Младост лудост

13.09.2013 11:54

Не се сомневам дека за пет или десет години накнадната памет ќе му дојде дури и на (сега презанесениот господар на државава) Никола Груевски. Не се сомневам во тоа зашто задоцнетата памет главно им доаѓа на сите, доколку имаат шанси да поживеат. Ако тој апостериорен ум им дојде на Бранко Црвенковски (кој денес отворено зборува и за своите грешки и за претесниот круг луѓе со кои бил опкружен) и на Љубчо Георгиевски (кој исто така, често со неподнослива леснотија, зборува за своите лоши политички проценки), нема причина еден убав ден да не порасне и Никола Груевски, да созрее барем толку за да сфати дека „неговото време“ во историјата на Република Македонија ќе претставува застој во најмала рака рамен на оној што ни се случуваше во периодите 1990-1998 и 1999-2006 година.

За жал, задоцнетата памет на неодговорните пилиштарци нема да ги врати изгубените години.
Една од трагедиите на земјава, значи (една од главните причини за континуираниот застој во кој живееме) токму е неподносливата незрелост на клучните протагонисти: Црвенковски, Георгиевски, Груевски. Не станува збор само за професионалните аспекти на нивната незрелост (неискуство кое драматично ја ограничува способноста за носење одлуки); многу важна е и нивната психолошка и емотивна незрелост која ги тера, меѓу другото, на катастрофални кадровски решенија (ова е посебно карактеристично за Груевски, кој е опкружен со добро нашминкана шапшалана од млади послушници; на сличен начин инфериорно беше и опкружувањето на Георгиевски; тука Црвенковски значајно се разликува, оти во неговиот кабинет во деведесеттите години навистина имаше луѓе со интегритет).

Кога владеат неискусни, а веќе авторитарни, една од многу лошите општествени последици е што спиралата на лошото владеење продолжува и по заминувањето на самобендисаните јуноши. Нема подобар пример од Георгиевски и Груевски. Иако бившиот лидер на ВМРО ДПМНЕ денес изгледа либерално и опуштено, просто боде очи колку многу Груевски е излезен од политичкиот шинел на Георгиевски. Само до пред две-три години сегашниот премиер го имитираше својот ментор дури на ниво на мимика, лексика и интонација! Иако Груевски во меѓувреме максимално ја усоврши технологијата на владеењето (базирана на агитација и пропаганда) ми се чини дека подлабокото разбирање на луѓето и политиката, можеби и несвесно, тој сосема го презел од својот политички учител.

Ќе речете: па Груевски исконски го мрази својот некогашен ментор! Токму тоа е еден од аргументите за неговата длабока фасцинираност! Психоанализата нè учи дека најдоминантниот афект на агресивноста токму е комплексниот нагон на омраза. Таа омраза беше и остана погонското гориво на ДПМНЕ; таа омраза можеби е одговор на многу важното политичко прашање: зошто Груевски дури и со апсолутната власт што ја има постојано и насекаде произведува непријатели? Психоанализата вели дека омразата е хронична и стабилна, за разлика од лутењето или гневот. Главната цел на оној што е опседнат со омраза е да се уништи сопствениот објект на омраза; во основа, објектот е и потребен и посакуван, па така и неговото уништување е подеднакво потребно и посакувано. Разбирањето на тој парадокс е во средиштето на психоаналитичарското истражување на афектот на омразата.

Се повикувам на психоанализата зошто таа е еден од начините да се објасни зошто младите премиери, Георгиевски и Груевски, омразата ја земаа како своја придвижувачка политичка енергија и зошто во својот политички потфат се опкружија главно со луѓе без доволно внатрешен интегритет, без професионална или, ако сакате, карактерна автономија.

Дворските обичаи по правило се шират удолу. Денес, кај нас, атрофијата на свеста и ентропијата на самосвеста се шик! Добро е да не мислиш, ама супер е да имаш мислење за сè! Младоста, убавината и пред сè послушноста станаа основни предуслови да се добие најобична работа. А таа мода ја диктира политичката елита: општествените врвови се запоседнати од послушни, површни, млади и убави луѓе без искуства и без биографии. Дури и кога имаат академски титули, без никакво работно искуство, „нашите деца“ најчесто прават културен, политички и економски ршум.

Ситуацијата со македонските елити потсетува на сцена од филмот „Бразил“ на Тери Гилиам: низ ходниците на еден непрегледен владин завод гледаме група луѓе која постојано трча наоколу следејќи го својот водач (големиот бирократ); водачот притоа постојано им се дере на пониско рангираните чиновници кои од него бараат одредено мислење или одлука: „Ова мора да се заврши најдоцна утре!“ „Провери го извештајот!“ „Откажи го состанокот!“ Тие се преправаат дека се зафатени и целата нивна активност како да е насочена кон провоцирање на главниот лик на филмот; кога главниот лик конечно ќе реши нешто да побара од големиот бирократ, овој нервозно ќе му возврати: „Зарем не гледаш колку сум зафатен!“ Значи, целата таа лудачка претстава (налик на некаков кафкијански симулакрум) се случува за да ги оневозможи и на некој начин да ги исмее сите оние кои би посакале стварно да се заврши некаква работа во тој самодоволен лавиринт низ кој акаат изгубените души.

Глобус, 13.10.2009.
Сликите се од филмот „Бразил“ (1980) на Тери Гилиам

ОкоБоли главаВицФото