Ако Европа се среди, ќе нѐ среди и нас!

20.11.2013 09:50
Ако Европа се среди, ќе нѐ среди и нас!

Информацијата која веќе подолго време кружи дека ЕУ, преводена пред сѐ од Германија, би можела да биде идниот покровител за решавање на спорот за името, е една сериозна, но сѐ уште неистражена опција.

Тешко е за оваа тема да се извлечат некакви претпоставки, а камо ли анализи, кои во прв план би го имале повеќедеценискиот спор за името и речиси изгубените евроатлантски аспирации на Македонија. Конечно, уште потешко е да замислиме дали една таква еволуција би можела да значи и некакво внатрешно политичко поместување и, конечно, благо излегување и транзиција од режимот или барем негово олабавување.

Премногу конјуктури и комплементарни односи има помеѓу спорот за името, напредокот кон ЕУ и режимизацијата на Груевски. На моменти изгледа дека решавањето на само едно од овие горчливи прашања, кои не се само изолирани проблеми, туку се и вкоренети, комплицирани и се погрешни процеси, можат да значат конечно поместување и подобрување на внатрешните економско-политички состојби во земјата.

Од друга страна, самиот таков процес на решавање на спорот, со сите непознати, носи одреден ризик, доколку овој режим биде кооперативен, а под режим мислам на дуото ДУИ – ДПМНЕ, да биде аболиран и трансформиран во некоја конечно прифатлива и проевропска десница. Нивното преживување на политичката сцена би била цената која мора да се плати ако сакаме решавање на спорот и враќање на Македонија на патот кон ЕУ.

Зашто, токму на тоа се сведува работата, односно, оваа работа и овој проблем може да го реши само оној што го разви до ненормални пропорции, само оној што кај народот се продава како националист и патриот, поточно има монопол над национално-идеолошкиот наратив. Од друга страна, рамката која ДУИ ја наметнува за општ политички консензус, е јасна асистенција за Груевски да не мора да испадне предавникот и да може да го амортизира незадоволството од евентуалното решение за спорот на избори.

Како што веќе реков, во целиот овој случај има премногу прашалници, а премалку одговори. Прво, не знаеме дали воопшто Грција би прифатила покровителство под ЕУ, особено под Германија, и како опозицијата ќе се постави во целиот процес. Затоа, повеќе од научно - фантастични сценарија, сакам да разговарам за тоа каква Европа нѐ очекува во новата година, кога треба да се сменат раководствата на европските институции и се очекуваат историски избори за Европарламентот.

Веќе пишував дека следната година, на 100-годишнината од Првата светска војна, е историска за Европа. Следните европски избори се сериозен тест за ЕУ, кога сите стравуваат од подемот на популистичките партии и движења во Европа. Во исто време, како што завршија изборите во Германија, европската локомотива, заедно со Франција мораат да се обидат да покренат силна иницијатива за ревитализација и за спасување на европскиот проект, загрозен од економската криза, од државните национализми и популизми и од националната себичност и недостатокот на заедничка политичка платформа.

Сето тоа во ситуација кога владата или големата коалиција во Берлин сѐ уште не е формирана, кога Берлин ќе мора да направи сериозни отстапки и компромиси кон суверената Франција и нејзиниот ослабен претседател, кога палетата на антиевропски партии и движења забрзано растат и почнуваат да коалицираат. Само минатата недела, двајцата најсилни лидери од екстремната десница, Марина ле Пен од Франција и Герт Вилдерс од Холандија се заложија за заеднички фронт во идниот Европарламент.

Во исто време, по европските избори треба да се најдат замени за Баросо, Ештон, Ромпуј, како и за претседатели на Европскиот совет и на Европарламентот. Ќе биде голема борба и интересно е да се види дали некои од поранешните советски сателити можат да добијат комесар или големите сили ќе сакаат комплетно да доминираат во институциите. Во секој случај, од аспект на евробирократите, 2014 година ќе биде мачна и тешка, закочена и бавна. Од тој аспект, ако очекуваме решенија од европските бирократи и апаратчици, 2014 е дефинитивно погрешна година.

Друга работа е дали и колку Германија ќе го понесе товарот на Европа на свој грб, не само во однос на Македонија и Грција, туку и во однос на Унијата која, за жал, не е на нивото на нормите и принципите кои ги проповеда. Тоа не ја намалува одговорноста на посебните земји членки или аспиранти, и Македонија под режимот на Груевски тоа многу добро го знае.

Затоа, одвишно е да зборуваме денес за Европа како татковина на демократијата и во нејзините норми да го бараме моралниот дух и наследство на континентот, или да тврдиме дека сме свесни за нераскинливите вредности на човечкото достоинство, слободата, еднаквоста и солидарноста, кога сето тоа изгледа како мртво слово на хартија.

Европа, денес, ако се бори за нешто, се бори не за нешто подобро, туку за спас од старите болести на овој континент. Европа дозволи и во рамките на нејзините граници да пролиферираат режими и популизми, национализми и авторитаризми. Зборувам за внатрешните разлики и недостатокот од солидарност меѓу една Атина и Берлин, или Париз и Мадрид, зборувам за авторитаризмот и национализмот во Унгарија, зборувам за една Македонија која од напредна и проевропска земја, стана темен вилает на Балканот.

Затоа, повеќе во Европа нема простор за бајки, митови и за лажни надежи, туку само прагматизам и работа за спас на проектот во урнатини. Ако една Германија одлучи да ја нормализира Македонија, да се помири со Грција и да го прекине економскиот експеримент што Европа го спроведува врз неа, тогаш тоа го прави и за свое добро, и за доброто на ЕУ.

Тоа треба да го направи токму во моментот кога и една Америка, па и цела Европа, Европската комисија, Монетарниот фонд, водат процес против Берлин и остро ја критикуваат дека заборавила на европската солидарност и инвестиции, дека нејзината агресивна извозно ориентирана економија е главната причина за финансиските проблеми на сиромашниот југ од Унијата.

Многумина се повикуваат на катастрофата која ѝ претходеше на Европа во 30-тите, дека Германија како водечка економска сила мора да покрене еден процес на потсетување на грешките од минатото и со тоа да тргне кон остварување на заеднички економско-политички процеси за заздравување на континентот и европскиот проект.

Тоа впрочем важи и за односот на Европа кон Македонија. Се покажа дека инсистирањето на евробирократите прво да си ја завршиме домашната работа, па потоа да чекаме Европа да помогне, не води никаде. Седум години ги толерираат погрешните политики на Груевски, за на крај и Европа да стане дел од проблемот.

Затоа, евентуалното вистинско преземање на водството од страна на Германија и тоа за цела Европа, па и за нашата судбина, може да биде клучно, но само доколку се отпочне еден реален политички и економски процес на решавање на проблемите, а не чекање тие самите да се решат. Нашата судбина неминовно е врзана за ЕУ! Доколку ЕУ почне политички процес на реална унификација, на реално соочување со кризата, со популистите, со себичните национализми, само тогаш, има надеж дека ќе се инволвираат и во овој дел од континентот и дека некој ќе почне да влијае и на нашиот мал диктатор. Силата на Груевски произлегува од фактот што и ден денес Европа не е заинтересирана за нашата интеграција, што особено една Германија не ја интересира дали ќе влеземе во ЕУ или не.

Конечно, како што забележува и Тимоти Гартон Еш, успехот на популистичките и националистички, антиевропски партии, може да имаат и позитивен ефект. Евентуалниот нивен успех на европските избори би можел да ги обедини традиционалните социјалисти, конзервативци и либерали во Европарламентот.

По примерот на големата коалиција во Берлин, би добиле и една голема коалиција во Брисел. Тоа би им дало простор за опозиционо дејствување, но надвор од нивните националистички агенди би ги изолирало на прашања кои засегаат реално и одговорно владеење. Во исто време би можеле да бидеме сведоци на нови генерации на демократи, кои по примерите на протестите во Бугарија и остатокот од континентот, би се бореле и би барале поголеми слободи, права, економска солидарност и сите оние придобивки кои денес се изгубени или ги чувствуваме како дадени.

Таквата евентуална еволуција, не би можела да не влијае и на Македонија и нејзиното апатично население кое денес живее една економско – социјално - политичка катастрофа, и е буре барут спремно да експлодира. По декември, можеби ќе изгрее Европското сонце, а само тоа сонце може да нѐ извади или да ни помогне да се извадиме од мракот на режимот.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото