Си бил еднаш еден цар

21.09.2013 15:22
Си бил еднаш еден цар

Во земјата Капу-Чима царот Стаор замок имал

Во земјата Капу-Чима
царот Стаор замок имал
имал влада со министри,
умно, умно, бистро, бистро.

Било доцна или рано
царот Стаор - муцка сива -
од сè живо збирал данок
во купишта пари пливал.

Секој жител, должник вечен,
здрав и болен,
мал и голем,
кон замокот пари влечел.
Тој што немал згрчен клечел
и за прошка бедно молел.

„Прошка, прошка! Каква прошка?
Ништо. Само надеж празна.
Нема милост ниту трошка.
затвор, тоа ти е казна,
затвор или страшен логор!“

Така судел царот строго
со строг глас
до оној час
кога жерав од црн метал
- птичји робот -
со крик слетал
крај царот од уплав молкнат
и го голтнал.

Страшна казна, мини роман,
кој умее тој ќе сфати:
во метален студен стомак
царот Стаор данок платил.

Со последни сили вреснал:
„Нека ми е земја лесна!“

***

Металната птица свој данок земала
Капу-Чима
цар веќе немала.

***

Дали во Капу-Чима
глувците по царот тагуваат?

Од преголема тага
во срце го чуваат.

***

Ќе му кренат ли споменик,
вечно скулпторско дело?

Цар бил. Споменик ќе има
од сирење бело.


Си бил еднаш еден цар

Си бил еднаш еден цар,
многу млад и многу стар.
Бел и сепак црн до теме,
не небесен и не земен.

На две раце, двете десни,
во оловни чизми лесни
прешироки и пак тесни,
по сув пат но мошне воден
царот одел.

Се збирало младо, старо,
се збирало старо, младо:
„Да живее вечно царот,
наша надеж, наша радост!“

Во царството плодни ниви -
цвекло, зелка, бостан силен,
и пак гладни сите живи
среќни биле.

Среќно царство, среќен цар,
многу млад и многу стар.
А народот сув и дрипав,
преистоштен на гол одар,
и гладен од радост липал:
„Нас ни треба леб и вода,
ниту нива, ниту бунар
штом имаме цар со круна!“

***

Народот во глад се грчел,
а царот пак везден славен,
се веселел и се прчел:
„На овој свет јас сум главен!“

Народот како народ секој
трпи душа да му вадиш.
Но во еден миг си рекол:
„Доста ми е од паради,
од легачи и од гарди,
од секој во лој и сало.
Спрегнете се сите в рало...
Во вашиот живот иден
вие ќе сте само народ
а народот цар ќе биде!“

И по таа буна бурна
од престолот веќе урнат
царот спрегнат станал орач.
Колку орал толку јадел,
со свои раце леб си вадел.

Многу млад и многу стар
станал орач, не бил цар.

Од трилогијата „Пупи Паф“, 1996
Слики: Свирачиња

Сродни песни

Други песни од Јаневски на Окно

ОкоБоли главаВицФото