„Непожелните“

25.09.2013 09:04
„Непожелните“

Книгата „Социјалниот живот во малите урбани простори“ на американскиот урбанист Вилијам Х. Вајт , објавена во 1980 година со придружен филм, е важна студија која во која авторот се обидува да објасни како малите урбани простори функционираат и не функционираат, што е она што им дава живот, а што е она што ги убива; што е она што привлекува луѓе во нив, а што е она што ги брка.

Според Вајт, малите градски простори имаат огромно влијание врз квалитетот на животот. Ако тие простори се неатрактивни, луѓето ќе се повлечат од градските улици, мкжеби и од самиот град. Но, ако ги научиме предностите на малите урбани простори кои веќе постојат, и ако добро ги дизајнираме новите, ќе ги одржиме улиците живи. Дури и ќе ги охрабриме луѓето да ги користат.

Иако мала по обем, книгата „Социјалниот живот во малите урбани простори“ претставува одлична основа за промена на начинот на кој јавните простори се обмислуваат, планираати градат, како и за правење на градовите попогодни за живот.

Во следниот период, книгата ќе биде фељтонски претставена на Окно.

 

НЕПОЖЕЛНИТЕ

 

Ако добрите места се толку згодни, тогаш зошто ги нема во поголем број? Најголема причина за тоа е проблемот со „непожелните”. Самите тие и не претставуваат некој проблем. Проблем се мерките кои се преземаат во борбата против нив. Многу бизнисмени имаат речиси опсесивен страв дека доколку некое место е привлечно за луѓето, можно е да биде привлечно и за непожелни луѓе. Па така, местото се прави да биде непривлечно. Нема безделничење - каква калвинистичка проповед се зборовиве! Без јадење, нема седење. Затоа и клупите се прават прекратки за спиење, се ставаат клинци по рабовите и, што е најважно, многу потребни простори воопшто не се создаваат, односно се напуштаат плановите за нивна изградба.

Кои се непожелните? Необично, но за повеќето бизнисмени тоа не се уличните ограбувачи, дилерите или навистина опасните луѓе. Туку тоа се пијаниците, скитниците кои пијат од шишенца во хартиени кеси – најбезопасните од маргиналците во градот, но луѓе кои се симбол, веројатно, на она во што човек може да се претвори, не дај боже. За трговците на мало, листата со непожелни луѓе е значително пообемна: тука се бездомничките, луѓето кои се однесуваат чудно во јавноста, „хипиците”, тинејџерите, постарите луѓе, уличните музичари, секаков вид продавачи.

Преокупираноста со непожелните е симптом на еден друг проблем. Многу директори на корпорации кои донесуваат клучни одлуки за градот се зачудувачки малку запознаени со животот на неговите улици и отворени простори. Тие може да поодат само неколку блока од железничката станица пред да си влезат во зградите, а поради големиот број услуги кои се нудат во самите згради, некои воопшто и не се осмелуваат да излезат надвор пред да дојде времето за враќање дома. За нив, непознатиот град е место на опасност. Ако нивната зграда има мал плоштад, тој веројатно е заштитен простор кој и самите ретко го користат.

Ретко кој друг би го користел, исто така. Местата направени со недоверба го добиваат тоа што си го барале и токму таму, иронично, најверојатно и ќе најдете пијаница. Ќе најдете пијаници и на други места, но тие преферираат баш празни места. Токму на празните места тие се видливи; речиси како да се измислени, несвесно, да ги прават видливи.

Стравот се покажува како моќен. Исклучително обемните заштитни мерки се индикатор дека е можно одредена корпорација целосно да се тргне од градот. Долго пред „Унион Карбајд“ да објави дека си заминува од Њујорк и се сели во предградие, самата зграда покажа дека тоа ќе се случи. Освен изложбениот простор, зградата беше заградена со помош на чувари налик на полицајци и со контролни пунктови, а на целиот празен простор околу немаше каде да се седне. (Треба да се напомене дека нема одмор ни во предградијата. Поголем дел од преселените фирмите се чини дека се сѐ уште исто толку опседнати со безбедноста. Новите безбедносни центри често се изградени како упоришта, со стражарници, заштитни ровови, а во еден случај, со влез за автомобили качен на високо и затворен со порткулис.)

Најдобриот начин на справување со проблемот со непожелните е да се направи местото привлечно за сите останати. Искуствата се исклучително позитивни во тој поглед. Со малку исклучоци, плоштадите и малите паркови во повеќето центри на градовите се веројатно најбезбедните места што можат да се најдат сѐ додека луѓето ги користат.

Начинот на кој луѓето користат некое место ги отсликува очекувањата. На властите одговорни за „Seagram” им е мило што луѓето го сакаат својот плоштад и прилично се опуштени во врска со тоа што прават таму. Им дозволуваат да ги потопуваат стапалата во фонтаната, не внимаваат дали има деца кои пушат марихуана покрај фонтаната; толерираат чудаци, па дури им дозволуваат да преспијат покрај фонтаната. Сонцето изгрева изутрината. Местото е главно регулирано од страна на власта, па ретко има какви било проблеми. Пејли парк е љубезен со луѓето. Со своите подвижни столови и маси, би требало да биде мошне изложен на вандализам. Ова е листата на нарушувања на безбедноста во паркот откако беше отворен во 1967 година:

1968 год. – Една од жардинерите на тротоарот беше украдена од страна на двајца мажи во комбе.

1970 год. – Знакот „Освежителни пијалаци“ беше симнат од ѕидот.

1971 год. – Една масичка беше земена.

1972 год. – Човек се обиде да си ги изгравира иницијалите на едно од дрвјата.

1974 год. – Беше отстранета една од бакарните светилки на влезот.

Во овие девет години додека ги проучувам плоштадите и малите паркови во Њујорк, имаше сериозен проблем само во еден, а на местата кои соодветно се употребуваат - ниту еден. Исклучокот е плоштадот каде што почнаа да оперираат дилери на марихуана. Властите отстранија околу половина од клупите. Понатаму, поставени беа железни огради на двете отворени страни на плоштадот. Овие чекори ефективно го намалија бројот на обични луѓе кои го посетуваат местото, на задоволство на дилерите, кои сега можат многу послободно да го користат, заедно со своите муштерии.

На многу плоштади може да забележите безбедносни камери. Но прашање е што тие забележуваат. За надгледување оддалечени ходници и врати, камерите можат да бидат корисни. За отворени површини, баш и немаат смисла. Одвреме-навреме ќе видите една како се движи од една до друга страна и прилично е морничаво ако ви се чини дека токму вас ве следи објективот. Но веројатно сѐ е во игра. Таму негде во контролната просторија, некојси чувар најверојатно ги стиска копчињата повеќе од досада отколку од љубопитност.

Електрониката не може да го победи човековото суштество, па затоа, карактеристично за добро искористените места е да имаат „градоначалник“. Тој може да биде чувар на зградата, продавач на весници или продавач на храна. Набљудувајте го и ќе забележите како луѓето се пријавуваат во текот на денот – полицаец, диспечер, разни улични работници, како и канцелариски работници и продавачи кои прават кратка пауза за поздравување или за малку зезање. „Градоначалниците“ на плоштадите се одлични центри за комуникација и многу лесно забележуваат застранувања од нормалата. Како нас. Кога одиме на некое место и почнуваме да набљудуваме, дискретно, како што сакаме да си мислиме, всушност стрчиме за редовните посетители. Како прво, не мрдаме. Набргу некој ќе се појави и ќе сфати што сме намериле.

Еден од најдобрите „градоначалници“ коишто сум ги видел е Џо Харди од зградата на „Егзон”. Тој е актер, како и чувар на зградата, а првично беше вработен од страна на „Рокфелер центар” да го игра Дедо Мраз, на кого и личи. Вообичаено, чуварите не би требало да започнуваат разговори, но Џо Харди е друштвен и љубопитен, а и фино ги чувствува ситуациите. Да речеме, има двајца постари луѓе кои изгледаат некако збунето. Тој ќе им се приближи и ќе праша дали може да помогне. Или, пак, две девојки се фотографираат меѓу себе, а тој може да понуди да им направи заедничка фотографија.

Џо е прилично толерантен кон пијаниците и чудните луѓе сѐ додека тие не пречат никому. Сепак, бргу забележува вистински проблем. Групите тинејџери претставуваат посебен предизвик. Тие сакаат сите да ги тестираат – а оружје им е копчето за тон на нивните преносливи радија. Тактиката на Џо е да му се приближи на оној што личи дека е најсилен во групата и да го замоли да му помогне во смирувањето на ситуацијата.

За разлика од Џо Харди, чуварите во повеќето места се недоволно искористен адут. Најчесто, тие само си стојат, и немајќи што друго да прават, имаат тенденција да развиваат професионални тикови. Некој ќе мавта со рацете наваму-натаму во ритам, или ќе се подига и спушта на прсти. Друг ќе ги витка колената во нередовни интервали. Ако гледате, ќе се хипнотизирате обидувајќи се да погодите кога ќе ги свитка следен пат. Работата на чуварите мора да се прошири.

Колку повеќе треба да прави еден чувар, толку подобро тоа ќе го направи, а толку подобро и ќе функционира тоа место. Во Пејли парк, првично се очекуваше дека ќе бидат потребни специјални чувари, покрај неколкуте други луѓе кои го одржуваат местото средено и го водат снекбарот. Сепак, двајцата мажи кои го одржуваа местото толку добро си ја вршеа работата што воопшто не беа потребни чувари. На сличен начин, чуварите уживаат сопственички права во Гринејкер парк. Тие се домаќини, пријателски расположени кон сите, особено кон редовните посетители, кои служат како некој вид дополнителна сила. Ако некој му пркоси на некое непишано правило, како возењето велосипед, веројатно е дека редовните посетители ќе му објаснат како треба.

Имотни права

Ајде да се осврнеме на едно прашање поврзано со ова. Колку се јавни јавните простори. На многу плоштади може да видите мала бронзена плоча на која пишува нешто како: ПРИВАТЕН ИМОТ. ПОМИНУВАЊЕТО Е НА РИЗИК НА КОРИСНИКОТ, СО ОТПОВИКЛИВА ДОЗВОЛА ОД СОПСТВЕНИКОТ. Се чини доволно јасно. Тоа значи дека плоштадот го поседува сопственикот, и тој има право да го отповика кое било право кое вие би го имале за да го користите. Без разлика дали имаат обезбезбедено бонус за земјената површина, повеќето раководства на зградите го земаат здраво за готово фактот дека можат да ја забранат секоја активност која ја сметаат за непожелна. Исто така, нивната дефиниција за тоа го надминува опасното или штетното однесување. Некои се доста ситничави. Кога ги меревме предните рабови покрај тротоарот кај зградата на „Џенерал моторс”, луѓето од обезбедувањето истрчуваа со видна загриженост; ќе моравме да се откажеме ако не обезбедевме дозвола од одделот за односи со јавноста.

Ова не е за на Врховен суд, веројатно, но се работи за принцип, и неизбежно ќе биде испробан. Просторот навистина беше обезбеден преку механизмите за негово зонирање и планирање. Точно е дека просторот влегува во границите на имотот на инвеститорот и исто толку е точно дека тој е одговорен за негово соодветно одржување. Но законот за зонирање којшто го овозможува бонусот недвосмислено го дава условот дека плоштадот мора да биде „достапен за јавноста во секое време”.


Што значи „достапно”? Здраворазумска интерпретација би била дека јавноста може да го користи просторот на ист начин како и кој било друг јавен простор, со истите слободи и истите ограничувања. Многу од раководствата на зградите работат со многу потесен концепт на достапност. Ги бркаат изведувачите, луѓето кои делат флаери или држат говори. Раководствата на станбените згради, пак, често ги бркаат сите освен станарите. Ова е флагрантно кршење на намерата на зонирањето, но до денес, никој нема отидено на суд.


Правото на јавноста на градските плоштади се чини јасно. Не само што плоштадите се користат како јавни простори, туку и во повеќето случаи сопственикот е посебно, и богато, награден што ги обезбедил. Не му е дадено правото да ги дозволува само оние јавни активности кои по некоја случајност, тој си ги одобрува. Може само да мисли дека тоа е така, а некои сопственици така работат и поминуваат неказнето. Но тоа е така бидејќи никој не ги предизвикал. Еден строг и разјаснувачки тест би бил соодветен.

ОкоБоли главаВицФото