Порнографски вредности

06.11.2013 08:43
Порнографски вредности

Не можеме да зборуваме за порнографијата, а да не ги допреме вредностите кои таа ги пропагира. Ако ги прашаме феминистките како Кетрин МекКинон и Ендри Дворкин - тие вредности се инхерентно мизогини. Значи, нема порнографија без мизогинија. Порнографијата ги замолчува жените, ги експлоатира, им ја одзема моќта - дури и дарбата за говор. МекКинон, на пример, вели дека сексот е земен од жената како што трудот е земен од работникот. По правило, сите текстови кои ја „разоткриваат“ порнографијата како ултимативно зло - секогаш зборуваат за создавање негативни вредности и развивање зависност, кај мажите, секако, бидејќи жените не се и не можат да бидат публика. Текстовите на радикалните феминистки кои ја денунцираат порнографијата лесно би можеле да ги потпишат и десничарите, бидејќи ставовите на едните многу добро се совпаѓаат со ставовите на другите, токму затоа што се исклучително конзервативни и популистички.

Од друга страна, ја имаме премолчената „Дијалектика на сексот“ на Шуламит Фаерстоун - своевиден политички манифест од 1970 година кој повикува на укинување на биолошката репродукција. Поради својот марксистички феминизам, Фаерстоун станува персона нон грата во седумдесеттите, во време кога радикалните феминистки развиваат култ кон Божицата и Мајчинството. Во тие години репродукцијата заедно со мајчинството стануваат место на феминистичка идентификација која медиумите, заедно со академската заедница, позитивно ја вреднуваат. За феминистките кои влијаеја на МекКинон, сексуалноста е место за доминација и подредување, нешто што - како што рече Алис Еколс во критиката на МекКинон и нејзините истомисленици - требаше да ги ослободи жените. Феминистките кои сексуалното ослободување го поврзуваа со ослободувањето на жената и се противеа на цензурата - медиумите потполно ги игнорираа, па феминизмот во еден момент (што се однесува до порнографијата) е сведен на радикалниот феминизам. На таа медиумска експонираност МекКинон го должи својот академски успех. На пример, Речникот на феминистичката теорија од 1989 кој го имам дома (уредничка Меги Хам, Ohio State University Press) под одредницата „порнографија“ ги наведува само антипорнографските извори, не и оние феминистки кои се противеа на цензурата. Значи, феминистичката афирмација на порнографијата стана невидлива, непожелна.

За да разбереме зошто треба афирмативно да зборуваме за порнографијата, односно, за нејзините позитивни вредности, мораме да сфатиме зошто е лошо да се заговара нејзино укинување. Веќе видовме дека хетеросексуалниот секс во радикалната феминистичка мисла има негативна конотација, наспроти мајчинството на кое се гледа благонаклоно (како тоа да е можно без ебење). Меѓутоа, не се само радикалните феминистки тие кои го величаат мајчинството, а ја проколнуваат порнографијата. Католичката црква, заедно со другите верски институции, ги дели уверувањата на радикалните феминистки: дека порнографијата е лоша, а мајчинството, заедно со семејството, темел на секое општество.

Со оглед на проблемите со воведувањето на здравствено образование во хрватските училишта и масовното собирање потписи за референдум кое го организираше иницијативата „Во име на семејството“, порнографијата станува место на отпор. Во вакви околности, колку и да звучи чудно, преферирањето на порнографијата во однос на репродуктивниот секс - е политички информирана одлука и афирмација на секуларното општество. Опсценоста, ако гледаме историски, отсекогаш била на страна на слободното мислење. Во есејот кој го напиша за зборникот Порно студии, Констанс Пенли наведува дека опсценоста од XVI до XIX век функционирала како опозиција на апсолутизмот и црковните догми. Била врзана со ересот, критичкото мислење и науката. Во шеесеттите години на минатиот век, во време кога порно филмовите се хумористични, краткометражни, црно-бели, анонимно продуцирани филмови структурирани како вицови, повеќето од тие антиклерикални дела доаѓаа токму од Франција и другите католички земји.

Од конзервативна, десничарска перспектива, хумористичниот тон на порно филмот можеби е најголем проблем, бидејќи сексот не смее да биде забавен, затоа што е обврска. Таквиот став упатува на фактот дека порнографијата не е никаков втемелувач на патријархатот. Токму спротивното - патријархатот почива на многу построга поделба во која жената нема никакво право на полово уживање и забавен секс. Ако ништо друго, повеќето порно парчиња, дури и оние најконвенционалните, најдосадните - се обидуваат да го прикажат женскиот оргазам, колку и да е одглумен и смешен. Значи, секое институционално бришење на опсценото ја потврдува догмата против која опсценоста се бори. Со оглед на тоа дека нема догма без патријархатот - според мене е логично феминизмот да се смести на страна на порнографијата, особено имајќи предвид дека и самиот феминизам често се прогласува за опсцен.

Впрочем, порнографијата се обиде да ја следи сексуалната и феминистичката револуција: во седумдесеттите години филмовите стануваат продукциски и наратолошки понапредни и наместо исмејување на мажот од 60-те, ги прикажуваат сексуалните одисеи на жената. Меѓутоа, како што пишува Пенли - порно филмовите истовремено стануваа поконзервативни, што само зборува до која мера е субверзивно да се прикаже уживањето и возбудувањето на полово зрелата жена на филм. Во 80-те и 90-те повторно се враќа trashy порнографијата и тоа благодарение на VHS касетите и подобрата дистрибуција на проно парчињата. Аматерите во овој период станаа толку популарни што професионалците почнаа да ги имитираат. Тој тренд е присутен и денес кога порнографијата се шири дигитално и сѐ поголема е заситеноста од општите места на порнографијта која не донесува ништо ново. Но без оглед на сите промени, ставот на радикалните феминистки остана ист, што зборува дека не го разбираат најдобро предметот кој го критикуваат.

За нас кои гледаме порнографија и уживаме во неа, но и размислуваме за тоа што е таа - ставањето на сите порнографски дела во ист кош - е знак дека оној кој го прави тоа не ја следи порнографијата, односно дека не знае за што зборува. Да ја земеме, на пример, идејата на радикалните феминистки дека порнографијата секогаш ја прикажува машката доминација и пропагира замолчување и злоупотреба на жената. Тогаш, што е со femdom и pegging? По што тогаш POV (point-of-view) кадарот во кој ја гледаме целата жена, но само гениталиите и стапалата на мажот кој држи камера и го снима сексот - се разликува од кадарот кој не е субјективна камера?

Во порнографијата има онолку мизогинија колку што има другаде - премногу, но таа не е имплицитна на порнографијата. Порнографијата сама по себе не е мизогина, напротив. Од феминистичка перспектива таа е проблематична само тогаш кога ги презема општествените конвенции и предрасуди кои ѝ штетат на жената. Друга работа е што порнографската индустрија најчесто го прави тоа, заради профит, но друг пат за тоа. Колку повеќе порнографијата се противи на мизогините општествени конвенции - толку е позабавна, толку е подобра. (Затоа не е чудно што луѓето често посегнуваат по аматерски снимки). Впрочем, најконвенционалниот секс е токму репродуктивниот, кој, ако веќе ја слушаме догмата, забранува содомија, истополов и орален секс, значи, сѐ што го става уживањето на прв план, а нема врска со продолжување на родот. Секако, постојат исклучоци. На пример, Јапонија е исклучително патријархална средина и тоа најдобро се гледа по тоа што таму репродуктивниот секс има порнографска вредност пар екселанс. Спермата, лактацијата, бременоста - фигурираат како многу проминентни места на јапонската порнографија. (Друга работа се жанровските конвенции без кои порнографијата не би била тоа што е, конвенции кои, до душа, зависат од општеството и она што во него е забрането.)

Од моја феминистичка перспектива, порнографските вредности воопшто не се проблематични. Содржината која служи за сексуално да ги возбуди луѓето е негативна само ако навистина експлоатира некого без негова дозола или кога работи на тоа да зацврсти различни предрасуди. Сѐ останато би требало да биде дозволено. Порнографијата афирмира различни видови фетиши, ја прави видлива квир заедницата. Нормално дека често прикажува доминација, но со оглед на природата на сексот - тоа по сѐ изгледа е во ред бидејќи оној кој доминира има дозвола да го прави тоа, за разлика од вонпорнографските интеракции во кои оној горе прави што сака без согласност на оние под него. Нормално, би сакала порнографијата секогаш да е плуралистичка, порно индустријата никогаш да не репродуцира клишеа и да не ги зацврстува предрасудите кон жените и нивниот однос кон сексот, но дури и ваквата порнографија каква што ја имаме денес, со сите пропусти и грешки, е далеку од злото за кое конзервативните општествени струи ја прогласуваат. Впрочем, истиот проблем кој ја мачи порнографијата ја мачи и академијата, книжевноста, уметноста воопшто, што не значи дека треба да кренеме раце од нив или да ги забраниме. Треба да работиме на тоа што повеќе да ги направиме свои, а помалку места кои ги контролираат другите.

Извор: asjaba.com
Слики: Мишел Кек

ОкоБоли главаВицФото