Преписката на Жижек и Толоконикова

18.11.2013 17:09
Преписката на Жижек и Толоконикова

2 јануари 2013

Драга Надежда,

Се надевам дека си во можност да го организираш својот живот во затвор околу малите ритуали кои го прават поднослив, и дека имаш време за читање. Ти ги испраќам моите размислувања за неволјата која те снајде.

Американскиот политички есеист Џон Џеј Чепмен во 1900 година вака пишувал за радикалите: „Тие всушност секогаш го повторуваат едното исто. Не се менуваат за разлика од сите останати. Ги обвинуваат за невозможни престапи, егоизам и глад за моќ, рамнодушност кон исходот од својата борба, за фанатизам, тривијалност, недостиг на хумор, правење гримаси и непочитување. Но тие сепак го даваат основниот тон. Оттука, практичната моќ на радикалите е голема. На прв поглед никој не ги слуша, па сепак сите им веруваат. Тие држат звучна вилушка и ја интонираат нотата А и сите знаат дека тоа е нотата А, иако традиционалниот звук е Г мол.“ Зарем ова не е добар опис и за дејството кое го имаа перформансите на Pussy Riot? Наспроти сите обвинувања, го дадовте основниот тон. Можеби изгледа дека луѓето не ве слушаат, но потајно ви веруваат, знаат дека ја кажувате вистината или попрво, дека ја застапувате вистината.

Но, што е таа вистина? Зошто реакциите на настапите на Pussy Riot беа толку насилни, не само во Русија? Сите срца чукаа со вас сѐ додека им личевте на уште една верзија на либерално-демократски протест против авторитарната држава. Во оној миг кога стана јасно дека се противите на глобалниот капитализам, извештаите за Pussy Riot повеќе не беа толку недвосмислени. Pussy Riot го вознемири либералниот поглед на светот, бидејќи го направивте видлив скриениот континуитет меѓу сталинизмот и современиот глобален капитализам.

[Жижек потоа го разгледува она што го смета за глобален тренд на ограничување на демократијата.] Од финансиската криза во 2008 година во западните земји расте недовербата во демократијата, порано ограничена на земјите од третиот свет и посткомунистичките економии во развој. Но, што ако оваа недоверба е оправдана? Што ако само експертите можат да нѐ спасат?

Но, кризата докажа дека токму експертите немаат поим што прават, а не граѓаните. Во западна Европа гледаме дека владејачките елити сѐ помалку знаат како да владеат. Види што прави Европа со Грција.

Тогаш, не е чудно што Pussy Riot прави да се чувствуваме непријатно - вие многу добро знаете што не знаете и не се преправате дека имате брзи и лесни одговори, но ни зборувате дека не знаат ниту тие кои ја имаат власта. Вашата порака е дека во денешна Европа слепите водат слепи. Затоа е важно да останете упорни. Кога го видел Наполеон како јава низ Јена непосредно пред славната победа, Хегел запишал дека тоа изгледало како на коњ да јава Светскиот дух; вие не сте ништо помалку критичка свест за сите нас, во затвор.

Другарски поздрав, Славој

23 февруари 2013


Драг Славој,

Еднаш, во есента 2012, додека уште бев во притвор во Москва со другите активистки од Pussy Riot, те посетив. Во сон, се разбира.

Ги разбирам твоите аргументи за коњот, Светскиот дух, правењето гримаси и навредувањето, како и зошто и како сите тие елементи се поврзани едни со други.

Навистина се испостави дека Pussy Riot е дел од таа сила која наоѓа смисла во креативноста и соработката, експериментирањето и постојаните провокации. Да се послужам со описот на Ниче, ние сме деца на Дионис, пловиме во винско буре и не признаваме никаков авторитет.

