Новото Скопје (1)

10.10.2013 10:15
Новото Скопје (1)

Земјотресот не го урна само градот. Тој го урна и штотуку направениот Урбанистички план за Скопје — град на 400.000 жители, видени во визијата на тој план, дело на скопските урбанисти. И кога веќе испитувањата покажаа дека Скопје може да се гради на истото место, кога беше донесена и Привремена програма за изградба на Скопје, започна изработката на новиот Урбанистички план. Донесувањето на генералниот урбанистички план претставуваше историски настан за овој град и тоа од повеќе аспекти. Генералниот урбанистички план — тоа е всушност Скопје во идните 20 години, Скопје какво што го замислија стручњаците од многу земји што работеа на него, тоа е книга која визионерски го долови градот: модерен, современ, нов, онаков каков што не бил досега. И ова дело има своја интересна приказна.

Веднаш по земјотресот, урбанистите од Заводот за урбанизам на Скопје, беа задолжени да пристапат кон изработка на нов Урбанистички план за да почне изградбата на градот што поскоро. Но, во склопот на манифестациите на меѓународната солидарност и решеноста обновата на оштетеното Скопје да ја помогнат и Обединетите Нации, дојде до тоа во изработувањето на новиот Генерален урбанистички план да се ангажираат и многу југословенски и странски стручњаци. Така, на пример, Варшавскиот урбанистички завод, како своја помош на Скопје, изработи своја варијанта на предлог-урбанистички план. Претходни студии и варијанти за урбанистичкиот план изработија и стручњаците од Заводот за урбанизам на Скопје заедно со претставниците од фирмата „Доксијадис" од Атина, кои во подготовките на планот учествуваа во својство на техничка помош од ООН за Скопје. Овој значаен документ-Урбанистичкиот план, се раѓаше како посебен феномен, дотогаш незабележан. Еве ја подолгата приказна за него. Варијантите на просторното решавање и изработените студии беа неколкупати разгледувани од Консултативниот одбор на ООН за Скопје, формиран од страна на Специјалниот фонд на Обединетите нации за помош на Скопје. Консултативниот одбор беше составен од еминентни стручњаци: архитекти, урбанисти, планери, геолози, геофизичари, сеизмолози и други, а имаше задача да ја помогне изработката на Генералниот урбанистички план на Скопје и да помогне во решавањето на низа други проблеми на градот. По препорака на Консултативниот одбор на ООН, во октомври 1964 година, дефинитивната изработка на Урбанистичкиот план на Скопје му се довери на „Полисервис" од Варшава и „Доксијадис" од Атина, а во соработка со Заводот за урбанизам и архитектура од Скопје. Поради итноста, проектот на планот требаше да биде готов само за 10 месеци. Познато е дека ваквите планови за градовите се прават со години, па затоа изработката на Урбанистичкиот план за Скопје по земјотресот, во вака кус рок, е посебен феномен. Но, брзата изработка на Планот беше овозможена со концентрацијата на голем број стручњаци од нашата земја и странство, со нивната голема стручност и искуство, како и со тоа што изработката на Урбанистичкиот план на Скопје ја финансираше Специјалниот фонд на Обединетите нации.

Скопје е еден од најзначајните градови на Југославија. Затоа во функцијата на центарот на Скопје се вклучуваат стопанските, културните, политичките активности на Македонија, чијшто главен град е. Во територијата на развитокот на општествените и културните дејности се вклучува и Старата чаршија, која има голема културно-историска вредност. Она што новиот центар го прави атрактивен е максималното користење на реката Вардар. А Калето е најголем природен елемент во центарот на градот. Она, пак, што треба да биде сочувано е Старата чаршија која не треба да се третира како фолклорен музеј. Напротив, таа е веќе реставрирана, но истовремено вградена во модерниот дел на центарот како негов интегрален дел. Градовите често остануваат во долги сеќавања токму по своите централни подрачја. Центарот ги содржи капиталните објекти. Патописните белешки, хрониките и историските документи на овој град велат дека тој често го менувал и својот центар. Скопје, она затворено во ѕидините на Калето, било и град и центар. Поточно, тука бил центарот, а околу биле зградите за живеење на посиромашниот дел на населението. Челебија и другите патописци зборуваат за Старата скопска чаршија, што се наоѓа во центарот на градот, на левиот брег на реката, под тврдината на Кале. Тој центар околу остатоците на Безистенот е сочуван и денес и игра важна улога во трговскиот живот на градот. На десниот брег на Вардар, Скопје почнува да се шири дури по Балканските војни. И со растењето на овој дел полека почнува да се оформува идниот центар околу денешниот плоштад „Маршал Тито". Урбанистичкото решение за новиот центар се побара преку распишување меѓународен конкурс во кој победи концептот на јапонскиот архитект Кензо Танге. Карактеристичниот зафат на новиот центар на Танге е преселување на железничката станица на неговиот југоисточен раб, пробивање на низа сообраќајници, како и подигање станбени блокови во многукатниците во таканаречениот Градски ѕид. Тој не е центар во кој се сместени само јавните објекти, туку и простор во кој веќе живее една третина од населението на Скопје. Системот на зеленилото влегува во потесниот центар на градот, што заедно со зеленилото на бреговите на Вардар, кое е сега проширено поради сеизмичноста на тој реон, прави еден зафат во подносливоста на климата на овој дел на градот.

Судејќи според стручните наоди на геолозите и сеизмолозите, бреговите на Вардар претставуваат трусни подрачја, па заради тоа се претполага дека и на 26 јули 1963 година земјотресот, на некои точки од нив, имал јачина и од 10 степени по Меркалиевата скала. Подземните води на Вардар ги прават трусни овие подрачја и општо беше мислење дека попустина би биле сите мерки и зафати, доколку бреговите на реката не се регулираат. Во изградбата на новото Скопје се водеше сметка за оваа констатација на стручњаците и Вардар е сега регулиран во поголем дел од својот тек низ градот и на приодите на неговата периферија. Регулацијата на Вардар е една од најубавите, најголемите, најестетските и најкорисните градби во Скопје, подигнати по земјотресот. Тој потег на градот му даде ново лице и некогашните неуредени брегови сега се шеталишта и отворени бини за културни и други јавни настапи. И над сета таа прекрасна градба, остана старецот, Камениот мост со величината на своите сега дооткриени столбови, како бедем на непобедливоста и објект кој ги надживеал сите пожари, земјотреси, поплави на Скопје и останал немо да сведочи за нив.

Новиот Урбанистички план на Скопје предвидуваше до 1980 година градот да има само 350.000 жители. А сега тој веќе има 400.000. Големите миграциони движења ги урнаа претпоставките на планерите и повлекоа зад себе своевидни проблеми. И тие нови 150.000 жители требаше некаде да се сместат. Каде? На новите површини од околу 1.000 хектари. Така се нижат карактеристиките на најважниот документ на градот — Планот. Тие се бројни, интересни и за урбанистите и за обичните граѓани. Со една прошетка низ градот ќе се дознае приказната за него, за неговите заслуги што денес на Вардар лежи еден нов, најмлад град во Југославија и Европа, младич чии дваесет години од раѓањето ги прикажуваат и редовите на оваа книга. Патникот во градот го носат сообраќајниците. Во новото Скопје тие со право се викаат булевари. Таму каде што беа макадамските пристапни улици по периферијата, зашто до ослободувањето во цела Македонија беа асфалтирани само 3 километри пат и тоа на јужниот приод на Скопје, сега се протегаат модерни асфалтирани, широки, зелени булевари. Тие се и едни од најмодерните и најголемите градски сообраќајници во нашата земја воопшто. Тоа се градските сообраќајници чија мрежа, во однос на 1963 година, сега е зголемена за 2,8 пати и изнесува 420 километри. Само основните сообраќајници, овдешните булевари, изнесуваат 123 километри со коловози, тротоари, велосипедски патеки...

Можеби посебно внимание заслужуваат булеварите „Илинден" и „Гоце Делчев", кои ја формираат значајната насока исток-запад. Тие преку другите улици, имаат врска со булеварот „ЈНА“, потоа главната сообраќајница Партизански одреди, преку булеварот Октомвриска револуција поврзани се со јадранската магистрала и со булеварот „Југославија". Решението за скопскиот сообраќај е направено преку изградба на посебен прстен во кој влегуваат спомнатите булевари, како и булеварите „Војводина", „Србија", „Босна и Херцеговина", „Васил Главинов" и други. Пробивањето на нови големи сообраќајници е проследено со премостување на реката што градот го дели на два дела. Пред земјотресот градот имаше само четири моста: Камениот мост, мостот на јужниот крак од булеварот „Партизански одреди" во Влае, бетонскиот мост кај хотел „Скопје" и „Мостот на Револуцијата" на булеварот „Кочо Рацин" и „Крсте Мисирков". Во обновата и изградбата градот се здоби и со неколку нови мостови како што се: мостот на Западниот пат на реката Вардар, мостот на „Обединетите нации", мостот „Октомвриска револуција", најубавиот во градот - мостот „Гоце Делчев" - и мостот во продолжение од булеварот „Војводина", кон булеварот „Србија" .

(продолжува)

Извор: Skopje '63-'83, Partizanska knjiga, Ljubljana, 1983.

ОкоБоли главаВицФото