Папата Франциск против воена интервенција во Сирија

02.09.2013 08:07
Папата Франциск против воена интервенција во Сирија

Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, ја осуди употребата на хемиско оружје во Сирија, но истовремено повика на завршување на граѓанската војна во земјата со договор, а не со воена интервенција.

Папата претходно ги повика верниците од сите религии да му се придружат на 7 септември во молитвата и постот за мир во Сирија.

Наместо да ги разгледува традиционалните теми кои се однесуваат на религијата, на неделното обраќање пред народот на плоштадот Свети Петар, папата Франциск одлучи целиот говор, исполнет со жалење и страв, да го посвети на Сирија.

„Моето срце е рането поради она што се случува во Сирија и исполнето со страв поради драматичниот развој на ситуацијата која се наѕира на хоризонтот“, рече папата и повтори дека ги повикува сите страни вклучени во граѓанската војна да го положат оружјето, „да го слушнат гласот на својата совест и да почнат да преговараат“.

Пред десетици илјади луѓе собрани на плоштадот Свети Петар, кои со аплауз го поздравија неговиот говор, поглаварот на Римокатоличката црква со остри зборови изрази ужас поради употребата на хемиско оружје.

„Со крајна непоколебливост ја осудувам употребата на хемиско оружје. Ви велам дека страшните слики последниве денови го прободуваат мојот ум и моето срце“, рече папата Франциск по повод фотографиите и ТВ снимките од жртвите на хемиско оружје во Сирија.

„Над она што го правиме ние се Божјиот суд и историјта, од кои никој не може да побегне“, нагласи папата и видно повишувајќи го тонот додаде: „Војната донесува војна! Насилството предизвикува насилство!“

Обраќањето на папата Франциск ја потсети јавноста на сличниот емотивен говор на покојниот поглавар на Римокатоличката црква, Јован Павле Втори, кој пред десет години на сличен начин се обиде да ја разубеди администрацијата на тогашниот претседател на САД, Џорџ Буш, да го нападне Ирак.

Поради тешката ситуација во Сирија, папата Франциск одлучи да ги повика верниците од сите земји во сабота навечер да му се придружат во молитвата за мир во таа земја, во останатиот дел од Блискиот исток и во целиот свет, каде и да има судири.

Папата изјави дека „светот мора да види постапки на мир и да слушне зборови на мир“, истакнувајќи дека само дијалогот, а не воената интервенција, можат да ја завршат граѓанската војна во Сирија.

Извор: abcnews.go.com

ОкоБоли главаВицФото