Влез

16.09.2013 07:01
Влез

Неодамна во влезот во зградата каде што живее авторот на овие редови е поставен сложен систем за негово заклучување. Влезот сега може да се отвори со ставање врз сензор на еден пластичен предмет што наликува на перце од гитара. Значи, уште еден од ретките слободни скопски влезови со оваа, би рекле, чудна одлука, станува затворен, самозадоволен и пристапен само за оние што го имаат магичниот клуч да влезат во него. Со ова и формално се одбележува крајот на слободното влегување на намерниците и ненамерниците во слободните институционални простори наречени „влез“, „хаустор“ или „ходник“.

Навистина, која е волјата да се затвори, зароби, отуѓи еден од најважните топоними во урбаниот живот? На пример, спречување на кражби по становите. Секако дека не. Имено, лесно може да се претпостави дека оној што се намерачил да ви го обие станот, ќе ја обие и влезната врата. (Од оваа временска дистанца, речиси со гордост можам да потврдам дека во едно есенско утро, пред нешто повеќе од три децении, околу 4 часот наутро, ја обив влезната врата во влезот од зградата каде што тогаш живеев. А потоа сосема ја онеспособив бравата на вратата за да не може повеќе да се заклучува. Оваа реализирана идеја изгледаше побезболна и побезопасна отколку во тоа време да ги будам останатите станари, само затоа што дома сум го заборавил клучот од влезната врата во зградата. Колку што мене ми е познато, оваа врата и денес не се заклучува, што секако е мал чекор за мене, а уште помал во борбата за ослободување на таканаречените влезни простори, но доволно голем денес да се чувствувам гордо во остварениот напор за слободно користење на овие слободни зони). Од друга страна, нема никаква потврда дека е намален бројот на кражбите на становите, откако на влезовите се ставаат брави, шифри и други системи за обесхрабрување на непожелните лица во близина на просторот на вашето домување. А ако е и намален, нема никакви докази дека е тоа поради „заблиндираниот“ влез.

Со заклучувањето на влезовите, поточно со наводниот избор на „избраните“ што можат и смеат да влезат во влезниот простор, влезот суштински ја губи смислата на своето постоење, бидејќи, нели, влезот служи за – влегување, а не за стоење пред „рајските“ порти на зградата. Интересно е, на пример, зошто никој не се сетил да го блокира излезот (низ истата таа врата), туку излегувањето е секогаш слободно и ослободено од сите можни пречки, а влезот е, безмалку, забранет. На крајот на краиштата, ако станува збор за кражби, белким е поефикасно крадците да бидат задржани внатре во влезот, барем дури не дојде полиција, отколку лесно да излезат, што би се рекло, во непозната насока.

Значи, затворањето (заклучувањето, забаракадирањето) на влезовите е потег кој се базира на една квази социјално-еколошка теорија, целосно поставена на погрешни или на непостоечки темели. Имено, станува збор за забрана за влегување на просјаците, бездомниците, на оние што уринираат по нашите влезови... со еден збор, на оние што ни ја валкаат „чистата“ околина. Велиме дека оваа теорија е поставена на фалшливи темели затоа што, во принцип, ниту просјаците, ниту бездомниците, а најмалку оние што ги исполнуваат своите физиолошки потреби, да не кажеме оние што имаат нужда, се виновни за својата позиција. Виновна е, се разбира, општествената поставеност на работите. Па и на комуналните работи. Значи, виновна е власта. Само што тоа не ги интересира станарите во нашите влезови.

За овој тип чување на „влезната хигиена“ историјата забележала многу политички понекоректни термини од оние што ние ќе ги користиме во овој текст, бидејќи, а тоа, се надеваме, е повеќе од јасно, кога некому ќе му ги дадеш клучевите од „небесните порти“, односно кога некој ќе ја добие моќта да решава што е квалитетно, а што му ја расипува „животната средина“, тогаш многу лесно може да се случи токму она нам што ни се случува – прочистување од „кодоши“, „предавници“, „платеници“ и од сите оние што го загрозуваат нашиот малограѓански морал.

А, барем со влезовите не беше секогаш така. Напротив. Речиси секоја скопска улица имаше по еден влез што беше важен за форматирање на новите градски генерации (откако сите кафеани ќе затворат, тинејџерите се собираа „пред влез“), за општествено празнење (оговарање на сосетките „пред влез“, бидејќи можеа да седат, една кај друга, на кафе со часови, ама вистинскиот разговор секогаш беше на испраќање, односно „пред влез“), за првите физички нежности со тогашната љубов на нашите животи (кога не ни пречеаа темните ќошови од влезот, буквално измокрени од мокрењето на несреќните сограѓани)... Во влезовите се играа сериозни шаховски турнири, на скалите од зградите се „маваше“ првиот комар, пред сопствените станови ги имавме првите сериозни тепачки, таму научивме која плоча е прва на британските топ-листи, таму сфаќавме кој автомобил е најдобар во својата класа и каде на земјината топка се спуштиле вонземјани... Со еден збор, влезот е незаменлив дел од формирањето и форматирањето на еден град.

Конечно, влезот е испит на хуманоста. Своевремено секој скопски влез имаше „свое“ куче, или барем по неколу мачки. Многу од влезовите имаа „свој“ бездомник. Отворениот влез симболизираше грижа за заедницата, начин на социјализација, доказ на човечност, на право на граѓанство... Заклучениот влез не значи ништо друго, туку заклучено општество. Тој може да биде само симбол на ксенофобија, на самозадоволност или самодоволност, на исфрлање на сѐ што е туѓо, странско, поинакво, од нашите животи...

Влезот, се разбира, има и други асоцијации. Со оние малку пари, што ги поседуваме во ова време, правиме влез-излез, Македонија наводно се бори за влез во НАТО и во Европската Унија, некој бара влез во државната администрација, а некој во првиот тим на фудбалскиот клуб... И секаде има некаков „волшебен“ клуч, некаква шифра или некакво пластично перце.

Не знам колку она пластично перце, неопходно за отворање на мојот влез, ќе биде доволно да го запре нормалниот тек на животот во мојата непосредна околина и не знам кога ќе се појави некој млад самосвесен станар кој ќе ја обие бравата на „волшебната“ врата и ќе дозволи во неа да влегуваат и влијанија од надворешниот свет, само знам дека кога ќе зборуваме (а зборуваме) за можноста Европа повторно да воведе визен режим за Македонија, треба да се присетиме и на нашите влезови. И на тоа дека некогаш бевме хумани, бевме луѓе...

ОкоБоли главаВицФото