Помали градови и места

13.11.2013 11:43
Помали градови и места

Дали факторите кои придонесуваат еден плоштад или мал простор да биде успешен во еден град функционираат и во друг? Генерално, одговорот е да – со една клучна варијабла на која треба да се внимава. Се работи за имање мерка, и особено е важно за помалите градови. Од повеќе причини, за нив е потешко да создадат активни места отколку за еден голем град.

Во центрите на големите градови има многу луѓе. Оваа густина прави проблеми, но обезбедува голема понуда на потенцијални корисници на отворените простори во повеќето делови на централните подрачја. Онаму каде 3.000 луѓе на час поминуваат низ едно место, можат да се направат многу грешки при проектирањето, а местото сепак може да излезе добро искористено.

Помалите градови не се толку збиени. Навистина, некои имаат среќа и имаат компактен, добро дефиниран центар, со убави стари згради како поткрепа. Но има и многу други кои се имаат разлабавено; ги урнале и не ги замениле старите згради, оставајќи голем дел од просторот отворен. Паркинзите и гаражите стануваат доминантни во однос на тоа за што се употребува земјиштето, и често опфаќаат повеќе од 50 отсто од центарот. Ова важи и за некои големи градови, како на пример Хјустон. Хјустон има некои добри елементи во својот центар, но тие се толку прошарани со паркинзи што баш и не се поврзуваат меѓу себе многу добро.

Многу градови ги имаат распространето своите центри, сместувајќи нови „центарски” објекти надвор од центарот, или само доволно далеку, така што едниот елемент нема да го поткрепува другиот. Растојанијата не мора да бидат големи. Ако морате да влезете в кола и да возите, некое место кое е оддалечено шест блока може всушност да биде и на една милја или повеќе. Токму ваков проблем постои во повеќе градови. Краун центарот во Канзас Сити, на пример, е на само 11 блока од центарот на градот, но обата центра сепак остануваат помалку или повеќе неповрзани.

Градовите со густина на населението од 100.000 – 200.000 жители не се само смалени верзии на поголемите градови. Компаративно, центрите на овие помали градови опфаќаат повеќе простор отколку центрите на поголемите градови. Честопати нивните улици се пошироки, а густината на пешаците многу помала, со помалку луѓе на кој било даден дел од центарот. Добар индекс се бројките на тротоарите. Ако бројот на минувачи е под стапка од 1.000 на час околу пладне, тогаш градот би можел слободно да ја поплочи улицата со злато, па пак нема да има никаква разлика. Нешто фундаментално недостасува – луѓе. Повеќе продавници, повеќе канцеларии, повеќе причини за постоење е она што центарот мора да го има.

Некои градови се имаат обидено да ги заживеат своите центри со тоа што ќе забранат автомобили на главната улица и ќе ја претворат во пешачки трговски центар. Некои од овие трговски центри функционираат добро. Некои не. Освен тоа, проблемот е во распространетоста. Трговските центри можат да бидат преголеми за бројот на луѓе и активности. Ова изгледа особено важи за помалите градови – кои најчесто ги имаат најголемите трговски центри.

Она што ваквите градови треба да го направат е да се збијат, да се соберат. Како прво, многу од нив имаа мала густина; во некои од нив, повеќето згради имаат само два или три ката. Луѓето и активностите се протегаат на повеќе блокови во центарот на градот, а би можеле да бидат соединети кога би биле збиени во два или три. Тажно е да се гледаат ваквите места. Толку надежи, толку добри намери, толку фонтани и забавни скулптури се вложени во нив. А сепак се речиси празни.

Помалите градови се исто така чувствителни на конкуренцијата од приградските шопинг центри, особено од оние огромните и централизирани кои се протегаат до крстосниците. Приградските центри на кои им оди добро се поурбани од градовите кои се обидуваат да ги победат во однос на употребата на просторот. Точно е дека тие се опкружени со огромна површина паркинг простор, од кој голем дел и никогаш не се користи, освен во фреквентни денови. Сепак, за разлика од претходните генерации линеарни шопинг центри, новите се доста концентрирани, сè е на едно место. Не морате да возите на едно место за едно, на друго место за друго. Влегувате во затворен пешачки систем кој е всушност огромна машина за обработка на потрошувачи.

Модел на центар на град? Некои градови денес така размислуваат. За да го победат предградието користејќи го неговото оружје, ги повикуваат инвеститорите да градат шопинг центри во центарот на градот. Инвеститорите одговараат со копии на моделите од нивните предградија, со многу мала адаптација: бетонски кутии, опремени за луѓето да се довезат до нив, и имаат мала поврзаност со тротоарите или околните згради во градот. Овие мини-мегаобјекти можат да бидат ефикасно место за изложување среднокласни производи; во предградието, претставуваат и некаков вид општествен центар. Но не се за во центарот на градот. Тие се антитеза на она каков треба да биде центарот.

На градовите им оди најдобро кога ги засилуваат нивните уникатни силни страни. Во Сејлем, Орегон, на пример, едно време се мислеше дека последната и најдобра надеж би бил шопинг комплекс како оние во предградието, заедно со еден или два моста помеѓу објектите заради помпезност. Но некако не личеше на Сејлем. Градот се одлучи за спротивен пристап. Ги пополнува празнините со згради до последното место, става стаклени сводови на тротоарите, уличките ги претвора во патеки за шопинг, ги поврзува силните страни со местата за пешаци и за седење. Една стара опера беше претворена во комплекс продавници со позитивни резултати, а исто така, можно е да се рециклираат и други градби. Накратко, Сејлем започна со план кој работи на карактерот на градот.

Значајно е што градовите на кои им оди најдобро според нивните центри се оние на кои најдобро им оди во историска конзервација и повторна употреба. Старите добри згради се корисни поради нив самите, но постои и поголема придобивка. Со нив се обезбедува дисциплина. Архитектите и урбанистите сакаат кога се почнува од нула. Сепак, најчесто го сработуваат најдоброто кога не е така. Кога мораат да работат со невозможни меѓи и ситници во просторот, со старите и мили грдотии, бесмислени распореди на улиците, и други слични пречки, тие обично ги создаваат своите најдобри нови проекти – а и најпријатните.

Кон првото поглавје
Кон второто поглавје
Кон третото поглавје
Кон четвртото поглавје
Кон петтото поглавје

Слични содржини

Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори / Став
Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото