Маргина #89

08.11.2013 14:25
Маргина #89

Новиот број на Маргина (#89), кој е целосно посветен на 50-годишнината од земјотресот во Скопје, неодамна излезе од печат и може да се најде во скопските книжарници!

Маргина #89 содржи голем број текстови кои претставуваат своевидна хроника на катастрофалниот скопски земјотрес од 1963 година и од повеќе агли ги пренесуваат најважните аспекти на оваа катастрофа.

Покрај текстовите на Александар Матковски, Влада Урошевиќ, Блаже Конески и Славко Јаневски, во овој број на Маргина пренесуваме и избор од колумните на Ѕвездан Георгиевски од рубриката Урбани топоними (кои секој понеделник може да ги читате на Окно).

Исто така, Маргината е прошарана со неколку песни од Блаже Конески, Гане Тодоровски, Славко Јаневски и Влада Урошевиќ, а содржи и голем број фотографии од предизвиканите штети, но и обновата на Скопје по земјотресот, од фотографите: Киро Георгијевски, Благоја Дрнков, Киро Билбиловски, Цветко Ивановски, Славе Касапинов, Едо Ержишник, Кочо Недков, Фото „Нова Македонија“, Никола Бибиќ, Јован Ритопечки, Гого Попов, Александар Минчев, Томо Лазевски, Стева Крагујевиќ, Драго Рендулиќ, Јероним Билаќ, Јурај Копач, Томислав Петернек и Франс Велтерс.

ПРЕГЛЕД НА СОДРЖИНИТЕ НА МАРГИНА #89

Славко Јаневски - Икар на старо Скопје

Александар Матковски - Хроника на земјотресот во Скопје

Влада Урошевиќ - Ноќ над полна месечина над Скопје

Блаже Конески, Славко Јаневски, Влада Урошевиќ - За скопскиот земјотрес

Влада Урошевиќ - Песна за промените

Ѕвездан Георгиевски - Урбани топоними

Блаже Конески - Скопје

Гане Тодоровски - Лирско интервју за Скопје

Во продолжение, погледнете избор од фотографиите од земјотресот и обновата на Скопје и прочитајте ја антологиската песна за Скопје, на Влада Урошевиќ.

Ноќ на полна месечина над Скопје - Влада Урошевиќ

Ова е Вардар, не е Брамапутра!
Што бараат индиски храмови во Скопје?
Измешани птици, мешаници, сцени со уцени!
Ноќта искри како некој нем филм од времето на Манаки
изгребан од безброј прикажувања.
Сè е посипано со сина топла прав
како она лето кога Милош Црњански
го воделе да ја види Старата чаршија.
Јужни плодови, расипани часовници, пердуви од паун!
Никогаш видени поштенски марки врз лисја паднати од чинари!
Шивачки кукли, велосипедски тркала, брави и катинари!
Целиот предел трепери како пеперуга што умира.
Полен од некакви фосфоресцентни цвеќиња
лежи врз тревите, врз праските по дворовите,
врз косите на жените. Олуците светкаат
како делови на штотуку завршена
барокна подморница. Градот е лесно изместен:
кога некој би имал компас
би видел дека тој сега инаку лежи под ѕвездите.
Ништо не е исто. Ружите се од восок.
Локомотивите на станицата се зарастени во бршлен.
Мостовите се од пајажина. Реката ја нема:
тоа е само стуткан станиол што блеска
под допирот на невидливите прсти. Децата
собираат никлени парички
со кои се откупувани невестите
за да не бидат грабнати од богатите Арапи
сопственици на карвани камили
исполнети со струганици. Бегајте од тој хотел!
Во неговите огледала се појавува
последниот турски султан со џебови полни лижавчиња.
Портирите се вештери. Контрабанда
со стари географски карти и вештачки цвеќиња.
Надреализмот не е мртов! Во весниците од почетокот на векот
може да се прочита дека по балканските патишта
се шетаат среде ден коњаници без глава.
Научен симпозиум за тоа допрва претстои.
Во Градскиот аквариум пливаат риби од Јужни Мориња
мали сини китови, џиновски розови медузи,
отровни риби-скорпии. Но Скопје
никогаш немало Градски аквариум,
вика некој. Па што? Месечината инвестира
во нови институции, макар што плаќа
со чекови што по неколку часа се бришат.
Музеј на фигури од театри на сенки,
музеј на самолепливи сликички од детските сликовници,
музеј на еротски разгледници – сè во изградба,
но можни се бесплатни посети
а секој посетител го зема со себе
она што му се допаѓа. На кејот, по малку замислен,
Јордан Хаџи Константинов (она X од Хаџи
му стои како голема црна пеперуга-вратоврска)
им се восхитува на музите облечени
како циркуски акробатки. Философ скопскиј
наш Тредјаковскиј! Неговите две илјади камили
сè уште летаат кон небото. Тука некаде
треба да има дуќан со неверојатно пристапни цени:
грош ока алва! Во Дебар-маало
праматарите нудат зашеќерени лилјаци
и отровни јаболчиња со кои
Снежана би можела да ги отруе сите џуџиња.
Камениот мост не е од камен: тоа е килибар
и стара слонова коска, малку потемнета
од вековите. На него има питачи
што стојат тука уште од времето
на Евлија Челебија. Тие можат да ви раскажат
за прекрасните јадења што патописецот ги измислил
бидејќи бил гладен. Но Баба Локман
бил секако голем маѓосник
штом успеал да создаде со помош на талисмани
извор жива вода среде Чаршијата.
Скршнете лево, па пак уште еднаш лево:
стрелката на ѕидовите покажува правец
во кој исчезнала птицата додо. Низ Вардар
пловат бродови од порцелан и слама.
Поморскиот сообраќај тука отсекогаш одел по подземни патишта.
Ружата на ветровите се наведнува кон југ:
во Солун трае големата распродажба
на сентиментални спомени и на суво грозје.
Седеф, кристали на сол, коцки од оникс!
По скалите што водат кон водата одат сега
несмасни статуи. Свечено украсените автобуси
кружат по малите плоштади. Немојте да се надевате
дека ќе се чека на вас. По портите
алки за чукање во облик на женска рака.
Не смеам да ви речам што тоа значи.
Книги со наполно бели страници
лежат по парковите. Секаде заспани убавици
обвиткани со свила како кокони на свилени бубачки.
Тоа е бесрамно. Тоа е недопустливо. Треба
да се извести градоначалникот и целиот
градски совет. Кој го дозволил рушењето
на античките тврдини и на свечените лекувалишта?
Врз спомениците се навлечени вреќи од брашно.
Говорници облечени во бело
застанати во свечени пози. Несмасноста
станува нов облик на убавото однесување.
Придружете ни се во собирањето
на смешни бели печурки што се растураат
ако не ги берете молчејќи. На покривот
од Гранд хотел има еден хеликоптер
што е целиот од стакло. Тоа е опасно.
Тоа е неразумно. Никој
не смее да влезе во таква авантура.
Клучот го има само една благо насмевната девојка
што е заклучена гола во еден стар орман.
Каде го крие клучот? На нејзиниот чешел
му растат млечни запци. Во празното такси
заборавена е една виолина полна
со зрели сливи. Чесниот наоѓач
не се пријавил. Огласувајте ги за неважечки
своите родители во весниците што ќе ги читаат
вашите внуци. Сè се менува
само грамофони со труба остануваат секогаш модерни.
Со онаа рака на портата треба да се чука трипати,
па пак трипати, лозунг што го овозможува влезот
во самрачните сали, среде витрини во кои останале
само мали етикетички со натписи на латински.
Во еден агол лежи наполу скината
карта на ноќното небо. Алдебаран, ѕвезда
од трет степен привидна големина,
стои над Водно. Саркофази пред Станицата:
Петтата римска легија отпатувала
заборавајќи го багажот. Пожарот во фабриката „Треска”
предизвикан е од Пиколомини. Некогаш имало
и самрачни забави. (За самрачните забави
може најдобро да ви раскаже баба ви!)
Но Евлија Челебија сега продава леблебија.
Библиотеката е постојано отворена
за доцните посетители. Од енциклопедиите се исечени
некои сомнителни илустрации, пред сè
снимките на Месечината. Во прашање е
некоја тајна секта. Старецот од Планината,
тоа е тоа. Скршнете пак лево: птицата додо
заминала натаму. Во една берберница
има аквариум, во аквариумот
лежи заборавена жаба-принцеза.
Колекција на пеперуги од Мадагаскар
најдена е во една продавница за бурек и бели печива.
Слабоста на уживањето во бурекот е неизлечива.
Инструменти со непозната намена, натписи
со неодгатливо писмо, жени со непроѕирни намери.
А птицата додо? Оние што одат по птицата додо
несомнено некаде ќе се препнат во одот.
Даут-пашин амам ги подава кон небото своите дванаесет дојки
како некаква Артемида од Ефес
што легнала да се одмори. Духот на стариот сликар
сè уште лута низ лавиринтот
барајќи една изгубена балетска патика.
Градот има своја порака а архитектите и урбанистите
ништо не разбираат: го растураат слогот
готов за печатење. Аглите на кои стојат продавачите на семки
се вистинските значајни точки. Киното „Култура”
е едно експресионистичко кино. Масони, Евреи,
дервишки секти, алхемичари: сите се борат
за местото лево од Камениот мост, ако гледате
од десниот брег. Не ги даваме
дивите костени! Пајтоните најмногу
прилегаа на лилјаци, само не можеа
да летаат. Да се легне среде Плоштадот е најдобар начин
да се почувствува тркалезноста на Земјата.
Во месечевиот архив на градот
има нацрти и шеми наполно кабалистички.
Кардо и декуманус: врз планот на градот
зацврстена е со игла една пеперуга
која ги менува страните на светот.
Не го знаеме кодот на птицата додо.
Млечно-проѕирни ученички од медицинското училиште,
гимназистки намовнати како штотуку
скинати праски. Тука не набљудуваат.
Одете претпазливо како ништо
да не забележувате. Таа старица
има чадор направен од жабји кожички. Наполно
нематеријален снег. Од Операта, низ прозорците на шминкерните
бегаат љубовниците на примадоната.
Големи кулиси облепени со пердуви
заглавени по малите улички. Забрането
заобиколување: морате да минете
низ тажни огледала, низ влажни огледала, низ лажни
огледала. Во антикварниците
има наполно нови книги: некој оди пред времето
и веќе ги смета за застарени. Тој прстен
што го има на себе женската рака... не,
тоа не смеам да ви го речам. Добро, во ред:
со него е прстенувана последната птица додо
видена во Македонија. Надреализмот не е мртов!
Тоа пишува на еден штотуку варосан ѕид
со црни букви. Украсени со зрна од фајанс
и со плочки од мачешко злато коњите ги влечат
кочиите од проѕирна хартија низ улици
полни рибји глави и мали венецијански гондоли
од пластика. Некој спие внатре. Оној
што ги толкува бајките ќе биде утре убиен
од детските банди. Маалската озборувачка
лета над заспаните куќи како препариран був.
Во фотографските дуќани стојат снимки на некогашните свршеници
заколнати на вечна верност. Вечноста
банкротирала: ситните штедачи нема никогаш
да бидат обесштетени. Но раката твоја и раката моја
сè уште цврсто во љубовта стојат.
Острачите на ножеви немале пристап во јавните бањи.
Наспроти на тоа, изведувачите на панаѓурските вештини
претставувале еден достоинствен еснаф.
Сфаќате? Морам да ви речам
дека во градот постои заговор на картографи и филателисти.
Тие велат дека птицата додо избегала од бродот.
Но од кој брод? Не, не, не сум кажал ништо.
Во секој случај, сè оди кон тоа да нè натера да мислиме
дека постои една поштенска марка што е наменета
само за тајни писма.
Сепак, пишувајте ми на адреса: Скопје,
град во кој Месечината
смета за своја должност
да ги измеша картите
на можното и на невозможното.

Слични содржини

Општество / Фотографија / Скопје 1963-2013 / Историја
Скопје 1963-2013 / Книжевност
Скопје 1963-2013 / Книжевност
Скопје 1963-2013 / Книжевност
Скопје 1963-2013 / Книжевност
Општество / Книжевност / Историја

ОкоБоли главаВицФото