Пандорината Сирија

11.09.2013 08:07
Пандорината Сирија

По маргинализирањето поради турбулентните случувања во Египет, нападот со хемиско оружје во предградието на Дамаск повторно ја врати Сирија на насловните страници низ светот. Единствената работа за која постои консензус околу сите случувањата во Сирија е дека двеиполгодишната граѓанска војна, која ги одзеде животите на повеќе од 100.000 лица и расели една четвртина од 23-милионското население во и надвор од државата, не смее да продолжи. Со продолжувањето на војната гледаме само зголемување на бројот на раселени лица, поголемо радикализирање на двете страни и зголемување на опасноста од ширење на секташката војна во соседните држави. Од друга страна, пак, постојат големи разлики во однос на тоа како да се реагира и што треба да се направи за да се реши сирискиот проблем. Главно мислењата околу тоа се делат во три групи: луѓе кои од пацифистички побуди или скептичност кон американската надворешна политика сметаат дека таа не треба воено да се меша во конфликтот; луѓе кои и покрај своите пацифистички побуди и одбивност кон надворешни воени интервенции сметаат дека ситуацијата станува нетолерантна и нешто сериозно мора да се преземе; и луѓе кои сметаат дека Америка треба да направи сè што е во нејзина моќ и, доколку е потребно, самостојно да се вмеша за да го собори режимот на Асад. Најмногу се пронаоѓам во втората група, која го заговара средниот пат и затоа се согласувам со одлуката на Обама за ограничен воен напад на воени, стратешки и економски цели во Сирија, со цел да го казни режимот на Асад за користењето на хемиско оружје и да го деморализира за понатамошно војување со бунтовниците.

Најпрво сакам да објснам зашто не се согласувам со првиот и третиот начин, а потоа и зошто мислам дека средниот начин е најдобар. Првата група луѓе, како што веќе спомнав, се дели на две подгрупи: едни, кои се против воена интервенција од пацифистички побуди и други, кои се против тоа поради скептичноста кон американската улога во светот. Не се согласувам со првата подгрупа поради тоа што мислам дека овој став е тотално лицемерен и не соодветсвува со реалноста. Овие луѓе тврдат дека сакаат да се прекине војната во Сирија, а истовремено се и против воена интервенција којашто веројатно би довела до побрзо прекинување на истата. Ова ме потсетува на изреката дека сите сакаат да одат во рајот, но никој не сака да умре. Како што споменав и во претходниот текст за Сирија, не можеш да направиш омлет без да ги скршиш јајцата. Тие постојано тврдат дека овој конфликт треба да се реши по дипломатски пат, а не сакаат да ја согледаат реалноста дека омразата и жестината меѓу двете страни е сè поголема, и дека Русија и Иран не сакаат да го притиснат Асад да прифати да не биде дел од потенцијалната преодна власт. Секогаш не е довлно да го направиме најдоброто, туку некогаш мора да го направиме потребното. Во однос на втората подгрупа, морам да речам дека по американското фијаско со оружјето за масовно уништување, кое никогаш не беше пронајдено во Ирак, делумно ја разбирам нивната скептичност. Она што тие не сакаат да го разберат е тоа што, прво ситуацијата во Ирак е многу поразлична од ситуацијата во Сирија, и второ, дека администрацијата на Обама е поразлична од администрацијата на Буш. Во Сирија, поседувањето на хемиско оружје од страна на режимот на Асад воопшто не е под знак прашалник, бидејќи сите експерти, без исклучок, тврдат дека Сирија поседува околу 1.000 тони разни видови на хемиско оружје. Нападот со хемиско оружје, кој се случи на 21 август во предградие на Дамаск контролирано од страна на бунтовниците, беше толку голем што не е возможно да бил изведен од страна на самите бунтовници со цел директно да ја вовлечат Америка во конфликтот. Исто така, инвазијата на Ирак беше однапред посакувана и планирана од страна на администрацијата на Буш, но беше изведена во периодот после 11 септември, бидејќи расположението во Америка тогаш беше најповолно за тоа. Во спротивност со тоа, администрацијата на Обама избегнуваше да биде вовлечена во конфликтот во Сирија цели две и пол години и пробуваше разни други канали на влијание пред да се одлучи за директна воена инволвираност. Поради ова, администрацијата на Обама ме потсетува на девојчето кое се шегувало со пожарникарите дека куќата гори, за кога куќата навистина горела тие да не се ни појават.

Во однос на третата група на луѓе, која го претставува дијаметрално спротивниот став од првата група и сака посилна и поодлучна воена интервенција, тие исто така не ја согледуваат реалноста и го занемаруваат фактот дека поголемиот дел од јавноста впрочем се пронаоѓа себеси во првата група. Лично мислам дека јавното мислење при одлучување за воена интервенција не е најважно и не треба да биде репер, бидејќи ова е стратешка одлука, а не прашање на кое се вежба партиципативна демократија. Сепак, тоа не значи дека можеме тотално да го занемариме. Една од причините зашто демократиите се посилни кога се нападнати, а послаби кога напаѓаат, е фактот дека тешко се добива согласност од јавноста за праќање на војници и трошење средства за решавање на „туѓи“ внатрешно-политички проблеми. Исто така, заобиколувањето на Обединетите нации и со тоа кршење на едно начело од меѓународното право за казнување на кршење на друго, помалку важно начело од меѓународното право, е тешка одлука за бранење. Токму ваквото заобиколување на ОН поради непостоењето на консензус меѓу постојаните членки на Советот за безбедност и непостоењето на коалиција во НАТО за оваа воена интервенција, го принуди Обама да бара согласност од Конгресот, која не му е потребна и која тој самиот не ја бараше во случајот со Либија, со што ризикува да биде „Камеронизиран“. Ниту арапските држави, кои постојано ги спонзорираат бунтовниците, не сакаа јавно да дадат поддршка за ограничена воена интервенција, а уште помалку за поодлучен силен воен напад. Примерите како Милошевиќ, Гадафи и Садам Хусеин се тотално ирелевантни како аргументи за посилна воена интервенција со цел рушење на режимот во Сирија. Сите тие беа интернационално озлогласени диктатори, додека Асад има цврсти надворешни сојузници како Иран и Русија, чие влијание во регионот зависи во голема мера од неговиот опстанок. Токму затоа Обама се одлучи да го избегне тоа што не може да го контролира, а да го контролира она што не можеше да го избегне.

И така стигаме до прашањето зошто одлуката на Обама е најдобрата од трите опции претставени до сега. Прво, користењето на хемиско оружје од страна на режимот е нетолерирачко. Иако некои цинично коментираат дека убиство е убиство и дека не прави разлика како е тоа извршено, светот би бил многу поразличен доколку хемиското, биолошкото и нуклеарното оружје би биле третирани како обични оружја како и сите други. Од крајот на втората светска војна, меѓународната заедница се труди да ги забрани сите овие оружја бидејќи тие не „бираат“ меѓу војници и цивили. Помислата за можно завршување на ваквите оружја во рацете на терористички организации како што е Хезболах ја прави ситуацијата уште полоша. Второ, деградирањето на воената моќ и деморализирањето на режимот на Асад (и релативното зајакнување на бунтовниците) може да доведе до негово „омекнување“, а со тоа и зголемување на веројатноста за одржување на мировна конференција на којашто би се завршил конфликтот по дипломатски пат. Воената интервенција е подобра опција од вооружување на бунтовниците, бидејќи голем дел од бунтовниците се исламски екстремисти поврзани со ал-Каеда и САД не сака да ја повтори грешката од Авганистан во 80-те. Односите во Средниот Исток се толку испреплетени и затоа таму не мора да значи дека непријателот на твојот непријател е твој пријател. Трето, американската воена интервенција е и порака до Техеран. Обама мора да покаже дека е сериозен со своите предупредувања доколку сака да отпочне нови конструктивни преговори со Иран каде што неодамна Ахмадинеџад беше заменет на претседателската позиција со поумерениот Хасан Рохани. Голема штета би било доколку ваквата поволна ситуација за решавање на нуклеарното прашање не се искористи само поради изгубениот кредибилитет на Обама и неговата администрација. И четврто, мислам дека суверенитетот на Сирија не смее да биде пречка за изведување на оваа ограничена воена интервенција. Класичната замисла на државен суверенитет не смее да биде искористена како оправдување и заштита за репресивни политики и воени злосторства. Суверенитетот не е само право, туку е и одговорност.

На крај, сакам да кажам дека не сум голем подржувач на надворешни воени интервенции, но во моментов не постојат други стратешки задоволителни решенија. Дојдовме до точка каде цената на недејствување ја надмина цената на интервенирање. Знам дека ова решение не е совршено, но како што кажа еден познат американски колумнист, „совршено повеќе не е на менито во Сирија“.