Обнова и изградба на Скопје (1)

14.09.2013 09:29
Обнова и изградба на Скопје (1)

Запишување меѓународен заем за Скопје во едно загрепско претпријатие

 

ДВЕ ЕТАПИ ВО ИЗГРАДБАТА НА СКОПЈЕ

Согласно со одлуките на ИК на ЦК на СКЈ, за наредните 5 години Скопје треба да се изгради така што да претставува модерен град. Во врска со обновата на градот, другарот Крсте Црвенковски, во својот реферат на Пленумот на ЦК на СКМ рече: „Не се работи само за еден град и за штетите што ги претрпе тој, туку за главниот град на Социјалистичка Република Македонија, кој беше и останува, односно мора да остане грбник на македонската нација“.

Во изградбата на Скопје ќе учествува целата наша заедница. Меѓутоа, изградбата на Скопје нема да го забави стопанскиот развиток на Федерацијата, ниту да го сопре зголемувањето на животниот стандард на работните луѓе. Како што споменавме понапред, средства ќе се добијат од Фондот за обнова и изградба на Скопје. Во овој фонд ќе се слеваат средствата од оданочување на целата потрошувачка — инвестициона и лична и така годишно ќе се обезбедат преку 60 милијарди динари. Во овој Фонд ќе одат средствата од Народниот заем, од странската помош, од странските кредити и дотации. Се предвидува секоја година за оваа цел да се обезбедат околу 100 милијарди динари. Само во 1963 год. за обновата на Скопје се потрошија околу 70 милијарди динари.

Пред сè требаше да се реши дали Скопје ќе остане на истото место или ќе се дислоцира, т.е. да се испита почвата на Скопје. Се презедоа обемни инженерско - сеизмолошки испитувања на целото скопско подрачје со примена на геолошки, геофизички и геомеханички методи. Во овој потфат учествуваа претпријатијата: „Геозавод — Скопје“, „Геозавод — Љубљана“, „Гео истраживање" од Загреб, „Геоистрага“ од Сараево, „Електросонд“ од Загреб и „Истражно“ од Титоград. Тие направија околу 15.000 дупчења, дури на длабочина од 2000 -3000 метри. Од добиените податоци се направија геолошки и сеизмички карти кои ќе бидат потребни за изработка на урбанистичкиот план на Скопје. Оние места кои на геолошките и сеизмичките карти ќе се означат како „неблагопријатни“ ќе се остават како зелени оази на новиот град. Според добиените податоци од геолошките испитувања, светските стручњаци за асеизмичка градба, јапонските професори Муто, Окамото и Хисада, како и советскот професор Медведев, се изразија дека Скопје може да остане на истото место, дека составот на почвата е добар, но во иднина за секој поголем објект претходно треба да се извршат посебни геолошки, хидрогеолошки и сеизмички испитувања на почвата на која ќе се гради.

Обновата и изградбата на Скопје се предвидува во две етапи. Првата етапа заврши на 31. XII. 1963 година. Во оваа етапа имаше две главни задачи: 1) До крајот на 1963 година да се поправат помалку оштетените згради и да се завршат започнатите пред земјо-тресот. 2) Да се изградат монтажни куќи во околината на Скопје во кои ќе се смести населението и така да се ликвидираат шаторските населби.


Детска болница - подарок од Шведска

 

Втората етапа започна на 1.1.1964 година и ќе трае 5 години до целосната изградба на Скопје според новиот урбанистички план.

Во првата етапа основна задача беше да се сместат под цврст покрив околу 120.000 луѓе пред настапувањето на најстудените зимски денови. Co помош на целата заедница, оваа задача беше извршена до определениот рок. Bo куќите што се поправија се сместија околу 50.000 луѓе, а во приградските монтажни населби околу 70.000 луѓе.

Во двете етапи, со градежните работи ќе раководи специјално организирана „Дирекција за обнова и изградба на град Скопје“. Оваа Дирекција особено обемна и срочна задача имаше од земјотресот до 31. XII. 1963 год., кога за неполни 6 месеци требаше да изврши работа која претставуваше 50% од вкупната станбена изградба во целата земја за една година, или кога таа би градела на вообичаениот начин, за таа работа би ѝ требало 3 години. Во остварувањето на оваа задача работеа 161 претпријатие. Триесет и едно индустриско претпријатие изработуваа монтажни елементи за становите, 68 градежни претпријатија ги поправаа помалку оштетените згради, a 62 ги монтираа приградските монтажни населби. Покрај овие, работеа и повеќе младински работни бригади, советската инженерска единица, бугарската техничка група, како и стручни групи од Англија, Германија, Данска, Шведска и други.

Москва и Вашингтон, Рим и Прага, Дар ел Салам и Париз, Лондон и Пешта, Софија и Бамако, Њу Делхи и Копенхаген... и многу други градови и земји од целиот свет, на овој или оној начин, ја помогнаа обновата на Скопје. Во давањето помош учествуваа работни луѓе, организации на Црвениот крст, владите на одделни земји, синдикални организации, добротворни и црковни организации, познати фирми и корпорации, организации за заштита на децата, организации за заштита од елементарни непогоди итн. Тоа е нова варијанта на приказната: „Кога би сите момци на светот...“ Кога би се навела сета помош од сите влади, организации и личности, би требало посебна книга. Толку е таа голема. Затоа ќе споменеме само неколку најкарактеристични примери. Обновата на Скопје, САД ја помогнаа со 25 милиони долари како помош и со 25 милиони во вид на заем, т.е. долгорочен кредит. Како подарок за обновата на Скопје СССР даде една комплетна фабрика за производство на монтажни куќи отпорни на земјотрес, 50.000 тони првокласен цемент и 5.000 кубни метри дрвна граѓа. Велика Британија испрати 1600 монтажни станови и 5 училишта. Шведска испрати 32 вагони со монтажни згради, а Данска 80 монтажни куќи со површина од 4000 м2. Бугарија се вклучи во помошта со 4000 тони цемент, 4000 тони негасена вар, 50.000 м2 стакло, 500.000 парчиња ќерамиди, 3 милиони тули, 5 бараки и две работни групи составени од инженери, архитекти и други стручни лица.

Многу југословенски, а особено македонски иселеници од САД, Канада, Чиле, СССР, ЧСР, Австралија и др., покрај испратената помош, формираа и работни бригади и се понудија доброволно да работат во обновата на Скопје. Во писмата пишуваат: „Нема да ве оставиме сами во обновувањето на главниот град на нашата Република“.


Првите станари во населбата Дексион во Ѓорче Петров

 

САНИРАЊЕ НА ОШТЕТЕНИТЕ ЗГРАДИ

Како што споменавме, до 31. XII. 1983 год, требаше да се поправат помалку оштетените згради и да се довршат оние чијашто изградба беше започната пред земјотресот. Од 4000 станови кои беа започнати пред земјотресот, до 31. XII. 1963 год. беа завршени околу 1400, во кои се сместија околу 6000 жители. За оваа цел се потрошија околу 4 милијарди динари.

По земјотресот две стручни комисии почнаа низ градот да ги обележуваат оштетените згради со зелена, жолта и црвена боја. Зелената значеше дека зградата не е многу оштетена и дека во неа може веднаш да се живее. Жолтата боја означуваше дека објектите се значително оштетени и дека треба големи поправки. Црвената боја означуваше дека зградата е толку оштетена што нејзината поправка не се исплатува и дека таа треба да се урива. Меѓутоа, кога се пристапи кон поправка на оштетените згради, се виде дека многу објекти кои беа обележани со жолта боја бараат големи инвестиции и се отстапи од нивната санација. Од друга страна, се пристапи кон санација на некои згради кои беа обележани со црвена боја. Но, повеќе од овие згради сукцесивно ќе се уриваат.

До крајот на 1963 год. се поправија околу 10.300 станови и околу 100 јавни објекти, во кои се сместија околу 50.000 луѓе. За ова се потрошија околу 8 милијарди динари.

Санацијата беше сериозна и без импровизации, a поправените објекти често постабилни отколку пред земјотресот. Во најголем број случаи се употребуваше цементен малтер, кој обезбедува далеку поголема сигурност од обичниот, а на многу згради, на местата каде што порано се наоѓал ѕид, од тули, се поставуваа армирано-бетонски столбови. Сите санирани објекти поминаа низ задолжителен технички преглец. Уселувањето во зградите се вршеше откако техничката контрола ќе го утврдеше квалитетот на поправката.

Во санацијата учествуваа вкупно 68 градежни претпријатија од сите наши републики. На вонредната седница на Советот за градежништво при Сојузната стопанска комора одржана на 7. VIII. 1963 год. се донесе решение секоја република да прифати по две задачи и тоа: 1) да врши санирање на згради на еден дел од Скопје и 2) да гради некоја приградска монтажна населба. На 10 и 11. VIII. во Дирекцијата за станбена изградба на град Скопје на сите градежни претпријатија им беа поставени непосредни задачи и целата градежна работа во Скопје се подели на одделни реони. Србија се обврза да ги обновува зградите во општината „Кисела Вода“, Хрватска и Словенија во општината „Идадија“, Босна и Херцеговина во општината „Саат Кула“, а Македонија во општината „Кале“. Бидејќи општината „Идадија“ беше најоштетена, и бидејќи во неа имаше најмногу згради за поправка, таа се подели на два дела. Северниот дел на општината ѝ се даде на CP Хрватска, а јужниот на CP Словенија. Во северниот дел на општината „Идадија“ работите ги изведуваа следните хрватски претпријатија: „Ударник“, „Новоградња“, „Индустро- градња“ и „Граѓевинар" од Загреб, „Искра" од Пула, „Загорје" од Вараждин, „Градња^" од Осиек, „Изградња“ од Шибеник, „Дубац“ од Дубровник, „Корана“ од Карловац и „Конструктор“ од Риека. Инјектирање на распуканите зтради вршеа претпријатијата „Геоисгра- живање" и „Електросонд“. Овие претпријатија санираа околу 2600 стана и 46 јавни згради. Во јужкниот дел на општината „Идадија“ работеа следните градежни претпријатија од Словенија: „Техника" и „Обнова" од Љубљана, „Проект“ од Крањ, „Пионир“ од Ново место, како и градежни претпријатија од Целје, Нова Горица и Изола. До крајот на 1963 год. тие санираа околу 2600 станови и 10 јавни објекти.

Во општината „Кисела Вода“ поправките ги изведуваа 48 градежни претпријатија од CP Србија и до крајот на годината поправија околу 2430 стана. Во оваа општина работеа големи градежни претпријатија од Србија и тоа „Каблар“ од Кралево, „Хидроградња“ од Чачак, „Градитељ“ од Аранѓеловац, „Градитељ“ од Горњи Милановац, „Казимир Вељковиќ“ од Крагуевац, „Јабланица“ од Валево, „Златибор“ од Титово Ужице, „Рад“ од Приепоље и „Јастребац“ од Крушевац. Сите овие претпријатија за работа во Скопје, организираа заедничко деловно здружение под општо име „Западна Србија“. Другите 39 претпријатија се од потесна Србија или од Војводина и Космет.

Во општината „Саат Кула“ зградите ги поправаа следните градежни претпријатија од Босна и Херцеговина: „Босна“ од Сараево, „Херцеговина“ од Мостар и „Градња“ од Тузла. До крајот на 1983 год. тие поправија 1360 стана.

Во санирањето на објектите во општината „Кале“ учествуваа македонските градежни претпријатија, потпомогнати од бугарската работна група која прими задача да изгради 10 нови станови и да поправи 4 големи згради и тоа зградата на ДОЗ, „Технометал“, Комуналната банка и „Ибни Пајко“. И овие претпријатија ја извршија својата задача и поправија околу 1310 стана. 
Bo најголемиот ек на работите во Скопје работеа околу 40.000 градежни работници со голем број механизација од сите наши републики.

(продолжува)

ОкоБоли главаВицФото