Груевизмот како фашизам и комунизам во едно?

19.11.2013 16:07
Груевизмот како фашизам и комунизам во едно?

Кој предизвикал поголемо зло, комунизмот или фашизмот/нацизмот? Дали можат да се поистоветуваат комунизмот и фашизмот/нацизмот? Дали Европа е изворот на најстрашните политички процеси во 20 век? Дали колонијализмот е предвесник и исто толкаво зло како фашизмот и комунизмот? За сите овие важни прашања мошне интензивно се дебатира последниве децении. Прашањата за улогата на комунизмот и фашизмот дотолку станаа поприсутни зашто одново, како во првата половина на 20 век, ширум светот драматично паѓа довербата во парламентарната демократија. Башка, зад големите зла на комунизмот/фашизмот многу често се обидува да се скрие неолибералната револуција која сеуште трае и која последниве триесетина години изврши досега историски незабележана „прераспределба“ (т.е. грабеж и пљачка) на јавните ресурси (само еден податок за големината на извршениот грабеж: во целиот 20 век односот меѓу најниските и највисоките плати бил максимално 1:25. Последниве дваесет години тој однос е 1:150).

За овие теми можеби ќе пишувам следниве недели. За денес одбрав да ја покажам сличноста на некои важни и заеднички особини на комунизмот и фашизмот низ примерот на груевизмот, најголемото политичко зло што ѝ се случило на Македонија последниве 70 години.

Фикционалноста, наметнатата, вештачката стварност е една од главните заеднички особини и на комунизмот и на фашизмот. Сè што може да се види во едно такво тоталитарно општество всушност е колосална инсценација. Во таа инсценација целиот свет станува сцена: избирачите се преправаат дека гласаат, судиите дека судат, управителите дека управуваат, новинарите дека ја пренесуваат и анализираат стварноста, бизнисмените дека тераат бизниси надвор од контролата на државата-партија; синдикатите го глумат однесувањето на вистинските синдикати, културните работници божем ги изразуваат чувствата, селаните и работниците се преправаат дека работат до изнемоштеност. Во тој свет постојат снажни филтери и насочувачи дури и за метафорите, за апла фикциите, уметничките дела, кои исто така служат да ја зголемат општата фикционалност и анестезија.

И за фашизмот и за сталинизмот, како и за груевизмот, заедничка е токму фикционализацијата на целокупниот општествен живот. Фикционализацијата и култот на личноста во таквите тоталитарни општества ја отстрануваат секоја пречка пред потполно арбитрарното дефинирање на општествената стварност. На пример, принципот на демонизација станал главна политичка енергија за време на сталинизмот. Политиката се претворила во егзорцизам, пишува Моше Левин во книгата „Сталинизмот и нацизмот“. Идеолошките конструкти како што се „бившите луѓе“ („комуњари“), „непријателите на народот“ („соросоиди“), „општествените натрапници“ („неверници, богохуљи, педери и лезбејки“ итн.) биле мошне карактеристични за теророт наложуван од врвот и ентузијастички спроведуван одоздола.

Хана Арент во својата книга-учебник „Потеклото на тоталитаризмите“ тој политички процес го опишува како евакуација на здравиот разум во комбинација со наметнувањето над-разум: „Лудилото на таквите системи не лежи само во нивната прва премиса туку и во самата логика која послужила тие да се создадат. Чудната логика на сите ’изми’, нивната простодушна вера во спасувачката вредност на тврдоглавата послушност без оглед на специфичните, променливи фактори, веќе ги носи првите клици на тоталитарното занемарување на реалноста и на фактичноста.“

Франц Кафка во својот антологиски расказ, едно од најважните прозни четиви на 20 век, „Во казнената колонија“ дава совршена слика на еден таков тотален систем воден од исти такви тотални луѓе. Патникот го прашува Офицерот дали Стариот Командант е сè во едно: „Војник, судија, конструктор, хемичар, цртач“? Хитлер и Сталин на сличен начин се претставувале како водач, генерал, лингвист, архитект итн.

Денешниот македонски „пастир“ е тотален човек од истиот ков. Врши сеопфатен културен и историски инженеринг; на факултетите им наложува според кои учебници ќе работат, на бирократите им држи предавања по етика, главен е - и тоа во историски рамки - урбанист и архитект, самиот ја води целокупната внатрешна и надворешна политика... Опкружен е со послушни, голобради, недоветни. И тука неговата партија-фамилија, како срж на неговата приватна држава, е речиси пресликана структура на тоталитарна деспотија. Познато е, на пример, дека за време на кинеската „Културна револуција“ (во која беа убиени повеќе милиони луѓе) четрнаесетгодишни ученици биле сметани за „извор на револуционерната мудрост“. Истиот механизам го имало и во страшните комунистички режими во Виетнам, Камбоџа, Кампучија: наоружаните млади пилиштарци претставувале не само физичка, туку и идеолошка и интелектуална моќ; младите необразовани селанки често го заменувале, најчесто со катастрофални последици, постариот и поискусниот кадар. Целокупниот министерски кабинет на македонскиот „врховен архитект“ структурно, по многу свои особини, наликува на најстрашните комунистички и нацистички примери од 20 век (некоја идна анализа веројатно ќе покаже дека во историјата на парламентарната демократија не постоел помлад владин кабинет од оној на „пастирот“).

А зошто, како на нација и држава, ни се случи таа политичка регресија и ретардација во форма на „пастирот“? Од многу причини. Некои од тие причини придонеле, пред стотина години, и за појавите на комунизмот и фашизмот. Здивеаниот капитализам, неефикасниот и корумпиран парламентарен систем, ниската демократска свест, наследеното подаништво, слабите институции, неизградениот културен и идентитетски модел... сето тоа, наместо макотрпно да се создава, е полесно да се замени со една повеќе-помалку имбецилна но кобајаги решителна партија/водач. Но, и тоа е друга и мошне мошне комплексна тема...


Слики: Paco Pomet

ОкоБоли главаВицФото