Европа: еволуција или еутаназија; пат или крчма крај патот?

29.10.2013 13:53
Европа: еволуција или еутаназија; пат или крчма крај патот?

Иако Европската Унија е единствената реална среднорочна политичка опција за Република Македонија, сепак ќе треба да се чуваме од претераното идеализирање на Европа. Одредена доза на здрава скептичност - ионака повеќе од полезна кога станува збор за културно-политичките прашања - треба да задржиме на нашиот пат кон Европа. Тоа терапевтско одржување на сомнежите не значи дека го минираме европскиот проект; тоа повеќе значи дека се трудиме конструктивно да придонесеме кон тој проект. Се разбира, големи се омаловажувањата од надвор спрема нас; а и мала е нашата самодоверба. Сеедно, мислам дека придонесот на Македонија за комплексната европска приказна може да биде, па макар само во симболичка смисла, мошне значаен.

Македонија е една од многу ретките (можеби „гранични, краински“, сместена на „лимесот“) европски земји каде што реално се прекршуваат влијанија на Западот и Истокот, или, во потесна смисла, влијанијата на христијанството и исламот (во Бугарија или Србија, на пример, насилно се уништени и најмалите траги од скорешното исламско присуство на тие простори; слично како во Шпанија неколку века претходно). Таа тема за преплетот меѓу Истокот и Западот има извонредна важност за градењето на „неискованата европска свест“ и, меѓу другото, и оттаму произлегува важноста на нашиот македонски културен модел (што веднаш значи и политички модел, во време кога и на глобално ниво сè се претвора во култура, а политиката како да ја губи својата смисла).

Водич низ текстов ќе ни биде мошне значајната книга „Европа: помеѓу еволуција и евтаназија“ на влијателниот словенечки теоретичар Томаж Мастнак. Иако Мастнак е познат како убедлив и жесток критичар на европската идеја, многумина го сметаат за еминентно европски мислител, во смисла на преиспитување на идеолошките флоскули и на дневните клишеа што го пропишуваат мислењето онака како што налагаат актуелните политички потреби.

Клучната претпоставка на Мастнак е следнава: Европа, особено во политичка смисла, е нов феномен, стар најмногу околу 500 години, тогаш кога латинските христијани почнуваат да зборуваат за Европа како за најширока заедница кон која тие припаѓале по сопствено убедување. Мошне е проблематично вклучувањето на античка Грција во „европската историја“ или прогласувањето на стара Грција за колепка на Европа или на европската култура односно цивилизација. Според Мастнак, ова е проблематично не само зашто е анахроно, туку пред сè зашто на крајот на краиштата тоа е расистичко. Говорењето за Грција како „извор на европската култура“ се движи во рамките на ариевскиот мит којшто, по Француската револуција, беше конструиран од германските интелектуалци.

Една од фалсификуваните карактеристики на ариевскиот мит е што тој се обидува западната, географско-европска цивилизација да ја отсече од нејзините афро-азиски корени. Втор сомнителен историски маневар на „ариевштината“ токму е конструкцијата на муслиманскиот свет како антитеза на западното христијанство и Европа. Според Мастнак, грчката и римската култура многу тешко можат да се издвојат од нивниот блискоисточен контекст. А историјата на доцната антика само насилно може да се ограничи на потесното средоземно подрачје.

(Интересно е што дури и нејасното потекло на зборот „Европа“ денес меѓу филолозите предизвикува „културолошки“ борби: дали зборот „европа“ потекнува од семитските јазици или од оние кои се изведуваат од грчкиот јазик? Постојат навестувања дека зборот првпат е искован во подрачјето на Тракија и Македонија. Но, постојат навестувања и дека зборот потекнува од Тесалија или Скитија, или дека има келтско или феникиско потекло. Како географско име, зборот „Европа“ првпат се појавува во шести век пред нашата ера, во Хомерската химна на Аполон Питијски и бил употребен да ги опише пределите кои денес се наоѓаат во североистичниот дел на Грција. Тој поим за Европа како дел од Балканот постои, едновремено со името на континентот, сè до Ренесансата. Во времето на доцната Римска Империја Европа била една од провинциите, дел од Тракија. Амијан Марцелин ја нарекувал најоддалечената провинција: „Europa omnium ultima“. Станува збор, приближно, за она делче од Турција кое веќе е во Европа.)

Европа како колективен политички ентитет е ексклузивистичка заедница која настанува врз основа на замислата за чистење на територијата и врз основа на „чистотата на крвта“; врз основа на омраза спрема надворешните народи и надворешниот свет, спрема кој Европа настапувала изразито деструктивно; и не последно, Европа настанува и врз основа на задушување на традиционалните култури на европската територија. Но, клучна сила при формирањето на идејата за Европа е непријателството кон муслиманите. Европската историја не може да се разбере ако се игнорира тој факт.

Го нагласувам сево ова не за да ги негирам таканаречените европски идеали и вредности. Напротив, како што вели Томаж Мастнак, ако сакам сериозно да ги разберам тие вредности морам да ги погледнам во нивниот поширок контекст. Универзализмот на европските идеали има темел во ексклузивизмот. И не е лошо тоа да се знае, особено ако живееш на цртата, на „лимесот“, на чардакот што виси во безвоздушниот простор како волшебниот грав од бајката. Ја нагласувам не толку светлата страна на европската приказна и зашто денес во современа Македонија многумина Македонци трагикомично го избираат истиот „идентитетски модел“ (за жал, толку типично европски): ние Македонците сме ариевци, а Грците се некакви семити или некакво измешано племе!

Но, дали Европа навистина е ослободена од својот деликатно запакуван расизам?! Ние Македонците имаме и дополнителна причина да го проблематизираме скриениот европски расизам кој погаѓа во најосетливото: во елементарното човечко право на идентитет.
Она што го тврди Мастнак, дека Европа е втемелена во омразата спрема муслиманите, е само делче (вистина, многу важно делче) од европските (себе)соочувања околу кои (постојано треба да) се гради веродостојната слика на Унијата. Како што вели Мастнак, омразата на Европјаните спрема муслиманите не може да се одвои од најмногу славените и величани европски идеали на слободата, правото, праведноста, мирот итн. „Сè додека постоењето на антимуслиманските идеи и сентименти се негира, комплексноста на таканаречената европска мисла ќе ни биде недофатлива; ќе бидеме осудени да преџвакуваме баналности, а идеалите на слободата, мирот итн., нема да можеме да ги земеме посериозно...“

Голема скорешна жртва на европското политичко слепило е Босна и Херцеговина. Залудни беа симболичните слетувања на Митеран во Сараево, на добро избран датум, на денот кога Гаврило Принцип го застрела австроунгарскиот престолонаследник (годинава, 2008, Босна одбележува стогодишнина од припојувањето кон Австроунгарија; а Митеран е оној помпезен француски претседател кој сè до самата смрт повторуваше дека „оние што го поддржуваат влегувањето на Турција во ЕУ се противници на Европа“).

Се разбира дека Македонија има голема врска со сето она што ѝ се случуваше и што сè уште ѝ се случува на Босна. Верувам дека и разни Македонци, со различни политички убедувања или од различни вероисповеди, ќе препознаат нешто свое во гневните зборови на Алија Исаковиќ, за европскиот удел во босанската трагедија: „Ние Босанците сме она што би морала да биде Европа, онаа речиси невозможна меѓучовечкост, она што Европа го нарекува интернационално и универзално, она што го означува со зборовите хумано и трпеливо, без оглед што подразбира под тоа. Како такви можеме да бидеме опасен пример, веќе сме таков пример, и такви можеме да ги разбрануваме водите од Ирска преку Бретања и Баскија до Корзика и Трансилванија или Ердељ, и затоа со тоа треба да се расчисти додека е време, како со Кордоба или Гранада пред 500 години, и да се ’хуманизира’ како што се хуманизирапе цивилизацијата на Маите и цивилизацијата на Индијанците.“

Македонија, како и Босна (а двете се невралгични, акупунктурни точки на Европа), е реална, оживотворена измешаност, и тоа токму на, за Европа, најопасните состојки: христијанството и исламот, западот и истокот. Но, што воопшто значат, особено во зората на еден век кој треба да биде поинаков од досегашните, идеите за „мешано“ и „чисто“?! Во еден текст за Сараево, испишувајќи една „пофалба на мешаноста“, Жан Лик Нанси го поставува прашањето дали мешаноста воопшто е можна. Измешаноста претпоставува издвојување на чистите супстанци и процес на настанување на спојот. Чисто е, значи, она што е лишено од односи, што значи од идентитет. „Чистотата е кристална бездна во којашто идентичното, сопственото, автентичното, се струполува во самото себе.“ Чистиот идентитет се врти во круг, не успева да се стопи бидејќи не може да биде идентичен самиот со себе.

Културата на новиот век во голема мера е култура на миксот, на проникнувањето, на интерференцијата... Луѓето сè повеќе се мешаат и се „вкрстуваат“; измешаноста, вели еден од најзначајните современи европски филозофи, секогаш е она што доаѓа, а не е нешто што е. Во крајна линија, измешаноста не постои, како ни чистотата, бидејќи не постојат ниту чисти измешаности ниту недопрена чистота, вели Нанси; „не постои ниту простото измешано ниту простото идентично, секогаш и постојано постои само меѓусебното вплеткување“.

Нанси и Мастнак се само некои од мислителите кои иднината на Европа ја промислуваат многу пошироко од тесните рамки на бирократската ЕУ. Тие веруваат дека најголемата и најзначајната европска доблест е: културната отвореност. Најважните карактеристики на европската култура се постојаното менување и постојаното создавање. Затоа веќе денес, по само 15 години, политичкиот профил на Митеран (во восочниот музеј на мртвите идеи) изгледа како фосил. Тој профил изгледа, просто, неевропски во однос на некоја покомплексна европска иднина која се надоврзува токму на динамичноста, од којашто произлегуваат силата и славата на европската идеја: секогаш да се оди потаму од таму каде што си бил, потаму од она што си бил, потаму од самиот себе.

Ортега и Гасет, големиот шпански пророк на европската идеја во првата половина на 20 век, велеше дека не може да се сети на ниедна цивилизација која згаснала заради сомневањето во себе. Напротив: цивилизациите најчесто умирале заради скаменетоста во својата традиционална вера, како последица на артериосклероза на своите убедувања. Гасет за свој и европски слоган го избира: Mobilis in mobile! И го цитира Гете: „Со сите нас владее променливото битие кое во нас и со нас се менува“.

Сервантес, во веќе поодминати години, беше рекол дека патот е подобар од крчмата. Затоа и мислам дека е подобро Европа да ја разбереме како пат, а не како крчма крај патот.

Слики: The Royal Art Lodge

Утрински весник, 17.11.2008. / 15.12.2008.

 

ОкоБоли главаВицФото