демократијата, и владеењето на правото, и 24 декември, и сè друго што не доаѓа од под нивниот камен. Ми се чини дека нивната постојана клекнатост или коленичење, ако сакате, не им дозволува сериозно да ги согледаат нештата околу себе. Друга им е перспективата. Жабја! Ако воопшто го кренат погледот од чевлите на газдата! А можеби толку им сече умот?

Како и да е, едноставно човек не може да се начуди како сè, ама буквално сè кај нас може да се релативизира. Впрочем, како што напишав и за оној „стручњакон“ Станковски – Сарајлија (а сè мислев дека нему ќе му се падне да ги правда овие глупости!), не е за чудење ако еден ден, набргу, почнат да нè убедуваат дека Земјата, всушност, не е тркалезна. Зашто, од нивната коленичка перспектива, богами, којзнае каква им се гледа!

4.

Па оттука, нашиов клекнат „стручњак“ го става под сомнеж поимот монументално (а во контекстот на Законот за споменици и спомен обележја!) и сака да го види како субјективен поим. Што ќе рече, поимот може да се однесува на сè и сешто, како кој ќе посака. Жити мајка. Тој може да си го смета својот газда за монументален, или да ги гледа клупите во парк како монументални, или дури и неговото со клечење тешко спечалено идно амбасадорско место да му се види – монументално! Можеби. Такво право има.

Ама, некои умни луѓе мислеле и напишале што е тоа монументално, барем во уметнички/споменички рамки. Зашто за тоа станува збор! Па велат дека поимот може да биде именка, со значење многу голем (синоним massive) или многу значаен (синоним outstanding), и придавка повторно со истите односно слични значења кога се говори за споменик, за нешто големо и значајно и сл. А бидејќи и во Законот на кој се повикува „стручњаков“, а и во целиот муабет околу СК 2014, акцентот е на спомениците (односно спомен обележјата), поимот монументално најтесно и најдиректно се однесува на ГОЛЕМИНАТА на истите. Впрочем, придавката монументално е изведена од зборот монумент, што ќе рече – споменик! Дури Тезаурот на Гети (Art & Architecture Thesaurus) не дозволува никаква варијанта освен големината: (<size/dimensions by specific type>, <size/dimensions>)! 

Оттаму, впрочем, во уметноста се говори и за монументална уметност, или јавна и споменична уметност. И спомен обележјето е јавна уметност, ама не е монументално! Инаку, и во Македонија е доста пати пишувано на таа тема – на темата за Македонската монументална уметност, отпечатени се и некои книги – ама некој треба да земе и да чита!

И всушност, колку време и колку пати човек ќе треба да потроши на вакви незнајковци, укажувајќи им на будалаштините што ги пишуваат во својство на „аналитичари“? Па земете и читајте малку бе шутраци! Како ќе амбасадорувате без познавање на основни цивилизациски работи?!

5.

Понатаму, со полна одговорност на човек кој учествувал во пишувањето на некогашниот Закон за споменици и спомен обележја – а којшто до денес не претрпел суштински туку само технички измени – и како човек кој неколку години го водел некогашниот Совет за споменичко одбележување на значајни настани и истакнати личности, можам да кажам дека ваквите дилетантски пискарања на луѓе кои немаат блага врска за што говорат, никако не помагаат. Впрочем, немаат ни таква намера. Тоа се само клекнати „толкувања“ со цел да ги заматуваат нештата, да ги релативизираат до бескрај, да го убедуваат народот дека, ете, таму некој нешто лаже! А велат, во лагата се кратки нозете.

Вистината е една, и јасна е и недвосмислена, без оглед кој како сака да ја гледа:

меморијални споменици (чл. 3 од Законот) „се поединечни или група објекти и монументални дела од архитектурата, скулптурата, сликарството и применетата уметност“, и истите се подигаат за настани и личности кои се од исклучително значење за РМ, и тука нема ништо непознато, субјективно, нејасно! И тие меморијални и монументални споменици ги подига Собранието на РМ! И повторно сè е јасно.

Ама кај спомен обележјата (чл. 4) никаде не стои поимот меморијални односно монументални! И тоа е така за да се направи разлика помеѓу едните и другите, помеѓу нивниот карактер, димензии, значење… И затоа стои дека „спомен обележја, во смисла на овој закон, се бисти, скулптури, плочи, чешми, фонтани и други уметнички и архитектонски дела и творби…“. Ама, повторно, никаде не стои дека тие (спомен обележјата) се меморијални и монументални!

И што е тука спорно? Или сега секој ќе гледа и чита, па згора и ќе „толкува“, како сака? Или сега клекнатиов и компанијата ќе тврдат дека она чудо што се вика Аце е – биста? Или она грозоморие во чест на паднатите борци е спомен плоча? А веројатно оние чудесија преку Камениот мост се спомен чешми?

Па до каде може да оди македонскава глупост?

Извор: teodosievski.blog.mk
Слики: Свирачиња

Слични содржини

Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Став

ОкоБоли главаВицФото