За Луди Милојко, кумот, сваќите, јатрвите и мегафоните

12.11.2013 08:24
За Луди Милојко, кумот, сваќите, јатрвите и мегафоните

Ако има нешто весело во секојдневните тажни и страшни приказни на апсурдот од полициско-судски маштаб, тоа е „креативноста“ на „кумот“ на МВР. „Змиско Око“, „Претседавач“, „Монструм“, „Пајажина“, „Ликвидација“... Којзнае колкав труд и талент треба за да се достигне ова високо ниво на креативност, каква што ја има „кумот“, на кого, сепак, мора да му се признае дека одлично го познава својот народец, кој со кубурот во појас е секогаш спремен да се посмее на својата мака, а уште повеќе на маката на другиот, и ужива кога некој прави циркус – од него, од себе, од човечки судбини, од институциите и целото општество.

Елем, еден од последните „изуми“ на креативниот ум на полицискиот кум е „аферата Шпион“, и нејзиниот шлагворт, коуд-нејмот „Луди Милојко“. Ова име, кое говори доволно само за себе, се користи за да се именува еден човек од медиумите, кој беше уапсен деновиве во Србија по меѓународна потерница што МВР ја распиша по него. Во последниве неколку години, освен по контроверзните написи околу Тоше Проески, овој човек беше актуелен и поради тоа што неговиот портал објавува еден куп информации кои покренуваат сериозни сомневања за сериозни криминали на луѓе од највисоките ешалони на оваа власт. Велам човек од медиумите, а не новинар, не толку поради моите лични резерви кон ликот и делото на Зоран Божиновски. Ете, да речеме, дека сум почнал да ѝ верувам на полицијата и кумот, на медиумските сваќи, јатрви и мегафони, кои долго време бијат јавна битка со еден, нели, луд Милојко. Да речеме дека сум почнал да му верувам на нашиот медиумски Африм и неговата антикомуњарска мегафонска чета од Ленинова, кога велат дека Божиновски е навистина „луди Милојко“, дека е циркус, дека не е за верување. Дека се во право кога го озборуваат, оцрнуваат, се мачат и пењават околу него, иако такви величини, нели, би требало да имаат попаметна работа од тоа да се занимаваат со една будала. Дека им верувам на оние кои имаат пристап до доверливи полициски и судски информации, кои пред време знаат кој и за што ќе се апси, добиваат детали од истрагите и ги објавуваат, за разлика од останатиот дел од јавноста, која јавно беше предупредена, да не речам заплашена, да биде внимателна што објавува и дискутира за овој случај, поради неговата доверлива природа, нели.

На пример, од тоа што го слушнавме од тие што апсат и обвинуваат, „Луди Милојко“ е дел од група која се занимавала со шпионажа и уцена. Исто така, слушнавме дека државни тајни биле продавани на други држави. Си ги анализирам овие информации, и ми доаѓаат еден куп логични прашања: која е таа држава која купува доверливи информации од луд човек? Кој е тој човек кој се плаши од уцената на некој лудак - дека ќе го зборува и оцрнува по медиуми? Кој е тој човек кој воопшто ќе влезе во ваква сериозна криминална и шпионска шема со еден лудак? Ако е Милојко лудиот, тогаш овие кои работеле со него, државата што тоа го дозволила, и сите оние што сега бијат битка со Божиновски, биле збунетиот. А се знае што му прави лудиот на збунетиот.

Или е така, или полицијата, сосе кумот, сваќите, јатрвите и мегафоните, се прават луди. Можеби збунетиот е самиот „луди Милојко“, за кого допрва претстои голгота. Но, јас сѐ повеќе се плашам дека збунетиот сме сите ние, новинарите и јавноста, кои преку овој коуд-нејм и јавната харанга што се тера за оваа афера, се „упатени“ да „направат разлика“, и да ја заменат одбраната на принципите на слободата на медиумите со јалова дебата за карактерни особини, сериозност и доверливост. Оти, нели, едно е да се бориш за слобода на Кежо, друго е да се бориш за слобода на „Луди Милојко“. Секако, сосема трето е да се бориш за слобода за Бобо „Без Пардон“, кој, да потсетиме, исто вршеше медиумска работа, тераше некакви портали, но не беше по притвори и затвори за тоа што го објавува, туку за други работи, како и Африм, т.е „ди ориџинал луди Милојко“, на времето.

Дали оние што се прават луди ќе нѐ збунат, зависи од одговорот на прашањето: дали „Луди Милојко“ се апси и суди поради тоа што на туѓи држави, служби итн. им продавал наши државни тајни, и уценувал луѓе со информации што ги имал за нив, или пак се апси поради тоа што го објавува јавно, поради криминалите и злоупотребите на оваа власт што се откриваат во неговите написи? Ако е првото, а „луди Милојко“ биде поблиску до „профилот“ на Бобо и Африм, никој нема да се буни. Но, ако испадне дека е ова второто, новинарите и јавноста мора да застанат во одбрана на Зоран Божиновски, без оглед на симпатиите или антипатиите кон начинот на кој што тој го практикува новинарството, без оглед на тоа дали она што го работи Божиновски го сметаме воопшто за новинарство.

Во спротивно, да не се сомневаме дека овие што се прават луди ќе знаат и тоа како да ја искористат нашата збунетост. А се знае како.

Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња