Сузан Сонтаг: двојни стандарди за стареењето на филм

26.10.2013 06:37
Сузан Сонтаг: двојни стандарди за стареењето на филм

Во есејот „The Double Standard of Aging“ напишан во 1972 година, Сузан Сонтаг го нагласува апсурдот на западната култура која на мажите им го дозволува стареењето, а на жените им ја наметнува младоста како единствена опција.

„Големата предност на мажите е фактот дека нашата култура дозволува два стандарди на машка убавина: убавина на момчето и убавина на мажот. Убавината на момчето е слична на убавината на девојчињата. Во двата случаи се работи за кревка убавина која природно цути само во раниот период од животниот циклус. За среќа, мажите можат да бидат прифатени под друг стандард за убавина - потежок, погруб, поцврст.

Еквивалент на вториот стандард за убавина за жените не постои. Единствениот стандард за убавина nа жените диктира дека тие мораат да продолжат да имаат чиста кожа. Секоја брчка, секое седо влакно е пораз“, вели Сонтаг.

Дејствувањето на овој културен императив многу јасно се очитува во филмовите. Резултатите од една студија на магазинот Vulture покажуваат дека во филмовите, романтичните интереси за главните глумци не стареат паралелно со нив во текот на нивната кариера. Така, често на 40-годишниците во филмовите партнерки им се девојки во раните дваесетти.

Кога, пак, во филмот ќе се појават глумци отприлика на иста возраст, важно е од женското лице да се отстранат сите знаци на стареењето. Поради некоја видлива брчка мажите не се сметаат за непривлечни; од друга страна, женските лица мораат да изгледаат толку мазни, што на крајот изгледаат речиси нечовечки.

Извор: thesocietypages.org