Заклучок на Одборот за комунални работи на Сојузното собрание

14.11.2013 10:26
Заклучок на Одборот за комунални работи на Сојузното собрание

При разгледувањето на првите резултати од истражувањето за последиците од земјотресот врз градежните објекти во Скопје, заклучено е дека не биле преземени организирани мерки за постигнување повисока безбедност на изградените објекти, иако подрачјето на нашата земја е трусно. Резултатите од истражувањето во Скопје покажуваат дека во изградбата имало субјективни пропусти и недостатоци, особено во однос на недоследното применување на техничките норми и прописи.

Ова е многу значајна информација и, заедно со искуството на странските земји, треба да се користи за зголемување на градежната безбедност. Исто така, изнесено е мислење дека поголем степен на сигурност може да се постигне и без вложување дополнителни средства за отстранување на субјективните слабости. Прашањето за примена на поголеми безбедносни мерки би требало да се покрене на поширок план (медиуми и друго). Особено е значајно почитувањето на стандардите при производство на градежен материјал.

Одборот се согласи со ставовите и предложените мерки во информацијата и заклучи:

1. Дека е потребно да се подготват и донесат прописи со кои ќе се регулира градењето во трусните области.

2. Дека резултатите од истражувањето за последиците од земјотресот врз градежните објекти во Скопје и ставовите на Одборот, треба да се достават до органите и организациите заради преземање што поефикасни мерки врз основа на овие искуства, како и заради доследна примена на постојните прописи кои не се надминати со развојот на техниката, а кои се однесуваат на целата наша територија.

3. Бидејќи е констатирано дека не се доследно применувани основните прописи и норми за градење објекти во Скопје, а веројатно такви осетливи појави има и во другите краишта, Одборот смета дека треба да се преземат мерки за доследна примена на постојните прописи, кои не се надминати со техниката на градење, не само на трусните туку и на сите останати подрачја.

4. Одборот смета дека е потребно да се продолжи со интензивните проучувања и систематизирање на искуствата од досегашната изградба на трусни подрачја за да може да се искористат во подготовка на прописи за изградба на овие подрачја, а и заради непосредна примена од страна на работните организации кои учествуваат во изградбата.


Во дискусијата учествуваа Антун Павлиниќ, Тахир Чамуран, Јосип Ловреновиќ, Катарина Митиќ и Хасан Шиљак.

Во духот на заклучоците на Одборот за комунални прашања на Сојузното собрание од 26.12.1963 год., во точка 5 се дава следната

ИНФОРМАЦИЈА

За првите резултати од истражувањето за последиците од земјотресот врз градежните објекти во Скопје

Земјотресот од 26 јули 1963 год. во Скопје се смета за една од најголемите катастрофи кои ѝ се случиле на нашата земја. Фактот што се случи во густо населен град со голем број најразлични градежни објекти, изградени во различни временски периоди, од најразличен материјал, под различни околности, дава можност да се проучи однесувањето на овие објекти под влијание на земјотрес.

Во оваа катастрофа животот го загубија 1.070 луѓе, полесно или потешко се повредени околу 3.300 луѓе, урнати се или мораат да се урнат повеќе од 9.000 објекти, а во најразличен степен се оштетени повеќе од 10.200 објекти, што јасно го илустрира обемот и тежината на последиците и го одредува значењето на ова прашање.

Од собраните податоци јасно може да се види дека се разурнати 8,5%, мора да се урнат уште 33,6%, потешко се оштетени 36,3%, а полесно 19% од вкупниот станбен фонд. Односно, како неоштетени остануваат само 2,6% од становите.

Веќе првите, прелиминарни прегледи на разурнатите и оштетените објекти на високоградбите, извршени од страна на нашите институти, домашните и странските стручњаци, укажуваат на извесни субјективни слабости и недостатоци кај голем дел од објектите. Тоа секако придонело последиците од земјотресот да бидат потешки отколку во случај кога градежниот фонд на градот Скопје би бил граден со прецизна примена на принципите и нормите на градежната техника.

Последните 30-40 год. значително е усовршена науката и техниката за градење на трусни подрачја и денес сѐ почесто се применуваат искуствата стекнати со градење на трусно загрозени терени. Поаѓајќи од овие факти, Сојузниот секретаријат за индустрија и градежништво презема мерки за организирано прибирање и средување на податоците за однесувањето на сите видови објекти од високоградбата.

Сојузот на југословенските лаборатории, уште во ноември 1963 год. собрал и обработил податоци за околу 250 објекти и му доставил прелиминарен извештај на Сојузниот секретаријат со кој, помеѓу другото, се потврдуваат претпоставките дека и на трусно загрозени подрачја може да се изградат сигурни објекти, а притоа да се запазат рамките на економско оправдани градежни трошоци.

Причини кои довеле до потешки последици, а имаат субјективна природа:

1. При проектирањето не е водено сметка за градењето објекти на трусно загрозени терени, не се земани предвид податоците за сеизмичките карактеристики на земјиштето. За ова не се водело сметка ниту при изработката на Генералниот урбанистички план на Скопје ниту при утврдувањето на габаритот на објектите, ниту при избирањето конструктивни системи, соодветни материјали, начин на фундирање, како и за другите карактеристики поврзани со градење на трусни подрачја. Констатирано е дека во голем број случаи, проектантите претерано го намалувале коефициентот на сигурност на проектираните објекти, иако формално тоа било во толерантни рамки на постојните технички прописи. Така, особено во последно време, драстично се намалувала дебелината на ѕидовите, се штедело на арматура, што заедно со слабиот квалитет на локалниот градежен материјал и несолидната изведба, значително ја намалило општата стабилност на новите градби.

Како причина за ова се наведува запоставеното проектирање објекти на трусни подрачја што треба да претставува посебна дисциплина во факултетското образование, како и недостатокот на специфични технички норми и прописи за градење на трусно загрозени подрачја. Заради сето ова, поголемиот дел од техничкиот и инженерскиот кадар не бил доволно запознаен со специфичните услови при проектирањето на објектите кои многу подобро би се спротивставиле на дејството на земјотресот.

2. Кај некои објекти, дури и кога е водено сметка за влијанието на сеизмичките сили, применувани се важечките југословенски технички прописи, донесени уште во 1948 год., кои сеизмичките влијанија ги третираат на застарен и надминат начин (во однос на современите прописи на другите земји кои се однесуваат на оваа област).

3. Поголема штета и катастрофални рушења настанале поради употреба на многу неквалитетни градежни материјали. Употребениот градежен материјал е од локални извори и неговиот квалитет, во најголем број случаи, бил под вообичаените стандарди за ваков тип материјал и без соодветни технички својства.


Истражувањата во Заводот на испитување на материјалите во Скопје, во период од 1954 год. до земјотресот, покажуваат дека резултатите перманентно биле незадоволителни. Така, од 100 испитувани случаи за квалитетот на бетон, недоволна јакост покажале 19 до 34 случаи. Ситуацијата со циглите е уште подраматична: 33% од испитуваните цигли биле под минималните барања за јакост на материјалот, додека кај циглите со подобар квалитет, овој процент изнесува дури 87%.

Квалитетот и цврстината на некои малтери, како и на нивните составни делови, воопшто не се испитувани ниту проверувани во текот на градењето. Врз основа на досегашните испитувања и теренските наоди, квалитетот на малтерот во целина е многу лош, а особено кај објектите градени од цигла. Во најголем дел тоа се причините кои довеле до рушење или големи оштетувања на ваквите објекти.

Овој факт го потврдуваат и јапонските стручњаци и според нивниот извештај: „Општо земено, зградите од овој тип (се мисли на ѕиданите објекти) претрпеле силни оштетувања од земјотресот. Таквите оштетувања се последица на лошиот квалитет на малтерот без цемент, поради лошото ѕидање и поради недоволната јакост на самите цигли.“ А, според директорот на Меѓународното здружение за трусна техника, N. N. Ambrasey, битно е да се подобри и локалниот градежен материјал и методите на градење трајни станбени објекти. Потребно е примена на поквалитетни цигли, малтер и подобра работна сила. Тоа би се постигнало со образование, како и со воведување контрола за квалитет и квантитет на градежниот материјал. Потребни се подобри методи за добивање погоден чист и правилно гранулиран песок/чакал. Треба да се усоврши и начинот на подготвување на бетон. Квалитетот на песок кој се вади од Вардар, не е ни блиску до потребниот квалитет погоден за подготвување бетон.

4. Кај многу објекти се регистрирани недостатоци при самото градење.

Така, кај најголем дел подрачни згради несолидно е и нестручно изграден потпорниот систем. Кај масивните објекти, ѕидањето со цигли било, исто така, несолидно поради слабото пополнување на споевите со малтер, нерамните и коси ѕидни површини, неизнивелирани спојници, нестручно и несолидно изведените врски и зајакнување меѓу ѕидовите. Нестандардните димензии на циглите, како и недоволното квасење при вградувањето, довело до употреба на многу голем број парчиња и слабеење на вкупната јакост и монолитност на ѕидните површини.

Цврстите малтери при градењето биле заменувани со малтери од вар и малтери со слаба цврстина што дополнително ја намалило стабилноста на објектите.

Армирањето на серклажите во новите објекти било премногу слабо, а кај некои воопшто немало арматура или имало недоволно преклопување на арматурите на местата каде се вкрстуваат носечките ѕидови.

Во бетонските ѕидови и конструктивните елементи на многу објекти, забележани се бројни шуплини, таканаречени „бетонски гнезда“, како и несолидно изведени спојки, кои биле слаби места во конструкцијата.

Со цел да се „заштеди“ на бетонскиот челик, доста често во столбовите биле употребувани помали од нормално профилираните челични профили, а и останатата арматура не била секогаш конструктивно поставувана според техничките прописи.

5. Дури и при ревизијата на Проектот, работите не биле докрај завршени, а во извесен број случаи, каде не биле почитувани принципите на техничката регулатива, биле одобрувани за градба дури и проектите кои не ги земале предвид условите за градење на трусни подрачја.

6. И Службата за инвестициско градежна контрола во Скопје, со исклучок на градежната служба на ЈНА, не била на потребното ниво, зашто и во дадените услови би морала, и би можела, со поригорозни мерки да ги спречи сериозните грешки во изведбата и во вградувањето материјали со незадоволителен квалитет.

7. Ниту работата на органите на градежната инспекција не била доволно ефикасна, особено во спречувањето на производство и вградување на неквалитетни материјали и незадоволителниот квалитет на изведбата.

8. При техничкиот прием на објектите, работата на комисијата се сведувала на визуелна проценка на состојбата на изградениот објект и споредување на она што е изградено со тоа што било предвидено со проектот, а не се обрнувало многу внимание на проверката на документацијата за квалитетот на вградениот материјал, како и на континуитетот на солиден и стручен надзор при градежните работи.

Според јапонските стручњаци: „Сеизмичките прописи во секоја земја треба да се базираат на принципите на асеизмичко проектирање кое опфаќа многу ставки: разгледување на штетите кои се последица од земјотресите во минатото, локалните (геофизички, геолошки, технички, економски) услови итн.“, и во таа смисла даваат сугестии за дополнување на словенечките, односно во овој случај, македонските прописи за асеизмичко градење.

Во врска со донесувањето прописи за асеизмичко градење, N.N. Ambrasey буквално вели: „Потребно е да се изработат посебни прописи за Македонија, а за да се направи тоа, претходно треба да се испита зошто земјотресот предизвикал толку голема штета и што било толку ризично во градежниот метод применуван во Скопје... Скопје нема правилник за градење. Нема никаква смисла да се наметнуваат специјални прописи за проектирање згради отпорни на земјотрес, додека не се обезбеди соодветен градежен материјал, соодветни нормативи и контрола на нивното спроведување во пракса.“

Претходно изнесените факти и податоци укажуваат на следното:

1. Земјотресот во Скопје покажа дека кај нас е запоставено трусното градежништво, дека биле запоставени сите мерки кои обезбедуваат солидна заштита на човечките животи и материјалните добра од разорното дејство на земјотресот и покрај тоа што Југославија, поради својата географска положба, претставува една од позагрозените земји.

2. Дека првите, иако во оваа фаза непотполни, оценки за нашето градење на трусно земјиште, покажаа низа субјективни слабости кои последиците од земјотресот ги направиле значително поголеми и потешки, отколку кога воочените слабости би биле навреме отстранувани.

3. Потребно е надлежните органи, во границите на своите овластувања, итно да ги преземат сите мерки кои ќе придонесат потполно да се елиминираат или, до најмала можна мерка, да се ублажат последиците од дејството на земјотресот.

Досегашната работа на истражувањата на последиците од земјотресот во Скопје и неопходноста од нивното воопштување на целокупната наша територија, доведува до следните заклучоци:

1. Акцијата за сестрано истражување за последиците од земјотресот во Скопје, со цел од тоа да се извлечат воопштени искуства за унапредување на нашето градежништво, а посебно градежништвото на трусните подрачја, се смета за неопходна и значајна.

2. Потребно е сите надлежни органи да се обврзат дека, врз основа на резултатите од истражувањето, ги преземаат и применуваат сите неопходни мерки за отстранување на субјективните слабости, како во прописите така и во работата на управните органи и градежните организации.

3. Организациите, училиштата, факултетите, вклучени во образованието и усовршувањето на стручно-техничкиот кадар во градежништвото, во своите наставни програми би требало да ги внесат потребните дополнувања кои се однесуваат на трусното градење.

4. Техничките инспекции, а особено градежната инспекција и другите надзорни органи, треба да ја засилат контролата над квалитетното проектирање, производството на градежен материјал и изведувањето градежните работи заради општо подобрување на квалитетот на изградените објекти.

5. Општествените организации од сите области кои учествуваат во изградба на објекти би требало да им помогнат на нашите стручњаци да се запознаат со градежните искуства врз основа на истражувањето на последиците од земјотресот во Скопје, за да се постигне што поширок интерес за принципите на асеизмичко градење на трусни подрачја.

6. Сојузниот секретаријат за индустрија, како орган надлежен за донесување технички прописи врз основа на искуствата од скопскиот земјотрес, како и на туѓите искуства, би требало да донесе привремени технички прописи за проектирање и градење на трусни подрачја, како и да ги ревидира сите други технички прописи кои се однесуваат на изградба на објекти на такви земјишта. По завршувањето на сите подготвителни и истражувачки работи, т.е. до половина на 1965 година, Секретаријатот треба да подготви нацрт-закон и други трајни прописи за градење на трусни подрачја.

Извор: Čovjek i prostor, Savez arhitekata Hrvatske, Zagreb
август, 1964

ОкоБоли главаВицФото