Да се убие марионетата во себе

29.08.2013 10:05
Да се убие марионетата во себе

Доаѓањето на режисерот Љубиша Георгиевски на чело на Собранието е еден од поинтересните настани во нашиот општествен живот. Од многу аспекти е интересно промовирањето на таа живописна фигура во втор политички човек во државава. Ќе се задржам само на дел од тие аспекти, во најголема мера поврзани со прашањето на интелектуалецот и на неговото место во општеството.

Веднаш да го изнесам главното реторичко прашање: дали колоритниот козер Љубиша Георгиевски е интелектуалец, во смисла на една бескомпромисна одговорност за заедницата?

Одговорот веднаш следува: не. И не само што не е интелектуалец туку никогаш не ни бил, како и речиси сите негови колеги од културата и професурата од времето на нему презадоцнето згадениот социјализам. Дури и денес ситуацијата е иста, само што денешните полиња за општествено етаблирање се благо изменети. Георгиевски градеше успешна кариера во социјализмот, бидејќи знаеше својот суптилно патетичен и драмски национализам да им го продаде на комунистичките властодршци, кои го љубеа токму таквиот торжествен и романтичен македонски национализам.

Денес, велам, е слично, само што денешната верзија на некогашниот националистички патос е национализмот како адвертајзинг, како себепромоција и како добра можност да се наполнат сопствените џебови. Некогашните „државокорисни" режисери својата идеолошка подобност ја собираа по комитети и сизови; денес се лицкаш пред огледало, крваво работиш на својот селебрити статус, имаш лична ПР и маркетинг-стратегија, тропаш стереотипни рекламни будалаштини за Македонија, наздравуваш со сите актуелни и идни моќници, се закануваш каде што треба (па и каде што не треба, чисто да се осигураш:) и, пред сè, бескрупулозно трупаш пари, оти тие се, сметаш, единствената реална моќ.

Во однос, значи, на денешниве алчни и површни рекламни мајстори (често камуфлирани во национални културни величини, впрочем, исто како и некогаш:), Љубиша Георгиевски изгледа комплексно, длабоко и морално стамено. Но, тоа е само впечаток. Оти, велам, нашиот шармантен бонвиван не само што никогаш не преземал подлабоки ризици за да му се спротистави на стариот режим (врз чие плукање ја гради својата политичка кариера), туку едноставно не е ниту интелектуалец кој исполнува некаква странична корективна функција.

Се разбира, во случајов е клучно што подразбираме под „интелектуалец". Моето мислење приклонува кон сфаќањето на интелектуалецот како критички дух, некој што ги преиспитува стереотипите и „мнозинскиот пулс" и му служи на општеството негувајќи ги крајните, а не медиокритетските вредности. Интелектуалецот треба да биде некој кој својот авторитет не го бара во институцијата и кој инсистира на својата автономија. Доколку закрилата е во институцијата, тогаш интелектуалецот го усвојува конформистичкиот идентитет на куќен мислител.

За интелектуалци посветени на јавната кауза не ги сметам ниту многубројните професионални мислители, академичари, интелигентни стручњаци и луцидни експерти. Баш и не сте застапник на критичноста и независноста доколку работите како „интелектуалец" од девет до пет, за да го заработите лебот, со едното око врз часовникот, а со другото врз она што се смета за исправно, професионално однесување, смета Едвард Саид; не сте интелектуалец без да го занишате бродот, без да скршнете надвор од прифатените парадигми и граници, мислејќи исклучиво на пазарот и на можноста да бидете „неполитични" и „објективни".

Од друга страна, се разбира, случајот на Љубиша Георгиевски, како и воопшто случајот на интелектуалецот во новиот век, е премногу комплексен за да се сведе на прости „да" и „не". Еве некои други дефиниции за интелектуалецот што можеби фрлаат поинаква светлина. Стариот Зигмунд Бауман вели: „Значењето ‘да се биде интелектуалец’ подразбира воздигнување над делумната преокупација со сопствената струка или уметнички жанр и занимавање со глобалните прашања на вистината, разумот и вкусот на времето." Влијателниот Едвард Саид вели дека интелектуалците се поединци кои ја поседуваат вештината на застапување, било да е тоа говорење, пишување, подучување, појавување на ТВ.

И покрај комплексноста на прашањето, значи, избирам да го соопштам својот став: опортунизмот на Љубиша Георгиевски не е некоја славна политичка, културна или морална оставина за сегашните и идните генерации. Ми се чини дека Георгиевски не го направи она што Пол Валери го соопшти за Господинот Тест: „Тој ја беше убил марионетата во себе". Гледајќи го како дисциплинирано рапортира пред сите шефови (иронично, сегашниот претпоставен на нашиот режисерски бард е некогашен театарски статист!), се прашувам дали можеби Георгиевски не ја уби марионетата во себе токму зашто во прв ред тој е режисер, свесен дека сите ние сме таму, на некоја сцена, и сите сме повеќе-помалку марионети?!

Можеби не ја уби марионетата во себе и заради хроничната опседнатост со патосот и драмите на Француската револуција, клучниот политички настан на модерната историја? Интересно гледање на односот меѓу марионетата и буржујот дава Петер Слотердијк: „Токму сигурноста со која највклопените, најупатените, најрепрезентативните, што значи најбуржоаските природи ја презедоа позицијата на Burgerfreser, проголтувач на буржуи, одамна е дел од францускиот естетички радикализам".

Таа реченица многу зборува и за естетското и за политичкото позиционирање на Георгиевски. Буржујот го јаде буржујот. Но, и напнатоста меѓу граѓанинот и буржујот е постојана. Така што, се разбира, ни мојата позиција не е сосема невина, иако марионетата во мене се трудам да ја умртвувам со вуду-иглите на некои поинакви културни концепти и поинакви агли на согледување.

Најнакрај, сепак, сакам да ја поздравам одлуката на ВМРО-ДПМНЕ за новиот шеф на парламентот. Можеби низ Георгиевски Македонија ќе ја учи еминентно европската идеја: да се комбинира дејствувачката сила со нерешителната интелигенција. Уште Вајтхед велеше дека енергијата без рефлексија е бруталност, а рефлексивноста без енергија декадентност. Дури и како интелектуален опортунист, Георгиевски може да ја одигра улогата на важен поврзувач меѓу многуте раскинати и фрагментаризирани делови на нашето запуштено општество, поврзувач на енергијата и рефлексијата. Колку за еден политичар - тоа ќе биде повеќе од доволно.

Слики: Свирачиња

Утрински весник, 08.08.2006.

сроден текст: Лајнени стапови за глинените војници