11 Октомври

18.10.2013 07:04
11 Октомври

1.

Текстов требаше да се совпадне со датумот, ама сеедно, не е премногу доцна. А беше/е замислен како мало потсетување не за историското значење на датумот – веројатно суштински најбитен датум во поновата македонска историја – туку за македонската уметност, особено монументалната македонска уметност, создадена во чест на НОВ. Иако, во принцип, не бегам и од можни историски толкувања и размисли за датумот, а уште помалку се согласувам дека историјата треба да се остави (само) на историчарите! На кои историчари? Овие нашиве, новопечениве, кои не можат да одделат партија од историја, пропаганда од реалност, објективност од фикција… Па овие ни стрипчиња не читале, толку се неписмени. Овие нашиве млади ударни историски „сили“ не се веќе ни млади, уште помалку ударни, ама се некакви сили – оние на незнаењето. (Не)знаењето е сила, (не)знаењето е моќ! Староновиве пулени – зашто овие се токму старонови, кои до вчера им носеа бурек и им собираа библиографии на оние „никаквине“ режимско комунистички историчари, а сега глатко влегоа во нивните чевли – почнаа да „утврдуваат“ нови вистини. Ама за големи (квазинаучни) пари! Па така старите чевлички им се нафатираа, ги топлат. Пишуваат детски серии и полуписмени сценарија за „филмови“, прават „музејски“ поставки, (пре)пишуваат книги… Еден од овие актуелниве пулени одвај го знаеше македонскиот, и пелтечеше по малку на бугарски. Како ли следат странска литература? Или тоа не им треба, тие си фабрикуваат своја, а потоа ја цитираат?! Еден друг пак, подеднакво важен „историчар“, неодамна се прослави со мислата дека Илинденското востание ѝ припаѓа на Македонија зашто „востанието се случило на македонска територија“!(?). Алооо, шутрак, тоа ли е главниот историски аргумент?

2.

Но, текстов треба(ше) да биде за уметноста, за монументалната македонска уметност посветена на НОВ во Македонија и посредно, и на 11 Октомври. И не само заради празникот, туку и за да се потсетат полуписменине браќа дека овде некој, некогаш, создавал вистинска Уметност!

Се разбира, прв и засега ненадминат монумент од тој тип е ремек делото што стои во паркот пред Владата на РМ, а е дело на скулпторот Иван Мирковиќ. И можеби токму заради фактот што станува збор за хрватски скулптор, овој споменик најчесто се „заборава“ и прескокнува во набројувањата на вонсериските уметнички остварувања во Македонија. Иако, формално, споменикот е посветен на ослободителите на Скопје, секогаш сум го гледал како дело посветено на НОВ и Револуцијата, на сите оние кои од 11 Октомври 1941 до 13 ноември 1944 година беа во антифашистичките редови!

Овој споменик, сосема класичен, традиционален, фигуративен… е лекција во мало за монументална споменичка пластика, абецедар за тоа како мајсторски се конципира и изведува една голема тема! Тоа воедно е и типично социјалистичко херојско, идеализирано дело коешто треба да ги монументализира надчовечките херојства на борците во НОВ, за навек. Стабилноста на композицијата, компонирањето на масите, силната експресивност на фигурите/ликовите… го прави овој споменик ненадминат во неговата категорија. (Во времето на поставувањето на споменикот во 1949 година, на Мирковиќ му помагал тогаш младиот Јордан Грабулоски, подоцна еден од најеминентните македонски скулптори на 20-от век).

Но, интересно, иако токму овој споменик можел да биде вистински модел како се создава херојско минато и идeализирана сегашност, денешниве барокољупци не го ни погледнуваат! Секој би помислил дека, ако веќе решиле да се занимаваат со минатото и сегашноста во барокна варијанта, токму ова ремек дело би им било идејата водителка во нивните „концепти“. Ама – не! Тие одбрале со бедни копии на нечии копии, со смешни веќе позеленети фигурички и монтажни филмски кулиси од времето на „Бен Хур“ да создаваат национална уметност. Да се чудиш!