Дел сме од таа сила која не поседува конечни одговори ниту апсолутни вистини, бидејќи нашата мисија е да поставуваме прашања. Во светот постојат архитекти на аполонската статика и (панк) пејачи на динамиката и трансформациите. Едните не се подобри од другите. Само заедно можеме да овозможиме светот да дејствува онака како што Хераклит го опишал тоа: Овој свет отсекогаш трае во ритамот на огнот, кој со мерка се пали и со мерка се гаси. Така дише овој вечен свет.

Ние сме бунтовници кои бараат бура и веруваат дека вистината може да се најде само во постојана пограга. Ако „Светскиот дух“ те допре, не очекувај дека ќе биде безболно.

Лори Андерсон пееше: Само експерт може да го реши проблемот. Би било убаво кога Лори и јас би можеле да ги ставиме тие експерти на нивното место и да бидеме слободни сами да се занимаваме со своите проблеми. Бидејќи статусот на експерт на ниту еден начин не отвора пристап во кралството на апсолутната вистина.

Две години затвор за Pussy Riot е нашата посвета на судбината која ни даде остар слух и ни овозможи да го дадеме тонот А кога сите останати се навикнати да слушаат Г мол.

Во вистинскиот момент, секогаш ќе се случи чудо во животот на оние кои детинесто веруваат во победа на вистината над лагите, во триумфот на заемната помош и оние кои живеат во согласност со економијата на дарување.

Надја


4 април 2013


Драга Надежда,

Твоето писмо стигна како многу пријатно изненадување - застојот ме загрижи, во смисла дека властите би можеле да ја оневозможат нашата преписка. Длабоко сум почестен, дури и поласкан од моето присуство во твојот сон.

Во право си кога ја доведуваш во прашање идејата дека „експертите“ блиски до моќта се способни да одлучуваат. Експертите по дефиниција се слуги на моќните: тие всушност не размислуваат туку само ги применуваат своите знаења на проблемите кои ги поставуваат оние на власт (како да се врати стабилноста? како да се задушат протестите?) Значи, дали современите капиталисти, таканаречените финансиски волшебници, навистина се експерти? Или се само глупави доенчиња кои си играат со нашите пари и нашата судбина? Се сеќавам на суровата шега од филмот на Ернест Лубич „Да се биде или не“. Кога го прашале за германските концентрациони логори во Полска, нацистичкиот офицер брзо се досетил: „Ние работиме на концентрацијата, а Полјаците на логорувањето“. Зарем не може да се каже истото за банкротот на Енрон од 2002 година: Сигурно е дека илјадници работници кои тогаш останаа без работа се изложија на ризик, но никогаш немаа вистински избор - за нив ризикот беше како слепата судбина. Но оние кои имале увид во ризиците и можност да интервенираат (менаџерите од врвот), ги намалиле своите ризици така што ги претвориле во пари своите акции пред банкротот. Значи, вистина е дека живееме во општество на ризични избори; само што некои луѓе (менаџерите) бираат додека другите (обичниот свет) ризикуваат.

Мислам дека вистинската задача на радикалнте еманципаторски движења не е само да ги протресуваат работите од самодоволната инерција, туку да ги променат самите координати на општествената стварност, така што еднаш, кога работите ќе се вратат во нормала, ќе се овозможи нова, подобра „аполонска статика“. И што е уште поважно, како современиот глобален капитализам се вклопува во оваа шема?

Делезијанскиот филозоф Брајан Масуми вели дека капитализмот ја надминал логиката на тотализирачката нормалност и ја усвоил логиката на случаен ексцес: „Колку поразновидно, дури и случајно, толку подобро. Нормалноста ја губи потпирната точка. Правилностите стануваат лабави. Тоа попуштање е дел од динамиката на капитализмот“.

Но, чувствувам вина додека го пишувам ова: кој сум јас да се препуштам на нарцистички теориски изливи додека ти си изложена на вистински загуби? Те молам, ако можеш и сакаш, зборувај ми за твојата ситуација во затворот: за својот дневен ритам, за малите приватни ритуали кои го олеснуваат преживувањето, за времето кое го имаш за читање и пишување, за тоа како другите затвореници и чуварите се однесуваат кон тебе, за контактите со твоето дете... вистинското херојство лежи во навидум малите средства за организирање на животот за да ги преживееме лудите времиња, а да не го изгубиме достоинството.

Со љубов, почит и восхит, мислам на тебе!

Славој


16 април 2013


Драг Славој,

Дали современиот капитализам навистина ја престигна логиката на тотализирачките норми? Или само треба да нѐ увери дека ја надминал логиката на хиерархиските структури и нормализацијата?

Додека бев мала, сонував да се занимавам со адвертајзинг. Бев заљубена во таа индустрија, и затоа сега можам да ја проценам нејзината вредност. Анти-хиерархиските структури на доцниот капитализам всушност се само слики од успешната рекламна кампања. Современиот капитализам мора да се прикажува како флексибилен и дури по малку ексцентричен. Сѐ е насочено кон освојувањето на емоциите на потрошувачите. Современиот капитализам настојува да нѐ увери дека оперира во склад со принципите на слободната креативност, бескрајниот развој и разновидноста. Со таа површна глазура се покрива стварноста во која милиони луѓе се поробени од семоќната и фантастична стабилна норма на производство. Ние сакаме да ја соголиме таа лага.

Не треба да се грижиш дали се занимаваш со теориски констуркции додека јас страдам во „вистински тешкотии“. Ги ценам своите строги ограничувања како предизвик. Вистински сум љубопитна: како ќе излезам на крај со оваа ситуација? И како можам да ја претворам во продуктивно искуство за мене и моите другарки? Наоѓам извори на вдахновение; тоа придонесува за мојот развој. Не благодарение на, туку наспроти системот. И во таа борба ми помагаат твоите мисли, идеи и приказни.

Драго ми е што сме во контакт. Го чекам твојот одговор и ти посакувам среќа во нашата заедничка борба.

Надја


10 јуни 2013


Драга Надежда,

Длабоко сум посрамен од твојот одговор. Напиша: „Не треба да се грижиш дали се занимаваш со теориски конструкции додека јас страдам во вистински тешкотии“. Оваа едноставна реченица ми помогна да сфатам дека болежливоста на крајот на моето последно писмо беше лажна: сочувството за твојата мака всушност значеше „јас сум привилегиран да се занимавам со вистинска теорија и ти држам теориски предавања, додека ти си добра за известување за своето тешко искуство“. Твоето последно писмо покажува колку многу си повеќе од тоа, дека си рамноправна партнерка во теорискиот дијалог. Прими го моето искрено извинување за тој доказ на длабока вкоренетост на машки шовинизам, посебно кога е сокриен зад сочувството за туѓото страдање, и дозволи да продолжам со нашиот дијалог.

Лудата динамика на глобалниот капитализам го отежнува и осуетува делотворниот отпор. Сети се на големиот бран протести кој се прошири низ Европа во 2011 година, од Грција и Шпанија до Лондон и Париз. Дури и без конзистентна политичка платформа која би ги мобилизирала луѓето, протестите беа дел од широк образовен процес: очајот и незадоволството на демонстрантите се трансформирани во голем чин на мобилизација - повеќе од стотина илјади луѓе се собраа на јавните плоштади за да кажат дека им е доста, дека така повеќе не може. Меѓутоа, тие протести на крајот испаднаа само уште еден наивен гест на бесно одбивање и подеднакво апстрактно барање правда; им недостигаше способност да го преведат тоа барање во конкретна политичка програма.

Што може да се направи во таква ситуација, кога демонстрациите и протестите не се од корист, кога демократските избори не се од корист? Можеме ли да ги убедиме уморните и изманипулирани маси дека не сме спремни само да го подриваме постоечкиот поредок, да учествуваме во провокативен отпор, туку и да понудиме изгледи за нов поредок?

Перформансите на Pussy Riot не можат да се сведат само на субверзивни провокации. Под динамиката на нивниот гест, постои внатрешна стабилност на цврст етичко-политички став. Во некоја подлабока смисла, токму денешното општество е зафатено од лудата капиталистичка динамика без внатрешна цел и мерка, додека всушност Pussy Riot нуди стабилен етичко-политички став. И самото постоење на Pussy Riot им говори на луѓето дека опортуниот цинизам не е единствена опција, дека сме целосно дезориентирани, дека сѐ уште има општо добро за кое вреди да се бориме.

И јас ти посакувам среќа во нашата заедничка борба. Да се биде верен на нашата општа цел значи да се биде храбар, посебно денес, а како што гласи старата поговорка - среќата ги следи храбрите!

Твојот Славој


13 јули 2013


Драг Славој,

Во последното писмо, напишано набрзина за време на работата во кројачницата, пропуштив да ги појаснам разликите помеѓу „глобалниот капитализам“ во Европа и Америка од една, и во Русија од друга страна. Меѓутоа, ме разбеснија неодамнешните настани во Русија - судењето на Алексеј Навални и донесувањето на неуставниот закон против слободата. Принудена сум да зборувам за специфичните политички и економски практики во мојата земја. Последен пат чувствував ваков бес во 2011 кога Путин најави дека по трет пат ќе се кандидира на претседателските избори. Мојот бес и одлучност доведоа до создавање на Pussy Riot. Што ќе се случи сега? Времето ќе покаже.

Овде во Русија имам силен впечаток за цинизмот на земјите од таканаречениот прв свет во однос на посиромашните народи. Според моето скромно мислење, „развиените“ земји покажуваат претерана лојалност кон владите кои ги угнетуваат своите граѓани и ги кршат нивните права. Европските и американските власти без резерва соработуваат со Русија, додека таа наметнува средновековни закони, а опозиционите политичари ги испраќаат на робија. Соработуваат со Кина каде луѓето се толку угнетени што ме фаќа ужас и од самата помисла на тоа. Каде се границите на толеранцијата? И кога толеранцијата станува соработка, конформизам, соучесништво?

Циничниот став „нека секој во својата земја прави што сака“ повеќе не е одржлив, бидејќи Русија, Кина и сличните држави сега се дел од глобалниот капиталистички систем.

Русија на Путин, длабоко зависна од трговијата со суровини, би била значително ослабена кога нациите кои увезуваат руска нафта и гас би покажале храброст во своите уверувања и би престанале со купување. Кога Европа би направила дури и скромен чекор како усвојување на „Законот Магницки“ [Законот Магницки ѝ овозможува на Америка да ги стави под санкција оние руски официјални лица за кои се сомнева дека учествувале во кршењето на човековите права]; од морална страна тоа би можело да има огромно значење. Бојкотот на зимските олимписки игри во Сочи 2014 би бил уште еден етички гест. Но учеството во трговијата со суровини е премолчено одобрување на режимот во Русија - не со зборови, туку со пари - и ја разоткрива желбата да се сочуваат политичкиот и економскиот статус кво и поделбата на трудот која лежи во суштината на светскиот економски систем.

Го цитираш Маркс: „Општествениот систем кој стои и ’рѓосува... не може да опстане.“ Па сепак, јас сум овде, ја одработувам својата затворска казна во земјата во која десетина луѓе кои ги контролираат најголемите сектори на економијата се истовремено и најстари пријатели на Путин. Со некои студирал или тренирал, со други работел во КГБ. Зарем тоа не е општествен систем заглавен во место? Зарем тоа не е феудализам?

Славој, искрено сум ти благодарна на нашата преписка и едвај го чекам твојот одговор.

Твоја Надја


Преписката ја приреди магазинот Philosophie во соработка со New Times. Подолги верзии може да се најдат на германски јазик на philomag.de или на француски јазик на philomag.com.

Извор: The Guardian

Слични содржини

Свет / Теорија / Историја
Општество / Европа / Свет / Теорија
Свет / Теорија
Европа / Свет / Теорија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото