Животот на плоштадите

25.10.2013 10:14
Животот на плоштадите

Почнавме со проучување на тоа како луѓето ги користат плоштадите. Поставивме time-lapse камери со кои се надгледуваа плоштадите и се снимаа дневните шеми. Зборувавме со луѓе со цел да дознаеме од каде се, каде работат, колку често го користат местото и што мислат за него. Но, претежно, ги гледавме луѓето што прават.

Откривме дека поголемиот дел од луѓето кои ги користат плоштадите се млади службеници од околните згради. Може да има и релативно мал број посетители од зградата на која припаѓа самиот плоштад; како што се доверуваат некои секретарки, тие повеќе сакаат да остават мало растојание помеѓу нив и шефот. Но растојанијата до плоштадите се обично кратки; за повеќето плоштади, ефективниот трговски радиус изнесува околу три блока. Во малите паркови, како Пејли и Гринејкер во Њујорк, обично доаѓаат поразновидни посетители во текот на денот – побогати постари луѓе , луѓе кои доаѓаат од далеку. Но службениците сепак преовладуваат; толпата од блиското соседство.

Оваа некомплицирана демографија ја поткрепува основната карактеристика на добрите урбани простори: понудата создава побарувачка. Добар нов простор создава ново гласачко тело. Стимулира нови навики кај луѓето –ручање надвор – и дава нови патеки за стасување до и враќање од работа, нови места за пауза. Сево ова го прави многу бргу. Во Чикашката централна бизнис област, Loop, до неодамна немаше вакви погодности. Денес, плоштадот на Првата национална банка на Чикаго темелно го промени пладневниот начин на живот на илјадници луѓе. Ваквиот успех на ниту еден начин не ја заситува потребата за простор, туку покажува колку е голем нереализираниот потенцијал.

Најдобро употребуваните плоштади се места за дружење, со поголем број двојки отколку што ќе најдете на помалку употребуваните места, повеќе луѓе во групи, повеќе луѓе кои се среќаваат со други луѓе или се збогуваат. На пет од најупотребуваните плоштади во Њујорк, процентот на луѓе во групи изнесува околу 45 отсто; на пет од најмалку употребуваните, 32 отсто. Голем број луѓе во групи претставува индекс на селективност. Кога луѓето одат на некое место во двојки или како друштво од тројца, или пак одат на романтични состаноци таму, тоа најчесто е бидејќи така одлучиле. Овие места за дружење не се помалку пријателски и за поединецот. Сè на сè, привлекуваат повеќе поединци отколку помалку употребуваните места. Ако сте сами, најдобро е да се биде на весело место.

Исто така, најупотребуваните плоштади обично имаат поголем број жени од просекот. Соодносот помеѓу мажите и жените на плоштадите го одразува составот на работната сила и варира од област до област – во централното подрачје на Њујорк се движи околу 60 проценти мажи и 40 проценти жени. Жените се попребирливи од мажите во однос на тоа каде ќе седнат, почувствителни на дразби, а и жените трошат повеќе време отфрлајќи ги најразличните можности. Ако плоштадот има значително помал број на жени од просекот, нешто не е во ред. Кога има поголем број на жени од просекот, плоштадот веројатно е добар и како таков е и одбран.

Темпото на плоштадите е слично на различни места. Во утринските часови, посетата на плоштадите е спорадична. Продавач на хот-дог ја поставува количката на аголот, постари пешаци застануваат да одморат, еден или двајца курири, чистач на чевли, неколку туристи, веројатно од чуден вид, како уличарки со кеси за пазарење. Ако има некаква градежна работа во близината, малку по 11 часот ќе се појават шлемови со лименки пиво и сендвичи. Работите ќе почнат да заживуваат.

Околу пладне, главната клиентела почнува да пристигнува. Наскоро, активноста ќе го достигне врвот и така ќе остане до малку пред 14 часот. Околу 80 проценти од вкупниот број часови за употреба ќе бидат концентрирани во овие два часа. Во средината и доцното попладне, употребата е повторно спорадична. Ако има некој посебен настан, како на пример џез концерт, протокот на луѓе кои си одат дома се прекинува и луѓето остануваат дури до 18 или 18:30 часот. Сепак, плоштадите обично се умртвуваат до 18 часот и така остануваат до следното утро.

За време на шпицот, бројот на луѓе на плоштадите значително варира според годишното време и временските услови. Сепак, начинот на кој луѓето се распоредуваат низ просторот е прилично конзистентен, со тоа што некои делови секојдневно многу се користат, а други многу помалку. При нашите опсервации, лесно ни беше да го мапираме секое лице, но шемите се доволно правилни што може да се изброи бројот само во еден дел, потоа да се помножи со одреден фактор и да се добие одреден процент од вкупниот број луѓе на плоштадот.

Посетата кога нема гужва честопати дава насоки за преференциите на луѓето. Кога некое место е полно со луѓе, човек седнува каде може. Ова може, но можеби и не е местото каде најмногу сака да седи. Откако ќе си замине поголемиот дел од толпата, изборот може да биде голем. Некои делови од плоштадот во голема мерка се испразнуваат, други продолжуваат да се користат. На плоштадот на „Сеаграм”, платформата за седење во задниот дел која е под дрвјата се користи умерено, но постојано, кога другите платформи се празни. Изгледа како место каде најмалку има гужва, но кумулативно, тоа е најдобро употребуваниот дел на плоштадот на „Сеаграм”.

Мажите покажуваат тенденција да седнуваат на седиштата во првиот ред, а ако има некаква порта, мажите ќе бидат нејзини чувари. Жените обично повеќе сакаат места кои се малку изолирани. Ако има двострани клупи паралелно со улицата, внатрешната страна ќе има поголем број жени, а надворешната, мажи.

Од мажите напред, најочигледни се оние кои набљудуваат девојки. Се трудат и толку го покажуваат тоа, што се добива впечаток дека нивниот главен интерес можеби и не се толку девојките колку самото шоу на набљудување. Генерално, набљудувачите се редат доста блиску еден до друг, во групи од тројца до петмина. Ако се градежни работници, тие ќе бидат многу отворени, доста склони кон свиркање, смеење, директни поздравувања. Ова исто важи и за финансиската област на Њујорк. Во центарот се повоздржани, играат постудено, со доста кикотење и вообразени насмевки, како девојките да не се исти такви. Сепак, сево ова е мачоизам, без оглед дали е во центарот или периферијата. Ниту еднаш не сме виделе некој набљудувач на девојки да собере некоја девојка, или да се обиде.

Малку кој друг успеал, исто така. Плоштадите не се идеални места за запознавање луѓе, а дури и на најдруштвените плоштади, нема многу дружење. Кога има непознати во близина, најблиску до размена е она што Ервинг Гофман го нарекува граѓанско невнимание. Ако има, да речеме, две згодни блондинки на платформа за седење, мажите во близина обично ќе покажат детална манифестација на рамнодушност. Сепак, ако набљудувате внимателно, ќе видите како скришно се погледнуваат, несвесно ја подместуваат косата, си ги повлекуваат ушните ресички.

Се наоѓаат љубовници на плоштадите. Но не каде што би ги очекувале. Кога првпат почнавме да интервјуираме, имаше луѓе кои велеа дека би можеле да најдеме љубовници во задните делови (како и луѓе кои пушат трева). Но обично не беа таму. Беа напред. Најстрасните прегратки кои ќе ги снимевме најчесто се случуваа на највидливите локации, а двојките не беа свесни за толпата.

Одредени локации стануваат места за средби за различни видови друштва. Некое време, јужниот ѕид на плоштадот Чејс беше збиралиште за фотографски бубачки, односно оние кои сакаат да купуваат нови објективи и да зборуваат за нив. Ваквите шеми можат да траат не повеќе од една сезона, или пак да опстојуваат со години.

Пред некое време, една конкретна точка стана збиралиште за разуздани млади луѓе. Оттогаш, имало многу промени на персоналот, но остана да биде збиралиште на разуздани млади луѓе.

Автонатрупување

Ќе излезе дека она што најмногу ги привлекува луѓето, се други луѓе. Ако ова подлабоко го разгледам, тоа е бидејќи многу урбани места се градат како да важи обратното, а она што луѓето најмногу го сакаат се местата на кои не одат. Луѓето често зборуваат во таа насока и тоа е причината зошто одговорите на прашалниците знаат да им бидат толку збунувачки. Колкумина би кажале дека сакаат да седат сред толпата? Наместо тоа, зборуваат за бегање од сè и употребуваат термини како „бегство”, „оаза”, „прибежиште”. Тоа што луѓето го прават, сепак, открива друг приоритет.

Ова за првпат ни стана јасно при една студија на улична конверзација. Кога луѓето застануваат да разговараат, се прашавме, колку се оддалечуваат од главниот тек на пешаците? Бевме особено заинтересирани да откриеме колку од обично неискористената тампон зона покрај зградите ќе биде искористена. Па така, поставивме time-lapse камери со кои се надгледуваа неколку клучни агли на улиците и почнавме да ги означуваме локациите на сите разговори кои траеја минута или подолго.

Луѓето не се поместуваа од главниот тек на пешаците. Или остануваа во него или влегуваа во него, а најголемиот број од разговорите беа директно во центарот на течението , односно на стопроцентната локација, кажано со речник од областа на недвижнините. Истата тенденција ги карактеризираше и „патувачките разговори” – оние кога двајца мажи се движат наоколу и ги менуваат улогите на спореден актер и главен говорник. Има многу привидно движење. Но ако се означат патеките на движење, ќе видите дека тие обично се фокусирани околу стопроцентната точка.

А зошто луѓето се однесуваат вака, никогаш не успеавме да утврдиме. Разбирливо е разговорите да потекнуваат од главниот тек. Разговорите се поврзани со патувањата на пешаците; каде што има најмногу луѓе, веројатноста за средба или збогување е најголема. Она што потешко може да се објасни е тенденцијата на луѓето да останат во главниот тек, да го блокираат сообраќајот, да се туркаат.

Се чини дека ова не е прашање на инерција, туку на избор – веројатно, инстинктивен, но во никој случај не е нелогичен. Во центарот на толпата имате максимален избор – да се тргнете, да продолжите – исто како што имате во центарот на коктел, и самиот конверзација во движење која сè повеќе и повеќе се згуснува.

Луѓето исто така седат во главната струја. На плоштадот на „Сеаграм”, главните пешачки патеки се на дијагоналите од влезовите на зградите до аглите на скалите. Ова се природни точки на вкрстување и трансфер, и на нив обично има многу активност. Тие се и омилени места за седење и пикник. Понекогаш има толку многу луѓе што пешаците мораат внимателно да чекорат за да ги поминат скалите. Пешаците ретко се жалат. Додека некои ја заобиколуваат препреката, повеќето се провлекуваат преку неа.

Шемите на стоење се слични. Кога луѓето застануваат на плоштадите за да зборуваат, обично тоа го прават во средината на текот на сообраќајот. Исто така, покажуваат тенденција да се позиционираат блиску до објекти, како јарболи или статуи. Им се допаѓаат јасно дефинирани места, како скали или работ на фонтаната. Она што ретко го одбираат е средината на голем простор.

Има повеќе објаснувања. Преференцијата за столбови можно е да се припише на некој првобитен инстинкт: имаш целосна глетка на сите агли, но задниот дел е покриен. Но ова не ја објаснува склоноста на мажите да се редат по работ на тротоарот. Обично се свртени навнатре, кон тротоарот, со грбовите изложени на опасностите на улицата.

Конзистентни се и движењата на стапалата. Како да се некој вид нем јазик. Честопати, во група луѓе што си муабетат, никој и не зборува ништо. Мажите стојат неподвижно во пријатна тишина, набљудувајќи ја глетката што минува. Тогаш, полека, ритмично, еден од мажите ќе почне да се ниша горе-долу, прво на прсти, па пак на пети. Престанува. Друг го почнува истото движење. Понекогаш прават взаемни движења. Еден половично ќе се заврти надесно. Потоа, по ритмичен интервал, друг одговара со половично вртење налево. Како да има некаква комуникација тука, но никогаш ја немам пробиено шифрата.

Што и да значат, движењата на луѓето претставуваат една од значајните глетки на еден плоштад. Тоа не се гледа на фотографии со архитектонски градби, кои се обично безживотни и фотографирани од перспектива која малкумина ја имаат. И прилично е неточна. На ниво на окото, глетката оживува со движење и боја – луѓе кои одат брзо, одат бавно, прескокнуваат скали, се пробиваат и излегуваат од шемата на минување, забрзуваат и забавуваат за да им се совпаѓаат движењата со другите луѓе. Има убавина која е привлечна за гледање и се чувствува дека самите играчи се доста свесни за тоа. Ова исто така се забележува и преку начинот на кој се распоредуваат на скалите и платформите за седење. Често го прават тоа со грациозност која и тие мора да ја чувствуваат. Со својата кафено-сива еднобојност, опкружувањето на „Сеаграм” е најдобро, особено на дожд, кога некој чадор или два се како дамки боја на вистинските места, како црвените точки на Коро.

Колку се чудни ваквите шеми за Њујорк? Нашата работна хипотеза беше дека однесувањето во другите градови веројатно малку би се разликувало, а подоцнежните споредби ја докажаа нашата хипотеза. Битната варијабла е големината на градот. Како што подетално ќе образложам, во помалите градови, густината е помала, пешаците побавно се движат и има помалку општествена активност карактеристична за областите со многу сообраќај. Според повеќето други параметри, шемите на пешаците се слични.

Набљудувачите во другите земји исто така ја имаат забележано тенденцијата за автонатрупување. Во својата студија на пешаците во Копенхаген, архитектот Јан Гел означил шеми на групирање речиси идентични со оние кои можат да се забележат тука. Метју Чиолек истражуваше еден австралиски трговски центар, со слични резултати.

„Спротивно на ‘здраворазумските очекувања’“, истакнува Чиолек, „излезе дека најголемиот број луѓе ги одбираат своите места за општествена интеракција на или многу блиску до коловозните ленти кои го пресекуваат плоштадот. Релативно малку луѓе се собираат далеку од местата користени за навигација.“ Најголемите сличности се пронајдени помеѓу најголемите градови во светот. Луѓето во нив имаат тенденција да се однесуваат повеќе како нивните пандани од другите светски градови отколку како сонародниците од помалите градови. Како прво, луѓето од големите градови одат побрзо, а и се натрупуваат. Откако ја спроведовме нашата студија за Њујорк, направивме кратка споредбена студија на Токио и откривме дека сколоноста да се застанува и зборува сред влезовите на стоковните куќи, агли полни со луѓе и слично, е исто толку силна во тој град како и во Њујорк. И покрај културните разлики, и шемите на седење во парковите и плоштадите се прилично исти. Исто така, шемите на собирање во Галерија во Милано се неверојатно слични на тие во модниот кварт во Њујорк. Скромен заклучок: со оглед на основните елементи на големите градови, како голем број на пешаци, а и концентрација и мешавина на активности, луѓето на едно место имаат тенденција да се однесуваат како луѓето на друго место.

Кон првото поглавје
Кон второто поглавје
Кон третото поглавје

Слични содржини

Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото