Рибите

20.11.2013 09:13
Рибите

Знаевме со часови да лежиме и да гледаме во аквариумот. Особено после водењето љубов, кога музиката беше одамна завршена и само шлапкањето на водата се слушаше во собата. Беше поставен на средина на собата, на местото каде можеби некогаш имало телевизор. И никогаш не ни беше досадно, да лежиме и да ги гледаме рибите. Им ги знаев имињата на сите, иако ни таа ни јас не знаевме за сигурно кој пол се, сѐ додека некоја не почнеше да се зголемува. Потоа не им ги менувавме. Испадна дека Франко е женско, но остана да биде Франко. Испадна и дека Џорџо Агамбен е женско, и нему не му го сменивме името. Таа пишуваше магистерска за Агамбен, беше речиси опседната со него. Ми беше жал кога го продаде. Како да отстрани некој дел од нас, зашто тоа бевме ние - јас, таа, аквариумот, собата. Толку. И никој не знаеше за нас, освен двајца пријатели и нејзиниот брат со кого го делеше спратот од куќата. Понекогаш, во ниедно време, три-четири наутро кога обично си заминував од кај неа, се трудев полека да ја отворам вратата од нејзината соба и да не крцкам по скалите надолу, а го среќавав токму таму, на скалите, како се враќа полупијан од некаде. Тоа беше единственото место каде се сретнувавме. Љубезно ќе отпоздравеше и тоа беше сѐ. Не ни очекував повеќе. А сакав повеќе, знам дека и таа сакаше повеќе. Од сѐ. Можеби и затоа не преживеавме. Се чудам и како опстоивме толку години, затворени во стаклена кутија, како рибите. Таму се случуваше сѐ. Надвор бевме најдобри пријателки. Излегувања, забави, прошетки, кино, вечери, по некој викенд или годишен одмор. Ми текнува на една жена, старата, крупна г-ѓа Грломан со груби, машки раце, која редовно ни ја изнајмуваше собата во Суто Море, и редовно нѐ сожалуваше, дека секогаш летуваме сами, дека секогаш сме само ние. Посебно ја сожалуваше неа, зашто беше видливо постара од мене. И следниот пат со дечко да ми дојдеш - ќе ѝ се обратеше на испраќање. Знаевме по цели вечери да седиме на балконот, да разговараме, молчиме, читаме, или да гледаме филмови на лаптопот. Да го слушаме морето кое не се гледаше од собата, да јадеме гирици и да пиеме пиво, па ќе се сетевме на рибите и на тоа дали брат ѝ редовно ги храни додека е отсутна. А четири години го чуваше тој аквариум. Го купи некаде на почетокот на нашата врска, кога сѐ уште не знаевме точно што се случува меѓу нас. Го продаде зашто ѝ здосадило да се грижи за него, така рече. Да ја менува водата, да го одржува, да ја проверува пумпата и филтерот, да го чисти... Еднаш, на пауза од работа, во излогот на еден „гифт шоп“ видов електричен аквариум, малечок, топчест, светеше како ламба кога ќе го вклучиш, а пластичните рипки во него се вртеа во круг. Влегов во продавницата и прашав колку чини. Не беше скап. Веројатно некоја кинеска измислица. Продавачката ми покажа неколку, со различни форми и големини, но сакав ист таков како на излогот. Го извади од кутијата и го вклучи да провери дали работи. Работеше.

– За подарок ви е, да го пакувам? – ме праша.

-Да - ѝ реков, и некако ме расположи сето тоа, како ќе се смеееме кога ќе го отвори и здогледа. Никогаш ѝ немав подарено нешто слично, нешто толку кич. Ете, овој не бара одржување - си замислував како ѝ го давам додека продавачката ги виткаше украсните ленти со ножицата. Ми стоеше дома, во кесе, постојано заборавав да ѝ го однесам кога одев накај неа. Или кога понекогаш ќе се сетев, некако не ми беше денот за тоа, како да чекав некој повод за да ѝ го подарам. Еднаш кога влегов кај неа, видов дека на местото каде што стоеше стариот аквариум, беше наредила некои книги, за да не се почувствува празнината. И потоа, по навика, после водењето љубов, зјапавме во книгите, лежејќи на креветот. Агамбен беше меѓу нив, далеку постатичен. Не знам што си мислеше тогаш, дали ѝ недостасуваа или не. Никогаш не ја прашав, а и да ѝ недостасуваа, немаше да ми признае, го знам тоа. Не беше многу експресивна. Никогаш, во сите пет години колку што бевме заедно, ја немав видено да заплаче. За разлика од мене. Јас знаев да се расцмиздрам за сѐ и сешто. Страшно ја нервираше тоа. Само еднаш, кога дозна дека татко ѝ боледува од рак на грлото, видов дека ѝ се насолзија очите. Со години не зборуваше со него. Никогаш не ми кажа докрај и точно зошто. Кога и да ја отворев темата, само ќе одмавнеше со раката. Друг пат за тоа, ќе кажеше. За него и за нас, секогаш одбегнуваше да зборува. Но, немаше веќе каде. Почна да станува премногу мачно, премногу задушливо, премногу клаустрофобично. Шест месеци се разделувавме. Долги телефонски разговори, пораки, напорни средби и расправии кои не водеа никаде. Се истоштивме, и јас и таа. Ова е последен пат, така си реков кога излегував од дома. И ќе направам да биде што побезболно, и онака немавме сила повторно да се натегаме. Како кога одиш на инјекции, влегуваш, го тртиш газот, ти ја шибаат иглата, стискаш заби и толку. Така ќе биде овојпат. И нема нешто да сентиментализирам, ќе бидам расположена, ќе се разделиме пријателски... Ми текна на кесето додека го чекав таксито надвор и се вратив по него. Конечно.

Имав спремено насмеана фаца кога ја отвори вратата. Не беше расположена. Крцкав по скалите додека се качував нагоре, носејќи го аквариумот под рака, како лубеница. Не ни ме праша што носам. Не ни ме поздрави. Никогаш ја немав видено толку потиштена.

Влегов, сѐ беше на старото место. Книгите, креветот, масата, компјутерот, фотелјата. Немаше за што да се зборува освен за нас. И пак истото, и пак во круг. Настана мачна тишина. Не беше онака како што си замислував. Сакав веднаш да најдам некоја друга тема, и аквариумот ми дојде како нарачан.

- Абе, не виде што ти донесов - рипнав од фотелјата.

Божем радосно клекнав на подот и го раширив кесето. Ја извадив кутијата, ги растргнав лентите и го отворив аквариумот. Беше полутемно во собата, како и секогаш. Одев клечејќи на подот и го вклучив во штекерот. Го држев во рацете, и чекав рибите да почнат да се вртат во круг. Синото светло од аквариумот ми го осветлуваше лицето. Рибите не се вртеа. Само се слушаше некое зуење а тие стоеја како вкочанети.

-Не се вртат! - извикав.

Се свртев накај неа. Седеше во темното и молчеше. Се наведнав и посилно го пристиснав штекерот. Пак ништо.

-Зошто не пливаат? – реков разочарано. - Пливаа во продавницата.

Пак се свртев накај неа. Сѐ уште седеше вкочането како рибите и ме гледаше.

-Пливаа во продавницата... го пробав, го вклучив... зошто сега не пливаат? - викав и го тресев аквариумот. Седнав на подот, готова да заплачам. Аквариумот упорно зуеше, а таа упорно молчеше. Веќе не можев да издржам. Почнав да липам ко некое дете. Бев спремна дека тоа ќе ја изнервира, мразеше кога плачам. Го поттурнав глупиот аквариум за да не ми го осветлува лицето и солзите. Тогаш ја чув како стана. Се исплашив дека ако дојде до мене, ќе се расплачам уште повеќе. Во носот ја почувствував како доаѓа. Седна до мене и ме гушна.

- Не се секирај - ја чув како зборува. Ај не плачи... ќе го поправам.

Фала ѝ. Фала ѝ милион пати што се преправаше дека плачам за рибите. И двете знаевме дека не плачев за нив.

-Ќе го отворам утре и ќе го поправам - рече и ме гушна уште посилно.

Таа знаеше да поправа сѐ. Од чешми до компјутери. Речиси сѐ.

-Пливаа во продавницата - се чув како бамборам.
-Ќе го поправам, ќе пливаат пак - рече и шмркна - Не да ќе пливаат, има да летаат.
-Како во Arizona dream? - прашав потсмирено.
-Како во Arizona dream - тивко ми одговори по кратка пауза.

И толку. Сакав подоцна да ѝ се јавам или пишам, многу пати, но не го сторив тоа. Да ѝ кажам нешто мудро, за нас, за љубовта, нешто што го чувствував до срж, но никако нешто патетично, никако дека и покрај тоа што оттогаш поминаа многу години и имав уште многу врски и љубови, само нашата беше вистинска и само таа извираше од небото и такви клишеа, но ете, до денес денес, ништо паметно и оригинално не ми текнува.

Слики: Soey Milk

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото