Улици

05.09.2013 05:51
Улици

Една од работите што (повторно) можат да се научат од актуелното опозициско практикување на политиката на улица е дека овој, можеби, најважен елемент на урбаната средина е своевиден супститут за севкупниот уреден општествен живот. Значи, ако не функционираат институциите на политичкиот систем, тогаш нивната улога ја презема улицата. Ако не функционираат, на пример, институциите на образовниот систем, тогаш образованието го презема – улицата. Ако не функционира домашното воспитание, тогаш и воспитувањето го презема улицата.

Вообичаената перцепција за овие функции на улицата е негативна. Демек, со улични методи не се добива ништо. Што, секако, применето на кој било општествен сегмент на уличниот живот, е - погрешно. Во многу држави власта се менувала и се менува по принципите на уличната демократија и уличната политичка борба. Половина од некогашните југословенски републики го изгубија своето политичко раководство преку таканареченото „случување на народот“; цел еден режим, комунистичкиот, беше сменет со масовни излегувања на улица; конечно, така паднаа владите во Тунис, Египет, па и Либија; така падна власта во Украина, Слободан Милошевиќ, па и Андреас Папандреу... Натаму, секој искрен и повозрaсен човек ќе ви објасни дека уличните универзитети, таканаречената школа на животот, која во нашиот морален вокабулар ја нарекуваме „искуство“ е подеднакво важна, ако не и поважна од формалното образование. И на крајот, добрите манири најдобро се учат во сообраќај со другите луѓе, а улицата е единстеното место каде што тој сообраќај интензивно се одвива.

Во таа, а и во секоја друга смисла, улицата е еден од најкомплексните урбани елементи. Таа, ете, служи за протек на луѓе, возила, војски и идеи. И затоа животот на улицата подразбира строги и стриктни правила. Во спротивно, таа едноставно не би можела да ги исполнува своите функции. Значи, за разлика од врежаното традиционално сфаќање на овдешните локални и централни власти, улицата, ни во физичка смисла, не е само коловозот. Нејзините основни делови, покрај централниот по кој се движат сообраќајните средства, се и тротоарите и пешачките премини и пешачките острови. Се разбира, тука е и хоризонталната и вертикалната сообраќајна сигнализација, банкините, шахтите, одводите, билбордите, а и сето она што се третира за придружна опрема: бензински пумпи, кафеани, но и згради и продавници. Затоа со голема доза на резерва прифаќајте ги информациите дека некоја улица е реконструирана или асфалтирана. Најчесто станува збор само за подобрување на условите за моторниот сообраќај, а не и на оној на луѓето.

Токму поради комплексноста на улицата, таа добива свое лично име. Едноставно, неопходно е да се распознава од другата улица. Имињата на улиците во градовите со урбана традиција се даваат според карактеристиките на самите улици. Наводно во Ланголен, Велика Британија, сè уште постои улица што се вика „Македонска“, а која го добила своето име затоа што, во 1950 година, во тамошните приватни куќи престојувале членовите на ансамблот „Танец“, кој таа година на својот прв позначаен меѓународен настап, токму на меѓународниот фестивал во Ланголен, го освојува првото место. Во некои други градови постојат улици на брестовите, на бандерите, на штрковите. Во поновите градови не е невообичаено улиците да се именуваат со редни броеви, како што е случајот со Њујорк, на пример.

Што се однесува до Скопје, токму и опозиционите протести покажуваат дека Скопје ја нема урбаната традиција да ги препознава своите улици. Барем не според имињата што ги носат. За волја на вистината, сè уште е нејасно дали опозиционерите ја блокираат улицата „Димитрија Чуповски“ или улицата „Вељко Влаховиќ“. Се разбира, станува збор за иста улица, чие ново име уште не заживеало во административните лавиринти, но затоа им прави и тоа какви административни проблеми на нејзините жители. Но, без оглед на ова (конечно, ни името „Вељко Влаховиќ“ не заживеа нешто претерано), скопјани секогаш ќе се повикаат на некој топоним побргу, отколку на името на улицата (рудимент на долговековната традиција на селскиот начин на живеење, односно соочување со непостоењето на граѓанската класа). Фактот дека повикувањето на топонимите главно се однесува на исчезнатите препознатливи места („Рекорд“, како во случајот со опозиционите протести, „Грација“, „Ловец“, „Ванила“, „Беба“, „Коцка“...), исто така е рудимент на кусиот период на постоење одреден граѓански слој во македонското општество. За што точно зборуваме, можеби најдобар пример е малиот исклучок во Старата чаршија, каде што сè уште постои „Казанџиска“ и слични улици, чие име јасно ја искажува нивната препознатливост.

Конечно, традицијата на улици во Скопје е навистина нова. Според некои податоци, првите имиња скопските улици ги добиваат во 1882 година. Дури во 1923 година се ставаат првите метални табли што ги означуваат имињата на улиците, а до 1944 година, односно до ослободувањето на Македонија, ниту една улица не носи македонско име. Со други зборови, именувањето на улиците, барем во овие краишта, секогаш ја изразувало волјата на политичката елита на власт. По ослободувањето, имињата добиваат партизански, југословенски, но и македонски шмек: „Маршал Тито“, „АСНОМ“, булевар „ЈНА“, булевар „Партизански одреди“..., додека по земјотресот од 1963 улиците добиваат имиња по земјите и луѓето што придонеле за изградба на разрушеното Скопје. Континуитетот на политичко манифестирање на моќта преку улиците оневозможи, на пример, една иницијатива од почетокот на 90-тите години на тогашното прво приватно радио „Канал 4“ булеварот „ЈНА“ да се преименува во „Булевар на липите“. „ЈНА“ го доби името „Свети Климент Охридски“, а, ако сакаме да бидеме искрени, со оглед на фактот дека сите липи сега се исечени, ниту она „граѓанско“ име денес ќе немаше никаква смисла.

Токму оваа нагласена политичка нота во именувањето на улиците и нивното често преименување доведува до сериозни забуни кај граѓаните, па така и се случува повеќето жители на Скопје да немаат поим чие име носи нивната улица или што тоа име значи. Луѓето, едноставно, не знаат кои биле Трифун Хаџи Јанев, Венјамин Мачуковски или Коста Новаковиќ, па што заслужиле улици во главниот град. Или пак што значи името на улицата „Бојмија“. Не сакаме да кобиме, ама нема никаква причина да не се претпостави дека истата судбина ќе ги снајде и повеќето од заслужните граѓани што добија свои улици во последната голема промена на уличните имиња.

Инаку, улиците, се разбира, имаат многу поголема традиција од онаа што ја имаат во Скопје. И на големо изненадување на многу возачи и велосипедисти, тие се направени многу пред да се измислат овие превозни средства. Вистинските улици, значи оние со повеќето придружни елементи за да можат да функционираат како општествен и јавен простор, се направени во времето на Стариот Рим, а нивната појава се врзува со развојот на средствата за борба. Поточно, тие се направени за полесен транспорт на војската и нивната логистика. Јасно, многу бргу улицата станува значајно место за да се манифестира и политичката и секаква друга моќ. Значи, за да може низ неа да помине војсководецот, што подразбира да има доволно место што ќе ги прибере и „среќните“ поданици, излезени да го поздрават. Да се поставуваат негови статуи, да се градат триумфални капии и, што воопшто не е небитно, да се искаже моќта преку монументалната архитектура.

Улицата, инаку, симболизира сешто. Таа го симболизира животниот пат, со сите негови пречки и среќни моменти. Во соновниците за неа се зборува како за симбол на пријателството. Од друга страна, пак, „исфрлен на улица“ најчесто значи останат без работа, додека оставен на улица е разведен или отстранет од семејството (без средства за егзистенција). Уличарите се беспризорници, најчесто крадци, па и убијци. Сепак, уличниот говор е оној што не е нормиран, а сите го разбираат, додека уличниот морал е високоценета категорија кај речиси сите тинејџери. Првата повест напишана на македонски јазик, онаа на Славко Јаневски, се вика „Улица“ (но, ако сакаме да бидеме прецизни првиот македонски роман, од истиот автор, иако подоцна повлечен, во насловот имаше токму контрапункт од неговата повест – „Село зад седумте јасени“). Едно од ремек-делата на италијанскиот филмски режисер Федерико Фелини се вика „Улица“ („La strada“, 1954).

На крајот една загрижувачка констатација: она што порано беше утешно во улиците, фактот дека од улица не можат да ве исфрлат, денес повеќе не важи. Ни „уличната“ безбедност не е она што беше.

Извор: Граѓански

ОкоБоли главаВицФото