Ред за ручек

25.09.2013 16:01
Ред за ручек

Книгата Ред за ручек на словенечката писателка Уршка Стерле нуди дваесет и еден ангажиран расказ, пишуван во период од повеќе години. Во расказите испреплетени со лезбејска тематика се гледа празнотијата на современото урбано живеење. Без влакна на јазикот, авторката раскажува за досадните семејни собири или пасивната неплодност на современите уметници. Во своите раскази таа искрено и директно ги претставува истополовите љубовни врски. Во нејзините ликови се одвива интензивен внатрешен дијалог, којшто ја проблематизира неизбежната потреба гласно да се искажат скриените чувства, но и неподносливата тегобност на вербализацијата.

Критичкиот став на авторката кон опкружувањето, што повремено провејува низ расказите, „не е програмски“, бидејќи, како што вели самата, „кога ја пишував Ред за ручек немав никаков манифест во позадина. Едноставно сакав да понудам конструктивно решение на некои проблеми, користејќи ги можностите и средствата на литературата“. Кратките раскази во оваа збирка се резултат на „демоните од детството“ со кои се соочувала Уршка, а со кои живее и денес.

Збирката првпат е објавена во 2006 година во Љубљана, во едицијата Визибилија, која опфаќа литературни, есеистички и научни дела посветени на лезбејската тематика. Лезбејските „теми“ се и основното поле на критичкиот политички ангажман на авторката и клучно упориште на нејзиното индивидуално и професионално реализирање, како и главна преокупација во нејзините книжевни текстови, преку кои таа ги оспорува маргинализацијата, потиснувањето, невидливоста и дискриминацијата во општеството.

На Окно може да го прочитате расказот Таа е таа е таа кој е дел од збирката Ред за ручек.

ОкоБоли главаВицФото