Храна

08.10.2013 12:03
Храна

Ако сакате да посеете некое место со случувања, поставете храна. Во Њујорк, на секој плоштад или скали со разигран општествен живот, речиси без исклучок ќе најдете продавач на храна на аголот и група луѓе околу него како јадат, си муабетат, или само стојат.

Продавачите знаат да намирисаат места кои ќе функционираат. Мораат. Тие постојано го тестираат пазарот, па ако се фати бизнисот на едно место, наскоро ќе има куп продавачи на истото. Тоа ќе привлече повеќе луѓе, со тоа и уште продавачи, а понекогаш толку многу се спојуваат, што движењето на пешаците забавува до ползење. На плоштадот пред „Рокфелер центар” за време на божиќните празници, имаме избројано некои 15 продавачи во должина од 12 метри (повеќето од нив продаваа топли переци).

Градската власт не го одобрува сево ова. Постојат доволно одредби да направат да биде нелегално за продавачите, без разлика дали се лиценцирани или не, да вршат дејност на кое било место каде што добро оди бизнисот. Трговците секогаш ѝ се качуваат на глава на полицијата да ги спроведува одредбите. Полициската активност која најчесто се забележува во центарот на градот и околината е врачување судски покани на продавачите на храна. Понекогаш има и чистки, полицијата доаѓа со комбиња да ги избрка. Овие судири обично привлекуваат големи групи на луѓе кои очекувано се на страната на уличните продавачи.

И така треба и да биде. Природно, продавачите ја имаат преземено улогата на снабдувачи со храна на животот на градот на отворено. Тие успеваат бидејќи ја задоволуваат побарувачката наместо регуларните трговски компании.

Плоштадите се особено паразитски во овој поглед. Ретко и да има некој којшто бил изграден, а да не предизвикал уривање на снек-барови и ресторани. Па така, продавачот всушност пополнува празнина, а ова може да стане доста очигледно кога тој ќе се избрка. Голем дел од животот на тој простор си заминува заедно со него.

Њујорк е помалку пуритански отколку некои други места. Многу градови имаат одредби кои не само што оневозможуваат продавање храна надвор, туку и јадење надвор. Ако ги прашате властите за ова, ви кажуваат за ужасните нешта кои би се случиле кога би се укинале ограничувањата – опасностите од нездравата храна, ужасните проблеми со отпадот итн. Делумно поради овие ограничувања, за повеќето плоштади и комплекси згради изградени во изминатите 10 години, нема никакви законски одредби за јадењето надвор. Малкуте за коишто има, мораа да се однесуваат пионерски. Во Првата национална банка на Чикаго, на пример, открија дека за да можат да понудат дури минимални услуги, како продавање пуканки од количка, мораа да добијат посебна дозвола од градот.

Храната привлекува луѓе кои привлекуваат други луѓе. Имавме одлична можност да го проучиме овој ефект на привлекување преку неколку полуконтролирани експерименти на еден нов плоштад. На почетокот немаше храна. Умерен број луѓе го користеа местото. На наша сугестија, раководството постави количка со храна. Беше моментален успех (количка со цвеќе, не беше). Доаѓаа повеќе луѓе. Продавач со рачна количка отвори продавница на тротоарот, а потоа и друг. Бизнисот продолжи да се развива за сите тројца продавачи. Потоа, раководството го убеди она на ресторанот во зградата да отвори мало кафуле на отворено. Сè повеќе и повеќе луѓе доаѓаа, надминувајќи го бројот на луѓе кои го користеа кафулето.

Оптичката моќ на овие работи е огромна. Како основни реквизити, не е потребно ништо повеќе од неколку редици столови и маси на склопување. Наредете ги, наместете ги шарените чадори, донесете ги келнерките, и муштериите и визуелниот ефект можат да бидат вчудовидувачки. Ако кафулето прави пари, а повеќето прават, тогаш уште подобро. Но, може да се оправда и само поради ефектот на привлекување. Чудо е што ги нема во поголем број.

Најосновниот објект е снек-барот. Парковите Пејли и Гринејкер имаат шанкови на кои се нуди добра храна по разумни цени, а се прави умерен профит. Обезбедени се многу маси и луѓето слободно можат да си носат своја храна, како и вино, ако сакаат. Од улицата, понекогаш изгледа како одлична голема забава, а ако редицата луѓе за снек-барот стане долга, глетката ќе ги поттикне минувачите да се придружат. Храната, да повториме, ги привлекува луѓето, а тие привлекуваат уште луѓе.

Предложивме во новиот закон за зонирање на Њујорк, обезбедувањето на основни објекти за храна да се направи задолжително за сите нови плоштади и паркови. Комисијата за планирање сметаше дека ова е малку претерано, па така во завршните предлози го нема тој услов. Но, изградбата на киосци со храна и други градби кои претходно се сметаа за препреки особено се поттикнува. Истото важи и за кафулињата на отворено; до 20 отсто од отворениот простор може да се употребува за такви активности. Одредбите беа направени да важат ретроактивно за да го поддржат поставувањето на кафулиња и објекти на веќе постоечките плоштади.

Среќна околност која ги оправдува нашите препораки обезбеди градската власт. Отворија кафуле. До зградата на градската управа имаше голем простор, плоштадот Сент Ендруз, а тогашната заменик-градоначалничка на Менхетен, Џоли Хамер, ја иницираше идејата за кафуле со национална храна. Напна неколку организации да донираат маси и столчиња и зеде кафиња и печива од блиското „Little Italy” за да се постават штандови. Подоцна, доби дозвола за кинеска храна и соул-фуд. Работата беше полн погодок уште од почетокот, со околу 500 до 600 луѓе во шпицот на времето за ручек.

Г-ѓа Хамер одржа и лекција за користење на просторот. Наместо да ги распространи објектите на голем простор, таа ги собра во купче и со деспотската рака на добра домаќинка, ги спои масите блиску една до друга. Како резултат на ова, луѓето беа збиени и полесно се запознаваа меѓу себе; чекајќи во редица и пробивајќи се низ масите, тешко беше да не се запознаат. Многу бргу, плоштадот стана место на голема меѓусебна размена за луѓето од градската власт, и според сите показатели, тоа едно од најдруштвените места. Никогаш не сум видел толку многу луѓе да започнуваат разговори, да запознаваат други луѓе, да си кажуваат здраво и пријатно. Ако некогаш се провери, веројатно ќе се покаже дека многу бракови и деца потекнуваат од некој летен ден на плоштадот Сент Ендруз.

Кон првото поглавје

Слични содржини

Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори / Фотографија

ОкоБоли главаВицФото