Поради загаденоста на воздухот, надлежните апелираат граѓаните да се воздржат од дишење

07.11.2013 15:21
Поради загаденоста на воздухот, надлежните апелираат граѓаните да се воздржат од дишење

Скопје, 7 ноември 2013

По последните загрижувачки податоци за нивото на загаденост на воздухот во Скопје, Тетово, Битола и Кавадарци, од Министерството за животна средина апелираат граѓаните да се воздржат од непотребно дишење.

„Би било идеално граѓаните воопшто да не дишат. Оние пак, кои не можат да издржат, треба да се потрудат да дишат што е можно помалку, само кога е навистина нужно“, велат од Министерството за животна средина.

Од надлежното Министерство изразија надеж дека граѓаните од критично загадените градови, особено Скопјани, наскоро ќе се навикнат на новиот режим на дишење, како и дека ќе станат отпорни на воздухот со ваков квалитет.

„Во тек се преговори со повеќе скопски загадувачи кои за сега нема да ги именуваме, за воведување happy hour за дишење, кога тие треба да престанат со работа околу 60 минути во денот. Имињата на загадувачите ќе ги објавиме откако ќе биде познат исходот од преговорите“, велат од Министерството за животна средина.

Слика: Свирачиња