3.

Вториот извонреден пример на уметничка идеја и реализација посветена на НОВ и Револуцијата несомнено е Спомен костурницата кај Велес (1979-80), дело на архитектот Саша Суботин, вајарот Љубомир Денковиќ и сликарот Петар Мазев. Ова комплексно дело едновремено е и впечатлив пример на тогаш актуелната синтеза на ликовните уметности во Македонија. Неправедно запоставувајќи го придонесот на другите двајца, сепак акцентот го ставам на импозантното ентериерно мозаичко остварување на Мазев, негово вистинско ремек дело во оваа техника во тој период. Следејќи ја неговата позната ескпресивност во сликарството, мозаикот во оваа Спомен костурница – низ драматично извлечен след од симболи и знаци – ја воспева епопејата на македонската историја и непокор. Безмалу во еден здив, како и неговите слики, преку нему својствените деформации и скратувања, Мазев во овој мозаик еуфорично се поклонува пред македонската историска епопеја, пред херојската саможртва на македонскиот борец за слобода.

4.

Третиот совршен пример на македонскиот творечки гениј е Споменикот на слободата (1981) во Кочани, дело на архитектот Ратко Раѓеновиќ и сликарот Глигор Чемерски. На површина од 330 метри квадратни Чемерски ја распослал неговата мозаична визија на македонскиот стремеж за слобода, македонската вековна борба за самостојност и самобитност.

Целиот монументален комлекс во Кочани е замислен како разрушен стар град – тврдина, остатоци од некаков можеби мистично-романтичен средновековен замок, со бетонски паравани што се креваат и спуштаат во неправилни ритмови… некаков атипичен храм со руинирани ѕидни појаси и купола што чудно се загубила во небото! А врз ѕидовите блескаат мозаиците на расприкажаниот Чемерски, распоредени во осум хоризонтални и вертикални фризови. Од далеку, наспроти синилото на небото, овие мозаици делуваат како шарени печати што раката на уметникот енергично ги удирала врз белината на бетонот. Печати на македонската приказна – страдање, непокор, победа, игра, песна… Односно, мозаичките фризови како сигнатури на уметникот доловуваат клучни сегменти од вековната историја, со претстави – тематски целини за Илинден, Револуцијата, Победата, Отпорот, Страдањето итн.

Нема сомнеж дека Споменикот на Слободата во Кочани е синтеза на целокупното дотогашно творештво на Чемерски, негова лична Сикстинска капела без купола, монумент кој што и според својата структура и според применетиот творечки вокабулар и ангажман е вонсериско дело во македонската монументална уметност.

5.

Со овие три историски примери може и да заврши краткиот показ на само неколку извонредни ремек дела од историјата на македонската монументална уметност. И само овие три примери се доволни да појаснат, прво, дека наспроти „аналитичарон“ Клековски, постои во Македонија монументална уметност. Второ, наспроти „стручњацине“ кои сакаат да прикажат дека македонската уметност се брои од нивното време, ние сепак сме имале што да покажеме, и тоа не само во локални или регионални рамки. Трето, само овие три ремек дела од различни периоди сведочат дека, наспроти денешниве „тинекс“ уметници и нивните блуткави кич копии, кај нас постоеле и постојат сериозни творечки потенцијали и одговорна средина којашто умеела истите да ги артикулира до вистинските уметнички врвови.

Овде не се спомнати комплекси од типот на „Македониумот“ на Јордан и Искра Грабул во Крушево, како уште едно ремек дело коешто, очигледно, за денешниве шарлатани е тотално непознато творечко писмо. Не е спомнат ниту мозаикот на Чемерски во Претседателската вила на Водно, за да не се искомплексираат дополнително. Нека поживеат во убедувањето дека нешто направиле за „уметноста“ во оваа земја.

А таа, сепак, видела и знае што е Уметност!

Извор: teodosievskizapisi.wordpress.com

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото