Улицата

16.10.2013 12:16
Улицата

Сега дојдовме до клучниот простор за еден плоштад. И не се наоѓа на плоштадот. Се работи за улицата. Другите погодности за кои зборувавме се навистина важни: простор за седење, сонце, дрвја, вода, храна. Но тие можат да бидат додадени. Врската со улицата е интегрална, и е убедливо одлучувачки фактор за проектирање.

Добриот плоштад почнува на аголот на улицата. Ако има многу луѓе, тоа значи дека има свој сопствен активен општествен живот. Луѓето нема само да чекаат да се смени светлото. Некои ќе стојат и ќе разговараат, други ќе бидат во некоја фаза на долготрајно збогување. Ако има продавач на аголот, луѓето ќе се собираат околу него, и ќе има значителен двонасочен сообраќај напред-назад помеѓу плоштадот и аголот.

Активноста на аголот е одлична претстава и еден од најдобрите начини да се извади максимумот од неа е едноставно да не се одвојува. Врвот е да се седи во првиот ред. Најмногу луѓе се привлекуваат ако може да се седи. Сепак, најчесто не може да се седи и тоа честопати за ужасно мала разлика. Оградите на платформите завршуваат работа. Кај зградата на „Генерал Моторс” на Петтата авенија во Њујорк, на пример, предната платформа гледа кон една од најдобрите урбани сцени. На платформата одлично би можело да се седи да немаше ограда на неа, поставена точно 5,75 инчи навнатре. За два инча би можело удобно да се седи. Накосените платформи создаваат слични потешкотии, особено во комбинација со бодликави грмушки.

Уште една клучна карактеристика на улицата е малопродажбата – продавници, поставени излози, знаци кои ќе ви го привлечат вниманието, влезови, луѓе кои влегуваат и излегуваат од нив. Големите нови деловни згради ги истребуваат продавниците. Она со што се заменуваат е стаклена фасада низ која можете да видите банкарски службеници како седат на бироата. И само една ваква редица е доволно здодевна. Кога ќе се заредат блок по блок, станува неподносливо здодевно. Шестата авенија во Њујорк има толку многу плоштади без продавници што и малкуте останати предели со вулгарни улични глетки сега се и тоа како привлечни.

Како услов за бонус за отворен простор, инвеститорите би требало да имаат обврска да наменат најмалку 50 отсто од подната површина покрај фасадата за малопродажба и за храна, а новото зонирање во Њујорк така и предвидува. Притисоците на пазарот, за среќа, сега дејствуваат во истата насока. За време на нашето истражување, банките нудеа повисоки цени од продавниците за подната површина. Оттогаш, банките почнаа да одат во обратна насока, а економијата е понаклонета кон продавниците. Но, не штети таа обврска да постои.

Просторот каде што се допираат улицата и плоштадот е клучот за успехот или неуспехот. Идеално е кога преминот е таков што тешко е да се каже каде едното завршува, а другото почнува. Пејли парк во Њујорк е најдобриот пример. Предниот тротоар е составен дел од паркот. Вретенестите крошни од дрвјата се протегаат долж тротоарот. Има жардиниери со цвеќиња покрај работ, а на секоја од страните на скалите, заоблени платформи за седење. Во ова фоаје, обично може да најдете некого како чека некој друг. Тоа е згодно место за средби – луѓето седат на платформите, а во средината на влезот, неколку луѓе разговараат.

И минувачите го користат Пејли, исто така. Околу половина ќе се завртат и ќе погледнат внатре. Од нив, околу половина ќе се насмевнат. Немам пресметано индекс на насмевнување, но ова индиректно, секундарно уживање е исклучително важно – глетката на паркот, сознанието дека е таму, станува дел од сликата која ја имаме за многу пошироко пространство. (Кога би требало некој да направи кост-бенефит анализа, мислам дека би се покажало дека секундарната употреба обезбедува исто толку, ако не и повеќе добивка од примарната. Кога некој би можел да стави парична вредност на една минута визуелно уживање и тоа да се помножи со повторувањата ден по ден, година по година, би се добил прилично импресивен износ.)

Паркот стимулира негово импулсивно користење. Многу луѓе имаат задоцнета реакција кога поминуваат, застануваат, одат неколку чекори, потоа, со благо забрзување, се качуваат по скалите. Децата го прават тоа поенергично; оние навистина малите обично покажуваат кон паркот и ги влечат мајките да влезат, а многу од поголемите веднаш се стрчуваат само што ќе се доближат до скалите, па потоа прескокнуваат скала-две.

Ако ги гледате овие текови, ќе сфатите колку важни можат да бидат скалите. Скалите во Пејли се толку ниски и лесни, што речиси се чини дека ве влечат. Додаваат фина повеќезначност на вашите движења. Можете да стоите и да гледате, да направите еден чекор, уште еден, а потоа, без да донесете свесна одлука, да се најдете во паркот. Скалите во Гринејкер парк и на плоштадот на „Сеаграм” се слично ниски и привлечни.

Благата висина, значи, може да биде примамлива. Но ако се повисоки за една стапка или слично, нивната употреба драстично ќе падне. Нема јасно одредени ограничувања – психолошки е колку што е и физички – но сепак се чини дека е поврзано со тоа колку скалите бараат од нас да избираме. Еден плоштад за кој се очекува луѓето да го користат, но не го користат, е на само една стапка или слично повисоко од два слични други во близина. Изгледа многу повисоко. Скалите се стеснети, заострени со оградите, а и висината им е остра. Тука нема повеќезначност; нема денгубење; нема ашкање наоколу.

Видното поле е битно. Ако луѓето не гледаат некој простор, нема ни да го користат. Во центарот на Канзас Сити има парк на висина токму над нивото на погледот кој повеќето минувачи не го забележуваат. Поради тоа, тој е изгубен. Слично изгубен е и еден мал, сончев плоштад во Сиетл. Би бил одличен и веројатно многу популарен за седење да можеа луѓето да го видат од улицата, а не можат.

Освен ако нема силна причина за тоа, отворените простори не треба да бидат спуштени. Со два или три значајни ислучоци, спуштените плоштади се мртви места. Малку луѓе можат да се најдат таму; ако има продавници, честопати се тоа излози со кукли за да се камуфлира недостатокот на луѓе. Освен ако плоштадот не е на пат кон метрото, зошто би се симнувале? Кога веќе сте таму, се чувствувате како да сте на дното на бунар. Луѓето ве гледаат. Вие не ги гледате нив.

Еден од најдобрите изучувачи на просторот кои ги познавам е танчарката Мерилин Вудс. Со нејзината трупа, има одиграно неверојатни „празнувања” на јавни места низ земјата. Овие празнувања претставуваат засилување на природната кореографија на едно место. Најдобрите места, што и не е премногу зачудувачки, придонесуваат за најдобрите изведби, за најзадоволната публика. (Плоштадите на „Сеаграм” и Фаунтин сквер во Синсинати се на врвот на листата.) Она што е значајно е дека едниствените места каде нејзините празнувања не поминаа добро беа спуштените плоштади. Изгледаа мртво, се присеќа Вудс, како да е поставен ѕид помеѓу танчарите и публиката.

Што е со плоштадот на „Рокфелер”? Тоа е многу успешно место, а има спуштен плоштад во средината. Така е. Сепак, оние кои ова го наведуваат, обично не се свесни за тоа како функционира. Плоштадот е одлично урбано место, но долниот плоштад е само еден дел, а тоа и не е место каде што се наоѓаат поголемиот дел од луѓето. Тие се во галеријата на амфитеатарот. Луѓето на долниот плоштад ја играат претставата. Во зима, има лизгање; во лето, отворено кафуле и чести концерти. Најголемиот број луѓе, обично околу 80 отсто, се горе: кај оградите покрај улицата, на мезанинот веднаш подолу или на широката патека упатени кон Петтата авенија.

Што се имитира? Некои градови имаат ископано речиси копии на долниот плоштад на „Рокфелер”, а во еден случај и со буквално истите димензии како лизгалиштето. Тоа што го немаат копирано е околниот простор. На крајот добиваат сцена без театар, дупка без крофната. И се прашуваат што е тоа што тргнало наопаку.

Плоштадот на Првата национална банка на Чикаго е исто така прилично спуштен – некои 18 стапки под нивото на улицата. А сепак е најпопуларниот плоштад во земјата, со дури над 1.000 луѓе за време на ручек во убав ден. Успешен е бидејќи речиси сѐ е направено за да биде успешен – има доста простор за седење, прекрасно кафуле на отворено, фонтана, мурали на Шагал и најчесто музика и некаков вид забава за време на ручек.

Плоштадот на Првата национална банка на Чикаго има одличен однос со улицата. Тротоарите се дел од неговиот простор и има изразена секундарна употреба од страна на илјадниците кои минуваат. Многумина застануваат да погледнат што се случува. Некои ќе се симнат неколку чекори, па уште неколку. Повторно, амфитеатар – со неколку редици луѓе кои гледаат во луѓе кои гледаат во луѓе кои ја гледаат претставата.

Кон првото поглавје
Кон второто поглавје

Слични содржини

Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото