За правото на избор

28.09.2013 08:51
За правото на избор

За правото на избор или Како почнав прашањето „Кога ќе раѓаш деца?“ да го доживувам како навреда

 


Имам 28 години. Пред две години магистрирав актерство. Вработена сум. Имам редовни, солидни месечни примања. Имам здравствено и социјално осигурување. Имам решено станбено прашање. И немам намера да раѓам деца во наредните 7-8 години. И не, воопшто не чувствувам дека сум лош човек поради тоа.

Обожавам деца. Им се восхитувам на храброста, на фантазијата, на искреноста. Сакам да поминувам време со деца, да разговарам со нив, да си играме. Знам да менувам пелени, ми успева и да ги нахранам и заспијам, така што ако затреба слободно можете да ми оставите да ви го причувам детето. Мојот најдобар другар за неполни два месеци прв пат ќе стане татко и јас едвај чекам да се роди тоа бебе. Едвај! Ете, сакам деца, ги сакам многу, само сега за сега сакам туѓи деца. Сѐ уште не сакам свои.

И тоа не ме прави лош човек. Тој мој став од мене не прави ниту ултралибералка, ниту себична кучка, ниту предавник на нацијата. Поради тоа никој нема право да ме навредува или осудува. По тоа прашање, никој не смее да ми чепка ниту по главата, ниту по срцето, ниту во гаќичките. Затоа што таа одлука е лично моја.

Сексот е единствена, неверојатно возбудлива, ослободувачка работа. Целосно ослободување од рационалноста, интензивно постоење во миг и простор до кој не допира реалноста. Што ќе рече - слобода. Но, се согласувам дека спонтаноста е важна и придонесува за квалитетот, ама исто така би трампала малку спонтаност за добри реултати на ПАП тест. Зашто романтично е кога дечко ти ќе те пренесе преку вирче од дожд, ама нема ништо романтично во тоа кога ќе ти пренесе ХПВ. Напротив, исклучително е непријатно. Супер е да си лежите гушнати и да си замислувате како ќе ви се вика бебето, ама не е супер во еден момент да морате да се откажете од сите ваши соништа и планови за животот, затоа што ви се случила непосакувана бременост која не сте успеале да ја спречите бидејќи не сте можеле да си дозволите да користите заштита или зашто законот за прекин на бременоста не ви дозволува да абортирате.

Одлуката да се има или да се нема дете е длабоко интимна одлука. Затоа кога на почетокот на летото се објави предлогот за измена на законот за прекинување на бременоста се почувствував лично, интимно погодена. Се исплашив. Се почувствував физички загрозена. Загрозено беше моето тело. Некој се дрзна моето тело да го земе во свои раце и да стопанисува со него. Да го користи за поткрепа на своите кромањонски ставови за семејството, за улогата на жената, за зачувувањето на нацијата и слични блуеници. За исполнување на своите политички агенди наменети да дефокусираат од егзистенцијалните проблеми со кои секојдневно се соочуваат најголем дел од луѓето во оваа земја, како на пример – Дали ќе имаме што да ручаме утре? Како ќе му купам на детето чизми оваа зима? Со што ќе си ги платам сметките?

Со донесувањето на тој закон... за кој, да ве потсетам, гласаа ЗА 23 пратенички... тоа се 23 жени од кои сигурно барем половина имаат по една ќерка или внука... со донесувањето на тој закон застрашувачки се влошува општествената, здравствената, целокупната положба на жената.

Досега се фрапиравме од податоците за последиците од безмилосните закони и обичаи поради кои жените немаат можност да се образоваат, секојдневно се изложени на семејно насилство, немаат пристап до преднатална и постнатална здравствена грижа, присилно се стерилизираат, немаат право самите да одлучат кога и за кого ќе се омажат, туку се приморани да се мажат уште пред да наполнат десет години за мажи 3-4 пати постари од нив, имаат високо ризични бремености зашто нивните детски тела сѐ уште не се подготвени да можат да носат плод, живеат во средини во кои женските новороденчиња се одземаат од мајката и се убиваат. Да, тоа се застрашувачки примери во кои „законот“ владее без да ги има предвид правата на жената.

Но сепак, законот кој владее во една покраина во Бурма, со кој на жените од една муслиманска етничка група им се забранува да имаат повеќе од две деца, и новиот закон за прекин на бременоста во Република Македонија - се во суштина многу слични. Двата закони се производ на демографски политики. Двата закони го немаат за цел подобрувањето на пристапот на жените до квалитетна здравствена грижа, ниту придонесуваат за достапноста на средствата за контрацепција. И најважно, двата закони апсолутно не ги земаат предвид женските човекови права. Двата закони присилуваат и дискриминираат. Во двата случаи законот е тој што решава, не жената. А праксата покажува дека не постои успешна здравствена иницијатива која не се потпира на човековите права.

Фокусот на програмите за планирање на семејството не треба да биде насочен кон остварување на бројки, туку кон квалитет и достапност на услугите. Да не се лажеме, формирањето комисии кои за три дена донесуваат суд за целиот понатамошен живот на една девојка не е грижа за здравјето на жената. Ако владејачките структури продолжат да го игнорираат очигледното кршење на човековите права, резултатот ќе биде контрапродуктивен, а најзагрозените групи жени и девојки ќе останат без основното право на избор.

Истата влада, која има ваков поглед на улогата на жената и на планирањето на семејството, која предлага и потпишува ваков средновековен закон, креира стратегии во кои контрацептивите ќе бидат ставени на позитивна листа. Морам да ви признаам дека сум многу сомничава. Особено затоа што бројките говорат дека на терен не се прави ништо. Што ќе рече, државата не ги спроведува обврските што ги презела со своите стратешки документи. Во јавноста на цел глас трубат дека наша обврска е да ѝ раѓаме потомство на нацијата, дека децата се нашето најголемо богатство... се плашам дека еден ден абортусот ќе го прогласат за нелегален. Денес цената на контрацептивите е една од основните причини што младите девојки не ги користат. Како тргнало, се плашам дека еден ден тие воопшто и нема да можат да се купат на легалниот пазар со лекови.

Неинформираноста, како и ставот на самите гинеколози во однос на контрацепцијата се исто така неоспорни фактори за недовербата во модерната контрацепција. Па, наместо да се фрлаат пари на онакви срамни и навредливи реклами кои го стигматизираат правото во извесни околности да не станеш родител, посочуваат со прст и ги претставуваат како убијци оние кои од објективни причини го искористиле, го користат или допрва ќе бидат приморани да го искористат тоа свое право, истите можат да се вложат во едукација на младите како да се заштитат од соочувањето со таа непријатна одлука. Во охрабрувањето на младите да користат контрацепција. Во овозможувањето таа да им биде достапна. Од тоа момчињата да не мислат дека девојките тупат ако инсистираат на користење заштита при секој однос, до тоа девојките да престанат да мислат дека ако пијат анти-беби пилули ќе им пораснат мустаќи. Од тоа да не се срамат да купат кондом во супермаркет, до тоа да можат во финансиска смисла да си дозволат редовно да земаат орални контрацептиви.

Зашто нашата правилна перцепција за контрацепцијата ни овозможува да се грижиме за своето тело, за себеси и за оние со кои сакаме да бидеме интимни, за оние што ги сакаме. Зашто постоењето и достапноста на можностите за заштита на себеси и својот партер нѐ прави сигурни, самоуверени, ни дава чувство дека на извесен начин „ги имаме работите во свои раце“, нѐ ослободува од стравовите. Само така сексот не го доживуваме како закана, туку како уживање. Достапноста на модерната контрацепцијата за младите луѓе во Македонија денес не овозможува само нивна заштита од несакана бременост, туку и ги заштитува од новодонесениот закон. Им овозможува да планираат. Да можат да уживаат, да поминат неколку години студирајќи во странство, да патуваат, да бидат безгрижни. Да бидат млади. Да станат родители кога навистина ќе се почувствуваат подготвени за тоа и кога тоа ќе биде толку силна желба и потреба што ќе бидат подготвени да направат сѐ за да ја остварат. А не затоа што нема да имаат друг излез, затоа што ќе бидат приморани, затоа што тоа ѝ го должат на нацијата.

Достапноста на модерната контрацепцијата за младите луѓе е постоење на избор. Тоа е можност за практикување на правото да избираме. А тоа е основно човеково право.

Текстот е прочитан на конференцијата „Како да им обезбедиме модерна контрацепција на младите во Македонија“ организирана од ХЕРА по повод 28 септември, Светскиот ден за акција за пристап до безбеден и легален абортус.

ОкоБоли главаВицФото